Војната помеѓу САД и Шпанија е последниот воен конфликт, од стоте, кои ги презентиравме во ова истражување. Таа дошла на крајот на XIX век, кога во светот владеела колонијалистичка треска. Големите европски империи грозничаво се натрпреварувале која од нив ќе заграби повеќе територии во Азија, Африка и ширум Светското море. Французите и Британците веќе поседувале непрегледни колонии, а во битката се вмешувала и се’ помоќната Германија. Соединетите држави ваквиот развој на настаните го гледале со загриженост, ама не можеле порешително да дејствуваат бидејќи се наоѓале во голема економска криза. Златните резерви паднале под 100 милиони долари, што предизвикало паника меѓу капиталистите. Во Јужна Америка 1895 г. Британија иницирала криза околу границите на Венецуела, која се заканувала да ја загрози стогодишната Монроова доктрина („Америките на Американците“). Во 1896 г. се одржале избори, на кои победиле републиканците и нивниот претседател Вилијам Мек Кинли.
Победата на десницата набргу и’ ставила крај на економската криза, па стопанствениците веднаш се свртеле кон изнаоѓање нови пазари за намножените американски стоки. Тие увиделе дека американскиот маркет не може да ги консумира сите стоки произведени во САД и побарале власта да се ангажира во трката по колонии. Прв чекор во таа насока била анексијата на Хавајските острови, чие што бело население со години барало присоединување кон Вашингтон. Потоа на ред дошле островите Самоа, но главниот предизвик се наоѓал во самиот американски двор, односно во Карипското море. Тука се’ уште постоеле остатоци од некогашната шпанска империја, која ги имала задржано Куба и Порторико. Посебна посластица претставувала Куба, која што се наоѓала на неколку десетици наутички милји од Флорида. Таму од 1895 г. започнал огорчен анти-шпански бунт, а Американците планирале истиот да го искористат за свои цели, под паролата Куба либре.
Во книгата „Историјата на САД“ од Ален Бринкли, во поглавјето „Блескавата мала војничка“, опишан е тој американски „блиц-криг, со кој Соединетите држави се промовирале во светска сила. Како повод за војната била искористена експлозијата на бродот „Мејн“, укотвен во Хавана. Таму тој требало да ги евакуира американските граѓани што престојувале на Куба. Американските медиуми биле убедени дека зад експлозијата стоела Шпанија. Јавното мислење барало интервенција во полза на кубанските бунтовници. Војната била објавена во април, а завршила в август. Во спомената книга се доловуваат извесни детаљи околу „малата војничка“, како на пример улогата на полковникот Теодор Рузвелт: „Во голем дел, неговата слава се потпирала врз неговата улога во водењето на храбриот, иако донекаде непромислен јуриш нагоре, по ридот Кетл (јуриш кој бил незначителен дел од поголемата битка за блискиот рид Сан Хуан) и право пред цевките на шпанските топови. Самиот Рузвелт минал без гребнатинка, но речиси стотина негови војници биле убиени или ранети. Тој битката ја запаметил како ‘големиот ден на мојот живот’“ (с.462).
По победата на ридот Сан Хуан и во заливот Гвантанамо, владата во Мадрид сфатила дека ситуацијата на Куба е безнадежна. Таа и’ наредила на својата армада да се евакуира од Карибите, која тоа и пробала да го строи на 3 јули. Но, шпанската флота налетала право на американската заседа и целосно била уништена. Следело лесно завземање и на Порторико, по што Шпанците побарале примирје, потпишано на 12 август. Со мирот од декември истата година, Шпанија им ги препуштила на САД не само Куба и Порторико, туку и Гуам и Филипините, со што Америка станува светска поморска велесила. Благодарение на блескавите успеси, Мек Кинли е повторно избран за претседател на изборите 1900 г. За жал, само една година подоцна, тој ќе ја доживее судбината на својот славен претходник Абрахам Линколн, ќе биде убиен. На негово место доаѓа потпретседателот Теди Рузвелт.