Wednesday, July 31, 2013

БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ, МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ОСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ И ВМРО




Апстракт
МАНУ – Научен собир 100 г. од Балканските војни
3-4 декември 2012



Првата Балканска војна претставувала христијанско-исламска пресметка на балканските православни држави Бугарија, Србија, Црна Гора и Грција против Османлиската империја за територијално прекројување на Балканот. Во претходните сојузнички договори територијата на Македонија била поделена на зони на влијание и оставена за конечно решение на спорните распределби по Војната и тоа со посредство и арбитража на рускиот цар.
Во таквите услови, македонското национално-ослободително движење се нашло затекнато без широко афирмирано политичко водство во својата национална средина и во политичките врвови на големите европски сили. Освен тоа, врските на македонските национални асоцијации, печатот и националните дејци во земјата и странство со раководството на ВМОРО биле занермарливи и без неопходното влијание. Нивната активност главно била сведена на дипломатска дејност, што поширока афирмација на македонскиот национален индивидуалитет и неопходната македонска државност, но немале политички и организациони структури што би можела да ги заштитат тие македонски интереси.
Дознавајќи за тајните преговори на балканските сојузници, раководството на ВМОРО формално зазело став против дележот на Македонија, но приклонето на општите бугарски државни интереси („да се спаси бугарска Македонија цела“). Не случајно, таа никогаш не проговорила за македонската нација, за македонски литературен јазик, за македонската национална историја, за македонската национална црква, просвета и култура, па судбоносните решенија за Македонија и македонскиот народ ги препуштила на бугарскот државен врв и бугарската дипломатија. Било повеќе од јасно дека не може да се сочува целоста на Македонија, бидејќи таа била главниот влог на балканските сојузници за нивното учество во Војната.
Спроти избувнувањето на Војната, како внатрешен фактор на дестабилизација, водачите на ВМОРО ги организирале атентатите во Штип (ноември 1911) и Кочани (август 1912), со масовна осветољубива османлиска репресија врз мирното население, со цел да се забрза започнувањето и да послужи како еден од поводите за објавувањето на Првата балканска војна. Потоа, заедно со национално дезориентираната емиграција во Бугарија, со носталгичен локал-патриотизам, ВМОРО ги вклучила сиот свој оружен потенцијал или како логистика на бугарската армија. Во составот на тн. Македонско-одринско ополчение војувале дури 15.000 Македонци, распоредени во 12 пешадиски дружини (Битолска, Велешка, Дебарска, Коструска, Кумановска, Охридска, Прилепска, Серска, Скопска, солунска, Лозенградска и Одринска) на чело со бугарски генерал и истакнати бугарски офицери од македонско потекло, но упатени на Тракискиот фронт.
За помош на сојузничките војски на територијата на Македонија и Одринско, ВМОРО мобилизирала 54 чети и целата вооружена милиција. Освен тоа, за разузнавачки и диверзантски цели, со помош на Штабот на Македонско-одринското ополчение, главно од редовите на македонската емиограција во Бугарија биле испратени уште 47 чети во Македонија и 6 во Одринско. Тие биле организационо евидентирани со посебен формациски број во Штабот на македонско-одринските доброволечки одреди, формиран од генералштабот на Бугарската армија.
Постојните и новоиспратените чети во Македонија зеле учество во воените дејствија како помош на бугарската, српската и грчката војска. Но од своја страна, и српската војска под своја команда вклучила и чети на македонската економска емиграција во Србија, во рамките на српската четничка организација Народна одбрана, а при мобилизацијата во заземените делови на Македонија го оформила својот Доброволечки полк. Грчката армија, пак, ја формирала тнр. Света чета, главно од грцизирани Власи.
Сумарно, сојузничките војско во Македонија ги помагале стотина организирани чети, со околу 2.000 македонски комити. Но во ослободените населени места од македонските чети, или заземените население места од сојузничките сили не се востановувала местна македонска, туку нова заменета окупаторска власт. Веќе било доцна за било какво зачувување на целовитоста на Македонија и покрај залагањето на одделните дејци на ВМОРО, но не како етничка или национална, туку како географска територија. Не случајно еден апел на Тодор Александров завршува со паролата: „Да живее целокупна Бугарија!“ (30.5.1913). Формално пак била актуелизирана камуфлираната манипулација за автономија како провокација или прва етапа за приклучување кон Бугарија (избувнувањето на Тиквешкото востание, 19.6.1913).
Втората балканска војна само ги продолжила страдањата на македонскот народ во поделената Македонија помеѓу соседните балкански држави. Востаничките дејствија на ВМОРО во охридско-струшко-дебарскито регион во соработка со албанскиот револуционерен комитет биле примени како нова меѓусојузничка провокација. Како епилог, учеството на ВМОРО на страната на поразената Бугарија само го зголемила гневот на сојузниците, па со Букурешкиот мир (10.8.1913) поделбата на Македонија била бесповратно санкционирана, а таа настанала фактор на уште посериозна дестабилизација на Балканот.



Симо Младеновски ИНИ Скопје