Monday, September 30, 2013

Коле Чашуле: Блаже Конески, по многу години... објавено во „АНТИМЕМОАРИ“ (издание МАНУ 2009) ДЕЛ ОД ДУМАЊАТА ЗА ЕДНО ПРИЈАТЕЛСТВО


Бевме врсници, се дружевме, ама различни.
Тој навидум кроток, замислен, јас бунтовен, место не ме фаќаше... Тој приврзан, потонат во шахот пред или во берберницата на Тутевци, сиот размисла и комбинации кои би да го пречекаат со контра оној отспротива и да му одговори. Јас зајден во фудбалот како да е тој се‘ и сешто на векот.
Обајцата до гуша во своето. Тој навидум свенлив, повлечен, но со поглед кој чита. Јас прек, збрзан и готов и за спор, та дури и за кавга, дури и кога беше извесно кој ќе ја плати сметката. Тој, како што велевме, шетан, затоа што учеше во Србија, ние заседнати, затоа што го немавме префрлено дотогаш Плетвар. Најбогати со пат до Битола. Што не‘ здружуваше не проумував докрај, ни тогаш, ама еве ни сега: Како се роди и додржа нашето пријателство без препки и се срочи со заемна приврзаност.
Не думам кога, како и колку долго време поминало во другарувањето, додека стасавме во поезијата. Но стасавме.
Една квечерина, горе, на Брдо, како што го велевме ридот каде што е сега Могилата, Блаже спомна дека се обидувал да напише песна. Мене тоа – и тогаш – не ме возбуди многу затоа што бев заталкан во друга насока: накај момите и накај фрлање јадици за нив. А и накај комунизмот. А тие, пак, мои зајдености кога ќе се здружеа со фудбалот, не даваа можност, така барем мислев, да се заразам со нешто како поезија.
Нејсе, се заразив.
По тој разговор во нашите прошетки навлезе таа, поезијата. Блаже почна да ми кажува некои од стиховите а јас, таков каков што бев, зедов да ги судам, на што Блаже ми одветуваше со проштална насмевка. Една од оние кои се пријателски затоа што се, имено, и мајтап. Арно ама, кусо време потоа зедов и јас, за да не останам поназад, да срочувам песна. И срочив. Блаже ја пречека пријателски и некако покровителски, кое и ме окуражи.
Значи се испилија двајца прилепски – поети!
Ама имаше и трет, веќе познат и афирмиран, многу слушан, особено на калапењата. Поет слушан затоа што уште немаше отпечатено ништо.
Зборот ми е за Волче Наумчески.
Таки, здружени, вечерните прошетки и седења на тревата, ги престоривме во еден вид литературни читања. Најбавниот бев јас, најтемелниот беше Блаже, а најактивниот, немирникот, беше Волче. Со дарба да ја премине лесно и бргу границата од обичен говор до поезија, на што Блаже умееше да му одвети и со негова сорта мајтап.
И така една вечер, враќајќи се од прошетката, се случи она кое не сакам да се заборави.
Дента имав мака да срочам нешто како песна и затоа прашав, го прашав Блажета, има ли тој мака и каква му е. Блаже не успеа ни да ја отвори устата, кога влета Волче. Каква мака, рече, што е тоа мака. Јас такво нешто не знам. На тоа Блаже, како наплата за одземениот збор, му рече на Волчета штом му е толку лесно нека докаже. Само повели, му одвети Волче. И Блаже, таков каков што беше, секогаш готов за мајтап, се обѕирна и виде едно магаре како слегува натоварено со некаква облека и без стопан тргнато со папсан чекор накај нас.
Велиш не ти треба ни време ни мака, праша Блаже. Да, одговори Волче и ја лапна јадицата. Тогаш штом е така, рече Блаже, гледајќи ме строго да не ја расипам играта, штом е така еве, повели, срочи песна за магарено. За она што иде, му одговори Блаже, свесен дека јас нема да го предадам.
И Волче застана, се исправи, ги фрли рамениците наназад, , ја крена главата, се загледа во магарето и почна да ги рецитира стиховите како што му идеа.
И тогаш и сега жалам што не ги запишав, не знам дали Блаже не го направи тоа. Но ги думам како зборови.
Думам дека потекоа лесно и дека се доискажаа како мачнина од судбината што ги чека луѓето, а која не е далеку од магарешката. Ако да не е и потешка.
Бев готов да брбнам, ама се воздржав. Она што ме збуни и ме натера да молчам беше погледот на Блаже кој одеднаш се сведе. Се оддалечи. И наместо да се дорече како мајтап, кој јас гладно го чекав, се искажа како продолжен молк. До разделбата. Малку лут, јас решив да не попречам. Обидите, кога останавме сами со Блажета да добија одговор останаа недоветни до денес. Затоа и ги паметам. Не беа на Блаже, не му прилегаа. Кога и кому да ги раскажам  не добивам подбив како одговор. Затоа, сакам да верувам дека Блаже, гледајќи го Волчета вивнат во тоа што го говори, научи дека на возбудата, кога е вистинска и занес, не треба да и‘ се врати со мајтап.
Како и да е, јас заразен од Рацина се засилив како божемен поет. Блаже застана на цврсти нозе во определбата за поезија. Па така, по еден разговор со Блажета, дури и јас поверував дека нешто како поет може и да се испили во мене.
                ................................................................
А сега за нашата заедничка збирка песни.
По посетата на Софија и средбата со Тодор Павлов, за кој имам пишувано, решивме со Блажета да сложиме заедничка збирка песни. И ја сложивме. Се викаше По тро, демек по трошка и од едниот и од другиот.
Арно ама таа не виде свет. Јас тргнав да кревам востание и зготвената збирка остана, мојот дел кај мене, Блажевиот кај него.
Блаже тргна да стане тоа што е, а јас заскитав по планините, по затворите, за малку ќе дотуркав и под бесилка, па заборавив на мојот дел од збирката.
Ама тој, Блаже, не заборавил затоа што кога стана уредник на Нов ден ми се јави и побара да се видиме. Кога се видовме, ме покани да му напишам нешто за списанието. Мене тоа, признавам, ме заскокотка, па откако малку размислив седнав и го напишав Денот. Блаже ме запиша регрут во соработниците. И не се откажуваше.
Патиштата потем ни се разделија, Блаже тргна накај науката, јас заскитав десно и лево, според темпераментот. А и на лунките на времето.
Другарството продолжи.
Години подоцна, не думам колку, ми се јави Блаже и ме праша каде ми се стиховите од заедничката збирка. Му одговорив дека ниту знам ниту мислам да ги барам. Тој се изнасмеа и рече: Ти, таков ќе се искиниеш. И ми кажа дека стиховите се кај него, најдени во архивите на бугарската полиција. Ама без назнаки чии се. Веднаш, за да ме спречи да отидам потаму, рече дека тој ги изнанализирал и дека се навистина моите. И ми ги даде. Со тоа приказната за нив доби свој крај.
Имено, мојата мајка Стева Чашулејца, како што ја викаа, криејќи ги сите мои работи од полицијата, особено фотографиите и писмата, делот во кој биле и стиховите од збирката ги изнапикала, завиткани во мушама, како што ми призна, под ќерамидите на еден комшиски мудбак, Диканоскиот. Полицијата, претресувајќи ја целата околина, ги нашла и така почнал мојот пат како анонимен поет-илегалец, кој и ќе се останеше таков да не се најде Блаже да ми ги врати, можеби како предупредување да се барам другаде, не во поезијата. И со право
                .............................................
Децениите пријателување, соработка, и покрај тоа што ни се разделија патиштата, па јас заскитав и по светот а тој во науката, не изменија безмалку ништо во приврзаноста еден кон друг.
Бездруго дека нашето другарување не беше сето од ведри денови, имаше во нив и наоблачувања, па и некоја, и друга секавица, но ниту еден од нас не посака, не успеја да се оддалечи толку што да не се имаме секогаш на свој начин блиски.
А се вмешаа во тоа и вистинските далечини кога јас заскитав дури во Боливија, па Блаже ми дојде на гости, во придружба на Тито, бездруго да се израдуваме обајцата. Но и за да ме укори, како што рече, што не пишувам.
На што, каков сум, ја замилив Ванѓа да ми ги донесе, за да му ги покажам, педесетината страници од, тогаш проектот, Простум, на кое Блаже се изнасмеа и додаде дека од немирник и непредвидник каков што сум јас може да се испили, кој знае колку доцна, и поет!
Кое, за среќа, не се случи.
Но, затоа думањето, еве, се одборчува...
                                                                                                                Март 2003