Friday, May 31, 2013

Солун



Аман бе, Христодуле, што мераци удираш во кафулево „Лолобриџида“ на солунската рива. Си порачал нес-кафе и сахер-торта, и се шмекаш со згодната келнерка, ја загледуваш во тенките нозе и се чудиш што хулахопки беа тие нејзините, намерно фабрички божем искинати , па потоа ѓоа-закрпени, демек оросписки, баш за сервиторки со лесен морал, како шмеканата ти Фотини. Лезетски сркаш од густата нес-пена со чоко-прелив. Мласкаш со јазикот и се трудиш да ги разлачиш вкусовите на канела, какао, црно белгиско рендано чоколадо и обезмастена павлака. Гледаш во пучина и го пушташ мозокот на пасење. Не ти се мисли на дома, на климактеричната сопруга, на синот што го батали школото и се фати со спорт, на фирмата која има уште максимум година – две живот. Си велиш е, сега тука ќе си се опуштам и ќе мислам на убави работи. Ќе евоцираш спомени. Колку пати си бил тука? Едно дваесет пати во животот. Уште кога беше мал, во бивша Југославија, татко ти и мајка ти те носеа во овој град. Татко ти купуваше делови за фиќото, а мајка ти покуќнина и гардероба. Понекогаш ќе ти речеа, ај сега поседи малку сам во кола, ние само да тркнеме до оној дуќан; па те фаќаше страв – а што ако ме остават сам, како ќе се вратам дома. Но, по извесно време се враќаа и тебе ти се враќаше душата. После мајка ти ве тераше да појдете до пазароти  да купите маслинки за дома, а ус тоа ќе купеше уште мал милион грчки ѓаконии, на што таткоти негодуваше и за инат купуваше двелитраш узо и метакса со пет ѕвезди. На крај ќе те однесеа на ручек и ти стално ќе ти порачаа суфлаки оти многу ги сакаше, јали набодени на стапче како раженчиња, јали растурени во чинија.
После почна сам да си доаѓаш во Салоник, најчесто со друштво,  потоа и со девојките. Бидејќи немаше многу пари во џеб, ќе ги седнеше под Беаз куле им им раскажуваше како тука биле затворени Гоце и Даме, како онде гемиџиите ги дигнале во воздух „Гвадалкивир“ и Отоманската банка, како некаде на крајот на улицата Никифор Фока, онаа што излегува на Виа Игнатија, се наоѓала книжарницата во која била формирана ВМРО, а всушност добиваше на време, зашто тие нејќеа да слушаат лекции по историја, туку сакаа да ги однесеш во рибен ресторан, да ги качиш на телевизиската кула, да ги частиш рум-паста во слаткарница, а некои бараа и да носиш на плажа во Каликратија, ако беше поарно метео.
Потем извесно време го батали Солун. Не ти се чекаше за виза, те мрзеше да кампуваш со денови пред грчка амбасада, а и малку ти се огадија разноразните манолиевци кои штом ќе се изнервираа, ќе земеа и ќе ги фрлеа од пенџере сите пасоши што чекаа да бидат визирани. Па, едно време скроз ја затнаа границата, се преусмерија туристичките коридори накај Бугарија и Турција, па после накај Хрватска и Црна Гора, а по укинувањето на визите и кон западна Европа. Десетина години и повеќе немаше дојдено во Солуна-града и рака на срце многу-многу не ти недостигаше.
Арно ама, по извесно време почна да те фаќа иштаф пак да му се вратиш. Даго видиш онаков убав моќен сјаен и красен, како бел галеб што слетал на левиот горен агол на Егејот. Да го помирисаш  грозникавиот воњ на пристаништето, мешавина од тазе уловена риба, согорен дизел за бродови, очистени крлушки и загадени алги – тој смрдлив парфем кој кога ќе се вгнезди во нашите ноздрви не‘ лазат слатки морници. Посакпак а да ти се наежи кожата од визуелниот допир со морето, со бескрајниот син хоризонт, она што во мкд можеби највеќе фали. Тој поглед на морска шир, кој во себе така јако ја овоплотува идејата за слобода, пожела пак да го видиш,  да ги впериш очите во линијата каде што се спојуваат водата и небото. И да зјапаш во плавата перспективата цел час , без прекин, да медитираш и да сонуваш како еден ден, макар на 70 години ќе купиш стан во градот на александровата сестра и ќе умреш ѕверејќи се од тараса накај Крит. Исто како Дирк Бугар в Смртта во Венеција.
И одлучи – пак ќе одам за Евзони. Некако и ти се погоди – баш се беше сплеткал со секретарката на министерот и требаше да ја однесеш негде за викенд. Жена ти правеше ајвар кај свекрва ти и ја убеди дека треба да одиш на регионална конференција за екологија што ќе се одржи на солунскиот саем. Ја качи шатираната тајница во голфот и запаливте на југ. Се сместивте во некој од евтините хотелчиња кај Железничката станица. Опнавте еден квики, па задоволно се испруживте на полувалканиот лежај за двајца и запаливте по една цигара. Таа ти раскажуваше како министерот ја малтретира, како ја уценува да му обезбеди доказ дека целата родбина ќе гласа за неговите на следните избори ако сака договор на неопределено; колку лош здив има и како и‘ прави мобинг. Ти се правеше дека ги разбираш нејзините проблеми, а всушност знаеше дека што годе лошо да кажеш за министерот, уште во понеделник ќе те отчука за евентуални 10 осто плус на хонорарот.

Попладнето отидовте да се разодите на шеталиштето. Го поминавте целиот потег од Лучката капетанија до Александрос палас. Таа разнежено гледаше во брановите што се мрешкаа околу доковите и романтично се припиваше до твоите мишки. Ти се правеше важен со своите познавања од историјата, па и раскажуваше дека тука, каде што вие се движите, се шетале св. Кирил и Методиј и разговарале како племињата на мајка им Марија да ги описменат, за што добиле задача од царот на Византија. Па таму негде во одаите на цариградскиот Оксфорд, во Магнаурската школа, ја креирале првата словенска азбука, за од полудивите варвари, облечени во мечешки и волчји кожи, кои живееле во земуници насекаде околу Солун, да направат колку-толку цивилизирани Ромеи. Таа вџашено се џареше во тебе и ти велеше, леле колку си паметен, тебе треба да те стават за министер, а не оној морон кој не знае ни крстословка да реши, единствено за тендери го бива. Потем и‘кажуваше и за цезарот Галериј, последниот или петпоследен беше, пагански цар на Рим, чија триумфална капија стои на Вие Егнатија, торжествен белег на неговата победа над Персија. А и‘ ги покажа и археолошките останки на плоштадот на Галериј, извршителот на најбруталните колежи над раните христијани, но и творецот