Thursday, May 31, 2012

Цар Самуил и цар Отон Први



Неодамна падна предлог статуата на Цар Самуил да биде преместена на друга локација бидејќи сегашнава не е баш најсреќно избрана. Една од можностите е статуата да биде поставена на десната страна од Кејот на Камениот мост. Така би била во прекрасна паралела со статуата на царот Јустинијан, која исто така е изработена од извонредниот бел мермер од италијанската Карара.
Со цел поддршка на ваквата промена, ќе објавиме извадок од книгата „Средновековна Македонија 3“ на проф. Д-р Бранко Панов („Мисла„ 1985 г.). Станува збор за една од најзначајните книги објавени на македонски јазик, а воедно и една од најголемите. Ретки се нашите дела, како оваа или фамозната „Историја Славјаномачедонска„ од Ѓорѓија Пулески, кои надминуваат 800 страници.
Извадокот е дел од поглавјето „Охрид и охридската област од средината на 10. до крајот на 12. век



Градот Охрид и неговата поширока област уште во почетокот се наоѓале во средиштето на востанието. Територијата на бившата склавинија „Берзитија„, од која најпрвин била отстранета бугарската власт, се претворила во јадро на нвовосоздадената Македонска словенска држава, позната во науката како Самуилова, по основоположникот на новата царска династија. Инаку, некои од научниците претположиле дека во овој дел на Македонија живеел и дејствувал таткото на водачите на востанието, комитот Никола. Г. Беласчев, на пример, смета дека комитот Никола најверојатно ги владеел земјите4 на словенското племе Берзити, со силните тврдини и градови: Охрид, Преспа, Девол, Божиград, Колонија, дринопол, Канина, Костур, Битола, Прилеп, Кичево, Дебар и др. Речиси идентично гледиште застапува и Ив. Венедиков, кога вели дека комитот Никола живеел во рамките на Деволскиот комитат и дека умрел најверојатно меѓу 970-976 година. Исто така и Б. Прокиќ, Д. Ташковски и Д. Перовиќ се изјасниле дека кнезот Никола и неговиот синови потекнувале од племето Берзити. Иако прашањето околу потеклото на родот на кнезот Никола и натаму останува отворено, сепак од расположливите изворни податоци можно е да се увиди дека дејноста на комитот Никола и неговите синови најмногу била врзана за територијата на бившата склавинија „Берзитија„. Во прилог на тоа говори пред се фактот што сите постојани и подвижни престолнини на македонската држава (Препа, Охрид, Битола и Сетина) се наоѓале на територијата на бившата склавинија „Берзитија„ , како и фактот што надгробниот натпис од с. Герман, подигнат од Самуил во чест на татко му Никола, мајка му Рипсимија и брат му Давид, потекнува од Преспа.
Прва престолнина на македонската држава станал градот Преспа, кој се наоѓал на островот Ахил на Мала Преспа. Во Преспа биле зиградени раскошни дворци дворци и величествен храм. Уште оед почетокот на чело на државата се наоѓале четворицата браќа-комитопули, што значи дека постоело четиривластие (тетрархија). Синовите на кнезот Никола уште додека тој бил жив успеале не само да ја консолидираат својата држава туку и доста и да ја прошират. Иако од расположивите изворни податоци не е воззможно со сигурност да се утврди територијата што била опфатена во рамките на македонската држава во првите години од нејзината егзистенција, сепак со сигурност треба да се смета дека таа, освен Југозападна Македонија, опфаќала и други области во Македонија. До 976 година нејзините граници веќе допирале дури до Серез и Разметаница, односно до р. Струма.
Во 971 година новиот византиски император Јован Цимискиј (969-976) успеал да ја отстрани руската опасност од Балканот. Веднаш потоа тој целосно ја потчинил територијата на Бугарија, со што ставил и крај на постоењето на Првото бугарско царство. Бугарскиот цар Борис 2 заедно со брат му Роман биле однесени како заробеници во Цариград. Заедно со нив била испратена во Цариград и бугарската царска круна. Со тоа Бугарија била претворена во обична византиска провинција. Истото тоа се случило и со Србија.
Македонската држава која и по 971 година продолжила да егзистира морала да ја признае врховната власт на Византија. Стјепан Антолјак смета дека ерменското потекло на императорот Јован Цимискиј и на четворицата браќа-комитопули влијаело во сето време на нивното владеење тој да ги остави на мира, не нарушувајќи ја самостојноста на нивната територија, па дури и фаворизирајќи ги.
Во периодот од 971-976 година, комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самуил иако ја признавале врховната власт на византискиот император, успеале да извојуваат и меѓународно признание на нивната држава. Тоа го овозможил и самиот император Јован Цимискиј, кога допуштил двајца од браќата да отидат во 973 година на дворот на германскиот император Отон 1 во Кведлинбург за заедно со другите европски владетели да му ги честитаат велигденските празници и да го удостојат со подароци.