Monday, July 30, 2012

Шопенхауеровата паралипомена


Еден од највлијателните филозофи на 19. и 20. век бил Артур Шопенхауер. Од него се инспирирале Ниче, Фројд и многу друго модерни мислители. Следуваат 40-тина негови максими, објавени во вид на мото пред секое поглавје од книгата „Лечење Шопенхауером“ од американскиот психоаналитичар  Ирвин Д. Јалом

 
-Секое наше вдишување ја одбива смртта која постојано се заканува... На крајот, смртта мора да триумфира затоа што со раѓањето станува наша судбина која на кратко се поигрува со пленот пред да го проголта. Но сепак, многу заинитересирано и ревносно ги живееме своите животи што подолго можеме, токму како што се трудиме да направиме што поголем и потраен меур од сапуница иако сме наполно сигурни дека ќе пукне.
-Екстаза во актот на копулација. Тоа е тоа! Тоа е вистинската суштина и јадрото на сите нешта, цел и сврха на целокупната егзистенција.
-Животот е мизерија. Се одлучив да го поминам во размислување околу тоа.
-Талентот е налик на стрелец кој ја погодува метата која што за другите е недостижна; генијот е налик на стрелец кој ја погодува метата која што за другите е невидлива.
-Среќниот живот е невозможен – најдобро што може да се постигне е херојскиот живот.
-Цврстиот темел на нашиот поглед на свет, па оттаму и неговата длабочина или плиткост, се формираат во годините на детството. Таквиот поглед потоа се разработува и се усовршува, но суштински не се менува,
-Религијата има се’ на своја страна: откровение, пророштва, заштита од власта, највисоко достоинство и еминенција... и над се’ непроценливи прерогативи кои што дозволуваат, во текот на нежниот период на детството, во умовите да втиснат свои доктрини, со што стануваат безмалку вродени идеи.
-Бескрајниот простор за безброј блескави сфери, околу кои се вртат десетици помали светликави, врели и во јадрото обвиткани со ладна тврда кора, од чија што мувлосана опна се продуцираат битија кои живеат и знаат – тоа е ... реалност, свет.
-Само што е страшната активност на гениталниот систем се’ уште успана, а мозокот веќе има потполна живост, детството е доба на невиност и среќа, рај на живеењето, изгубениот Еден на кој копнежливо му се навраќаме во текот на целиот преостанат живот.
-Најголемата мудрост е уживањето во сегашноста да се стори врвна животна цел, затоа што таа е единствена реалност, сето останато е игра на мислите. Но, исто така, можеме да ја нарекуваме и најголема глупост, затоа што она што трае само миг и исчезнува како сон, никогаш не заслужува сериозен напор.
-Кралевите своите круни и своите жезла ги оставиле овде, и хероите својте оружја. Но, најголемите духови меѓу нив, кои од себе изливале сјај, а не го добивале однадвор, тие својата величина ја носат со себе.
-Кога на крајот на своите животи повеќето луѓе ќе погледнат наназад, сфаќаат дека живееле низ привременост. Ќе бидат изненадени дека виделе оти она што допуштиле да им се измолкне без благодарност и уживање, бил заправо нивниот живот. И така, заведени со надежта, танцуваме во пресрет на смртта.
-Лицето со возвишени, ретки духовни дарби е приморано да работи она што исклучиво носи корист, тоа лице може да се спореди со најубаво насликана скапоцена вазна употребена како кујнски ќуп.
-Вредно е за внимание и треба да се напомене дека човекот, покрај живеењето во конкретното, секогаш живее друг живот во апстрактното... (каде) во сферата на мирното промислување, тоа што претходно наполно го обземало и интензивно го придвижувало, сега изгледа ладно, безбојно и далечно: тој само гледа и регистрира.
-Само машкиот интелект, заматен со сексуален импулс, може тој пол со мал раст, тесни рамења, широки колкови и куси нозе да го нарекува поубав пол.
-Големите страдања чинат оние малите да бидат речиси неосетни, и обратно, во отсуство на големи, не мачат дури и најмалите грижи и непријатности.
-Ништо повеќе не може да го вознемири ниту поремети. Сите оние безбројни нишки на волјата (преполни со стрепење, пожуда, бес и страв) кои не врзуваат со светот и не влечат напред-назад во постојано страдање – сите нив тој ги прекина. Се насмевнува и спокојно се обѕирнува како би фрлил поглед врз фантазмагоријата на овој свет, кој што сега пред него стои индиферентно како шаховска фигура на крајот од партијата.
-Цветот одговори: Ти, будала! Замислуваш дека цветам за да бидам виден? Цветам заради себе, затоа што тоа ми причинува задоволство, а не поради други. Мојата радост се состои во моето постоење и моето цветање.
-Живоста и полетноста на младоста, во еден дел, ја должиме на фактот дека на ридот на животот се качуваме, а не ја гледаме смртта која што лежи во подножјето на другата страна.
-Среќен е оној кој што еднаш засекогаш може да раскрсти со повеќето други човечки створови.
-Сексот не се двоуми да се наетне со своето ѓубре, да се вплете во преговорите меѓу државниците и во истражувањето на учените. Секојдневно уништува највредни односи. Потполно ги лишува од совест оние кои порано биле почитувани и исправни.
-Ако за својата тајна молчам, таа е мој заробеник; ако проговорам јас сум нејзин заробеник. Дрвото на молчењето носи плодови на мирот.
-Ако не сакаме да бидеме играчка во во рацето на секој неранимајко и предмет на потсмев на секоја будала, прво правило е да бидеме резервирани и недостапни.
-Во триесетите, ми беше навистина мачно и заморно да ги третирам  како на себе рамни створовите кои тоа навистина не се. Се додека е млада, мачката си игра со книжни топчиња бидејќи ги смета за нешто живо и слично на себе. Така беше и со мене во случајот со човечките двоношци.
-Малку се добрите начини на другите да им го поправите расположението. Еден од нив е да им раскажете за некоја неволја која неодамна ви се случила или да им откриете некоја своја слабост.
-Треба да ги ограничиме своите тежнеења, обуздаме своите желби и да го совладаме својот бес, секојаш имајќи го на ум фактот дека може да се достигне само бескрајно мал дел од она што вреди да се има.
-Нема ружа без трња. Ни има многу трнови без ружи.
-Не пишувам за толпата... Својата работа ја оставам на поединците мислители кои со тек на времето ќе се издвојат како ретки исклучоци. Тие ќе се чувствуваат онака како што се чувствував јас, или како што се чувстува морнарот – бродоломник на пусто острово, кому трагот на поранешните сопатници му носи повеќе утеха отколку сите каккадуи и мајмуни на дрвјата.
-Животот може да се спореди со парче извезена ткаенина, чие лице се открива во тек на првата половина на животниот век, а наличјето во текот на другата половина. Ова последното, не е толку убаво, но е поучно затоа што ни овозможува да согледаме како се поврзани нишките.
-Дури и без особен повод, јас сум во состојба на постојан стрепење поради што гледам и барам опасности и таму каде што ги нема; тоа бескрајно ми го зголемува и најситното гајле и максимално го отежнува заедништвото со луѓето.
-Великите дела, идеите кои зад себе ги оставаат суштествата налик на мене, ми се најголемо задоволство во животот. Без книгите, одамна би паднал во очајние.
-На учените луѓе и филозофите на Европа: за вас, брборко како Фихте е еднаков на Кант, најголемиот мислител на сите времиња, а безвредниот и безочен шарлатан каков што е Хегел се смета за длабок филозоф. Затоа и не пишувам за вас.
-Набљудуван од перспективата на младоста, животот е бескрајно долга иднина; од перспективата пак на стари години, личи на многу кратко минато. Додека испловуваме, објектите на брегот стануваат се’ помали и се’ потешко ги препознаваме и разликуваме; така е и со нашите минати години, со сите случувања и активности во нив.
-Кога ќе се роди човек како мене, останува да се посака само една надворешна околност – во текот на сиот живот, во најголема можна мера, да може да биде она што е и да живее за својата интелектуална моќ.
-Дали некој е вистински моногамен? Сите ние понекогаш, а повеќето од нас секогаш, живееме во полигамија. И бидејќи на секој маж му се потребни многу жени, ништо не е почесно отколку да се задолжат да се грижат за многу жени. Тоа ќе ја спушти жената до нејзината вистинска и природна позиција на подредено суштество.
-Секој што е вљубен ќе доживее огромно разочарување штом конечно ќе го доживее задоволството; ќе го вчудоневиди она што било толку посакувано, а не носи ништо повеќе од било кое друго сексуално задоволство и ќе сфати дека не добил бог зне што.
-Треба да сме попустливи спрема секоја човечка глупост, слабост и попрок, имајќи на ум дека пред нас се сопствените слабости, глупости и пороци.
-Иако некои не можат да ги олабават сопствените ланци, сепак можат да ги ослободат своите пријатели.
-На крајот на животот, ниеден човек, ако е искрен и при себе, не би посакал повторно да се го проживее истиот живот. Порадо би избрал воопшто да не егзистира.
-Можам да ја поднесам мислата дека моето тело мошне бргу ќе гио изедат црвите, но сиот се ежам на идејата дека филозофијата ќе ми ја грицкаат професорите по филозофија.
-Човештвото од неме научи нешто што никогаш нема да се заборави!