Saturday, August 31, 2013

НОВИНАРИ




А бе браќа журналисти, до какво дереџе дојдовте, бевте главни фаци до пред десетина години, сега сте пишии, не очекувавте дека ова чудо ќе ве снајде кога се запишувавте на Новинарство, си мислевте да се биде слуга на јавноста е гордост, еее колку е доблесно – си мислевте – меѓу државата и народот да го одберете народот, кога ќе се судри власта со малиот човек да се застане на страна на граѓанинот, со малечкиот индивидулец, оној кој што е заглавен на коридорите на администрацијата, во замоците на бирократизмот, се убедувавте дека највисоко благородство, повисоко од тоа на романтичните хусари кои за мала инјурија влетувале безглаво во двобој, е да се биде контра политиката „и увек контра и када грешим“, тоа ви беше ќеиф и гушт, и теравте така долго време, нејќевте да бидете врзано куче, подобро слободен волк – велевте, напаѓавте, не се плашевте, се боревте за вистината, таа врховна вреднотија, но за жал со две страни – нели – златното правило аудиатур ет алтера парс, не страхувавте дека и стапот како и вистината има два краја, па еднаш тепаниот со вистината по глава, друг пат станува тепач, јуришавте во првата борбена линија на демократијата, онаа де, што сите демократори што диктираат ја објаснуваат како владеење на мнозинството, како во акционерско друштво во кое оној што има 51 отсто ја поседува и фирмата, а забораваат дека, а ако е така, тогаш и комунизмот бил демократија, бидејќи во Сојузот на комунистите се одлучуваше по пат на демократски централизам, памтите не, им објаснувавте на самодржците, на кои им бевте смртни непријатели, им пишувавте текстови, правевте ТВ-дебати, вложувавте труд преку интервјуа да ги вразумите, да им објасните дека цело е кога има се’, дека буџетот не е лична сопственост на правителството, не ве слушаа, исто како што не ве чуја и тие на кои им велевте, алоо Македонија е ова, а не она труло кралство Данска, за кое и Хамлет имал што да каже, не е Македонија ниту златнозорска Грција, па да правиме тука династии, не ќе вирее тука феноменот папандреу или венизелос, а да не правиме муабет за луксембуршки и други валоа-стебла (може лихтенштајн, евентуално), ама не ве рецкаа, пуштете ги си викаа тие, што тие новинар „свезнајуќи незналица“, од кај знаат тие што де факто се случува, тие ниту сфаќаат што е тоа патријаршија, ниту разбираат какво е тоа егзархија, ве фортаа, ви местеа ситни проектчиња, ама и крупни аквизиции, не бевте одушевени, ама ексик нека е, си мрморевте, барем не мораме да одиме на избори, ова глаучиве секои 4 години се менуваат, а ние сме си вечни, воч-договски ќе набљудуваме што се збиднува и ќе откриваме корупциски афери, ќе истражуваме организиран криминал, и тука ја направивте клучната грешка, влеговте во стапица, не ви дотекна дека тоа не е ваша работа, дека за криминал има други надлежни, дека батките што примаат плата за тоа ве провоцираат да утрчате на теренот на законот, правото, судството и судниците, доцна сфативте дека не сте во ничиј интерес, дека како млада јунгфрау-вирџинија сакаат само да ве искористат, да ве употребат како алатка за курто да го смени мурто, а вие ќе си платите за се’, премногу бевте заслепени дали од љубовта кон професијата, дали политиката во заскокотка либидото, па си думавте, чекај, па можеби не се сите буџовани исти, можеби и меѓу нив има добри луѓе, чесни, деценти, поштени, и така ја загубивте главата и сега кога вие „глата во јазо....“  си думате – а да не се зезнав нешто во математиките?