Ова е прикзна за
парламентарецот Тони кој се затреска во пратеничката Азра. Тони беше од
христијанскиот блок, Азра од муслиманскиот. Уште пред да се најдат на иста
работа, него го беше убол стршленот на љубовта. Ја виде Азра преку ТВ на
прес-конференции и веднаш му се смати во главата. Оти тој немаше добар брак.
Сопругата почна да влегува во климактериум, што набргу се одрази на нејзината
психичка рамнотежа. Почна да хистеризира, да му се дере, да ги запоставува
домашните обврски, да искача навечер со колешките од работа. Со време,
интимните односи се проретчија – еднаш двапати во годината и тоа баш онака,
млако. Му замераше дека сите во партијата добиле повисоки функција, само тој
останал да крева два прсти во парламентот и да се смуца по партиски митинзи.
Третина плата даваше во комитетот, па за дома останува релативно скромни
средства.
И тогаш еден ден
ја виде на вести. Одма му западна за око – која е оваа лепотица, не личи за ...
Русокоса, плави очи, долги трепки навлечени до половина зеница, заби како
бисери, влажна уста, со еден збор – вистинска спонзоруша. А, зборува за права
на верски и етнички малцинства. Ај мори не бамбори, си кажа на почетокот, малку
права ви дадовме, уште ли сакате. Но, вниманието некако му лизгаше од нејзините
политички придики, а се задржуваше на физичката појава. Уау, каква рибетина.
Како ја потпишаа? – Азра. Па,не и‘ дале глупо име. Треба да се следи ова
суштество, си рече. Ете, и Тие почнале да се менуваат. Добро е тоа, можеби еден
ден стварно ќе се еманципираат. Е бе, браќа, луѓе ве направивме, а вие онака ни
вративте...
Од тој миг, не
пропушташе ниту еден нејзин настап. Секоја вечер чекаше дали ќе се појави на
А1, иако ја мразеше таа телевизија („името им значи Алах е еден или Албанија
прва“). Кога тоа и ќе се случеше, беше како замрзнат. Крвта му навираше во
образите, а срцето биеше како лудо. Адреналинот рипаше за 200 отсто. Најпрвин
ја скенираше како секс-апил, ама наскоро неговата опсесија доби други димензии.
Почна да се зацопува. Започна да му влегува под кожа. Да се зд’ткува кога ќе
чуе дека се зборува за неа. А, тек кога виде дека ќе бидат колеги, тотално се
шашардиса. Не занеше дали да скока од радост или да се секира, зашто скроз ќе
го опседнеше – го знаеше тоа.
Така и би. Со тек
на време, Тони се повеќе се вљубуваше во својата колешка. Го осетија во Партија
и почнаа да се плашат ептен да не забега. Додека на паузите се договараше
тактика, тој шеткаше по ходникот пред муслиманската пратеничка група. И оние од
коалицискиот клуб приметија дека Тони ја загубил главата и дека заборавил и на
партиски обврски и на се‘. Првин мислеа дека тоа ќе можат да го исккористат,
ама кога слушнаа дека овој рекол дека ќе ја менува верата само за да ја добие
Азра за жена, сфатија дека Тониво се претера.
И решија да ја пратат
Азра за амбасадорка во Турција.