Friday, March 23, 2012

СПРЕМ ТЕ СЕ СПРЕМТЕ ЧЕТНИЦИ


Рехабилитација на Дража Михајловиќ

Деневиве финишира судскиот процес за рехабилитација на четничкиот вожд Дража Михајловиќ. Овој српски генерал, кого мнозина во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина го сметат за воен злосторник, ќе биде рехабилитиран поради неговата соработка со Британија и САД. Ама и поради неговата безмалку патолошка омраза кон партизаните, комунистите, Хрватите и Советскиот сојуз. Рехабилитацијата на командант Дража беше повод да објавиме инсерт од веројатно најчетничкиот роман објавен во бивша Југославија, романот „Делби“ од Добрица Ќосиќ, издаден 1961 година. Инсертот фактички преставува глорификација на Ножот, како најомилено средство за работа на Дражиќевските четници

Беше створен кога и раката, иако од неа. По нејзиниот лик и обичај. Тој е нејзиното машко чедо, нејзин првенец. Од создавањето, не престануваат да се гушкаат. Тој живее само во нејзините прегратки. Пуштена од раката, ножот е мртов. Уште е понемоќна и побезнадежна е раката без него. Никој не дознал кој од нив двајцата е позаслужен за постоењето на светот. Ножот е историјата на човештвото.

            Изглед
Ножот има, најчесто, ситна глава, издолжен подаден врат и класично витка става. За разлика од толку други суштества, главата на ножот има речиси беззначајна функција. Бидејќи, од самиот постанок, човековата глава ја превзела врз себе функцијата за мислење, паметење,  смислување и одлучување, така главата на ножот останала неразвиена, повеќе како естетски облик кој назначува еден орган. Затоа вратот не само што е убаво развиен и убаво накитен, туку е и центар на нервниот систем, исклучително сензибилен, и центар на чулното допирање, вонредно чувствителен и со сетило за слух кое е пасивно и еднородно. Ножот не располага ни со сетило за вид, ни со сетило за вкус, затоа тие функции ги презел човекот. Автентична му е бојата на сончевата светлина или на крвта. Ставата на ножот е врв на формата, ремек-дело на човековата естетска култура, универзален облик, најсреќен спој на употребното и убавото. Тоа совршенство не било сериозно повредено дури ни во епохата на варварството. Во обликот на ножот креативно се остварува интегралното човештво. Во тој облик нема битни разлики меѓу расите и континентите. Ножот е израз и доказ на естетското единство и естетското братство на сите народи и на сите луѓе низ вековите. Ножот е естетски симбжол на нашата планета.

            Карактер и морално-психолошки присвојства
Ножот е голем егоцентрик и индивидуалист. Секогаш е сам. Пушките се редат во купови, топовите и тенковите исто така се редат во некаков ред, но ножот не трпи друштво. Ја обожува слободата, не поднесува дисциплина. Вон должноста, скоро е анархист. Идејното определување му е романтичарство. Чезнее за минатото. Тој е голем молчеливец и најголем конспиратор. Необично е подмолен. Неговите добри и зли намери ретко кој успева да ги разликува, уште поретко да ги воочи и спречи. Мошне е морбиден и ненадминато порочен. Обожува темно и мокро, а млако. Страсник е. И перфиден е. Врвот му е толку остар, па се чини безопасен. Лицемерен е и се служи со маска на играчка. Вонредно е подложен на трансформации и на промени на улогите. Адмиралските и маршалските сабјички и воопшто парадните сабји на мирнодопските армии, многу лесно и брзо се претворале во ками за сечење на грклани. Кариерата на ножот е најфантастична кариера. Потенцијално, секој нож, дури и кујнски, може да заврши во музеј како драгоценост на нацијата и на историјата. Зар еден меч со амблемите на славните претци завршил во рацете на разбојници и злочиници.
Инаку, мошне е нежен. Многу повеќе од човекот, чувствителен е на нечистотија. Ако од суета или од примитивност му се остават траги на победа, тој бргу огрдува, се разболува, остарува, му се скратува векот. Го разорува и уништува сопственото паметење. Во тој поглед, ножот е една суптилно чедна природа која, чезнеејќи за минатото, всушност живее само за иднината. Срамежлив е и не поднесува голотија. Кога ќе излезе од футролата и ако веднаш не се вработи, тој се срами и од себе и од човекот. Овој срам се одмаздува со смрт или со страдање на кукавицата со која живее. Позагадочен е и од најубавата жена. Особено ако е во футрола. Необично е спретен, снаодлив, окретен, вешт. Додека работи, послушен е и верен. Карактерот му е избувлив. Поклоник е на силата и самиот располага со неограничена сила, не толку зависна од големината. Снагата му е условена и му ја дава само омразата.
Затоа е можеби поинаков и апсолутно појак од својот создател и од раката со која се гушка. Ножот е – така се каже – бесмртен.

            Битни животни особини
Стравот му го одредува правецот и брзината на делување. Количината и видот на стравот, исто така му го одредуваат бројот на скоковите и траењето на неговото гнурење во мускулите и во крвта. Додека делува, е невидлив. Умее да мили (ползи, н.з.). Затоа можеби некои го викаат и Милица. А, обично е итер. И кога се спасува, личи на самоубиец, така се движи. Како и луѓето и нивните раце, и ножевите се со различни особини. Некои се создадени, пред се’, за грло. Тие се најубави и најмлади. Најелегантни и најнежни. Како фина рака. Како лоповски и прсти на свирач. Толку се високи. Нив највеќе ги носат кардиналите и пророците. Другите се создадени за ситната стока и за обичните луѓе. Тие се подолги, подебели, вратот им е најчесто од рог. Не се украсени, им служат на слугите и на обичните војници. Таквите живеат и со селаните, на нивните појаси, пред се’ поради одбрана. Интересно е дека ножовите што напаѓаат секогаш се украсени, сите тие се убавци и убавици. Да се збуни жртвата, да се одушеви, да се возбуди, или да се дарува со таква убавина, да се утеши,  да и’ се оддаде почит, да се сепне, да се надокнади векот, да се искупи смртта. Ножевите се верни и на кукавиците и на храбрите, иако почесто другаруваат со вториве. Им служат на љубовниците, на војсководците, на крадците, на кралевите, на месарите, на сите религиозни и политички цели. Исполнуваат многу човечки желби. Го бранат богатството и жените. Превземаат престоли и кеси. Донесуваат ниви и авторитет. Титули, чинови и звања. Создаваат национални чувства и ги пренесуваат на младите поколенија. Служат за потврда и афирмација на национаолните и верски уверувања. Го одземаат сонот и носат достоинство. Ги острат суетите. Ножот е најсигурна одбрана на традицијата. И сонцето и месечината слетуваат врз него.

            Творечки дела и заслуги на ножот
Со него се полни сите национални истории. Непрегледни бибилотеки. Грандиозни музеи низ Европа. Со степенот на знаење и познавање на историските заслуги на ножот се одредува општествената и граѓанската положба, платата, угледот и останатите јавни признанија. Со ножот се стекнуваат професорски, докторски и академски титули. Се обезбедуваат споменици по парковите. Во сите цивилизирани земји постојат високи школи и академии на ранг, на универзитети, на кои избраниците од сите годишта, ја проучуваат моќта и значењето на ножот. Со тоа знаење, може дури и без негова практична употреба, да се стане генерал и симбол на националниот суверенитет. Оставајќи ја на страна економската, политичката, техничката улога и значење на ножот, неговата функција во општиот напредок на општеството, треба особено да се подвлече естетското и етичкото значење на ножот.

Tuesday, March 6, 2012

КОМУНИСТИЧКИ КАПИТАЛИЗАМ


Една од најголемите заблуди што владее кај нас е таа дека државното сопствеништво во економијата било одлика само на комунистичките општества. Случајот со Република Турција го докажува спротивното. Имено, во текот на минатиот век, голем дел од турското стопанство било во сопственост на државата. Оваа пракса ја востановил уште Мустафа Кемал Ататурк, инаку познат како голем противник на комунизмот. Според книгата „Турција – кантри студија“, издание на Американскиот Конгрес, во 1931 г. Ататурковата Републиканска Народна Партија РНП го усвоила принципот наречен етатизам. Тој бил една од тнр. шест стрели на Ататурковата политика, заедно со национализмот, секуларизмот, републиканизмот итн. Според принципот етатизам, бил наложена активна владина интервенција во стопанството, со цел зајакнување на националната благосостојба и државниот просперитет. РНП го прогласила етатизмот како интермедијарен пат меѓу каипатилизмот и социјализмот. Во пракса, етатизмот ја пренел индустријализацијата на тнр. петолетки. Било наложено формирање државни претпријатија. По Втората светска војна, сите големи партии декларирале поддршка на етатизмот. Острата преориентација на турската економија по 1980 г. вклучуваше и одрекување од грото од етатистичката доктрина. Меѓутоа, таа и натаму продолжи да влијае врз турското економско мислење. Владата продолжи да го користи инструментот на државно планирање и формирање јавни претпријатија и после етатистичкиот период. Сепак, кон средината на 90-тите, продлабочувањето на владиниот долг наложи побрза редукција на државните стопански обврски. Со оглед на турската висока инфлација, несигурноста на работното место и невработеноста, етатизмот одново може да се врати во мода, смета анализата на Студијата.
Во неа се потсетува и на тоа во кои сектори биле формирани турски јавни претпријатија. Во текот во етатистичката индистријализација од 1930, владата сетирала многу државни компании. Во 1990, таквите компании продолжиле да доминираат во секторите кои биле сметани за национален интерес. Или сектори во кои приватните вложувачи се колебале да инвестираат, поради превисоките финансиски средства, кои ќе можеле да се повратат после подолг период. Јавните претпријатија се формирале во сферата на транспортот, комуникациите и енергетиката. Во 1964 била оформена Државна инвестициона банка со цел да обезбедува долгорочни кредити за државните компании. За нивно финансирање се грижеле и Централната банка на Турција, турскиот Трезор и пазарите на капитал, односно берзите. Кон средината на 90-тите, јавните претпријатија генерирале над 40 отсто од новосоздадената вредност и вработувале 550.000 трудбеници, што е околу 20 проценти од индустриската работна сила. Се’ до 1980, јавните фирми ги формирале цените во согласност со владините директиви. Но, по воведувањето на реформскиот пакет истата година, цените биле препуштени на пазарно формирање. Сепак, цените на некои побитни стоки, како на пример вештачкото ѓубриво, продолжуваат да бидат детерминирани од страна на владата. Исто така, државните фирми влијаат на маркетите кај земјоделските продукти, и тоа така што пропишуваат гарантирани откупни цени за аграрните стоки.
Покрај улогата во индустрискиот развој, државните претпријатија имаат и социјална улога. Програмата за поддршка на земјоделците ги стабилизира фармерските приходи, додека во истовреме, ниските цени на храната, електриката и јавниот превоз и’ помага на градската сиротиња. Таквата социјална ролја на јавните стопански субјекти ќе бидат од особена важност во кризно доба, какво што е сегашново. Турција не е одмината од рецесијата, иако некои тврдат дека арно и’ оди. Наспроти релативно високите стапки на пораст на бруто-домашниот производ, националната валута континуирано слабее. Минатата година таа изгубила дури 12,5 отсто од сопствената вредност, а нејзина двоцифрена девалуација се очекува и годинава. Тоа ги зголемува трошоците на приватните компании и ги грицка заштедите на граѓаните, поради што најбезбеден начин за одржување на социијалниот мир е нова пролиферација на државни претпријатија. Платите во таквите субјекти се можеби ниски, но барем се редовни.