Приказ на книгата „Науката и модерниот свет“ од американскиот математичар и филозоф Алфред Вајтхед
Ако Ниче бил можеби
главниот репрезент на европската нова континентална филозофија, тогаш меѓу важните
претставници на т.н. англо-американска аналитичка филозофија може да се вброи
Алфред Вајтхед. Овој , како што го нарекуваат „Кант на XX век“ оставил неизбришлива трага на современата
метафизика, а заедно со Бертранд Расел се смета за основоположник на правецот
познат како математичка филозофија. Неговото дело „Науката и модерниот свет“ е
еден од најеминентните трудови во сферата на „историјата на науката“. Ретки се
книгите како таа, во
кои преплетувањето на природните со општествените науки, олицетворени во
математиката и физиката со метафизиката, е предадено на толку впечатлив, а
истовремено разбирлив начин.
Алфред Норт
Вајтхед е роден на островот Тенет кај Кент, источна Англија, во 1861. Бидејќи
бил одличен ученик, татко му – англикански свештеник, го запишал на Кембриџ,
каде што дипломирал, а набргу бил избран и за „Фелоу“ на Тринит колеџот. Онаму
се запознава со својот ученик Бертранд Расел, со кого заеднички од 1910-13 год.
ќе ја издадат фамозната „Principia Mathematica“. Претходно, Вајтхед ќе го објави
„Трактатот за универзална алгебра“, а Расел „Есеите за основите на
геометријата“, што ќе ги упати професорот и студентот заеднички да ја создадат тритомната
„Принципи на математиката“. Годината кога излегува првиот том на ова колосално
дело, поради исполнување на услови за пензија, Вајтхед заминува од Кембриџ и се
префрла во Лондон. Таму најпрвин е наименуван за лектор на Јуниверсити-колеџот,
за во 1914 да биде назначен за професор по апликативна математика на
Империјалниот колеџ за наука и технологија. По Првата светска војна, во која го
губи синот, во 1922 Вајтхед станал претседател на Аристотелијанското друштво.
Веќе 1924 се сели во САД, каде што добива понуда за професура на Харвард, а
Британците во 1931 го бираат за член на Британската академија. Во Америка живее
до крајот на својот живот во 1947 и таму ги објавува своите најзначајни
филозофски дела, меѓу кои и „Науката и современиот свет“.
„Науката и
современиот свет“ на Алфред Вајтхед е објавена 1925, непосредно по селидбата во
Соединетите Држави. Имајќи предвид дека опусот на Вајтхед е поделен на три фази
– математичка, емпиричка и филозофска – ова дело се смета за меѓник помеѓу
втората и третата фаза. Со него завршува перидот во кој авторот се занимава со
концептите на природата и почнува последната творечка фаза, која познавачите на
неговото творештво ја нарекуваат пантеистичка, спекулативна и метафизичка. Преминот
од еден кон друг предмет на проучување се огледа и во самата текстура на
делото, во која првично се јавува еден слој – т.е. историјата на природните
науки, за над него да биде нанесен втор слој – оној во кој што професорот ги
изнесува контурите на неговата лична, автентична метафизика наречена органска
филозофија или „теорија на органски обрасци“. Во оваа пригада, направен е кус
пресек на првиот слој на предметнава книга.
На почетокот,
Вајтхед ги анализира извориштата на модерната наука, особено задржувајќи се на
математиката како „елемент во историјата на мислењето“. Од третото до шестото
поглевје, тој се задржува на развојот на научното мислење по столетија. Првото
столетие врз кое авторот врши пресек е XVII век, кој што тој го нарекува „столетие на гении“.
Таквиот епитет бурниот седумнаести век особено го заслужил – според Вајтхед –
поради појавата на четворицата генијалци: Галилеј, Декарт, Хајгенс и Њутн, иако
се потенцирани делата и на други тогашни научници, како на пр. Харви, Кеплер,
Хјум и Лок. Следуваат поглавјата во кои се прикажани научните достигнувања во XVIII
и XIX век, за во средишницата да се прејде кон
прикажување на некои од најспектакуларните теории на атомската физика до 1925.
Станува збор за теоријата на релативноста на Алберт Ајнштајн и за квантната физика
на Макс Планк и Нилс Бор. Исто така, иако не е опфатен во засебно поглавје,
Вајтхед рефлектира околу познатиот Мајкелсонов
експеримент, околу „принципот на неопределност“ на Вернер Хајзенберг итн.
Во завршниот сегмент на книгата, Вајтхед разгледува неколку клучни прашања,
како на пр. она за поврзаноста меѓу науката и филозофијата, но и меѓу науката и
религијата, како и околу есенцијалната теолошко-онтолошка кауза – Бог.