Tuesday, September 5, 2017

Хозе Ортега и Гасет: РЕВОЛТОТ НА МАСИТЕ


Поглавје XIV
КОЈ ГО ВЛАДЕЕ СВЕТОТ?

Европската цивилизација, тоа го имам повторено повеќепати, автоматски го произведе востанието на масите. Од една страна, тоа е мошне поволен аспект, како што нотиравме: револтот на масите всушност е едно те исто со фабулозното зголемување на квалитетот на човековата егзистенција, забележана во нашево доба. Меѓутоа, обратната страна на овој феномен е заплашувачка; таа претставува радикална деморализација на човештвото. Ајде сега да го разгледаме ова од нова гледна точка.
1.
Супстанцијата или карактерот на новиов историски период е резултанта, гледано од внатрешна страна - на човекот и неговиот дух; додека од надворешна страна – на формален или механички притисок. Во однос на второво, речиси без сомнение во прашање е феноменот на преместување на моќта. Што, од своја страна, води кон преместување на духот.
Консеквентно, кога се подготвуваме да истражуваме некаков период со цел негово разбирање, едно од нашите прашања би требало да биде: Кој го владее светот во денешно време? Денес човештвото е распрснато во различни групи без каква било комуникација, формирајќи внатрешни, независни светови. Во деновите на Милтијадис, Медитеранскиот свет не бил свесен за постоењето на Далечниот исток. Во онаква ситуација, прашањето: КОЈ ВЛАДЕЕ СО СВЕТОТ? –  ќе требало да го поставуваме до секоја засебна групација. Но, после XVI век, човештвото влезе во процес на унификација, којшто во нашите дни го достигнува својот најдалечен лимит. Не постој ниедна порција на човештвото која живее одвоено – нема изолирани острови на човековата егзистенција. Следствено, од тоа столетие наваму, би можело да се каже дека оној што го владее светот упразнува авторитативно влијание врз целата популација. Такво и беше шоуто исполнувано од хомогените групи, формирани од страна на европските народи, во текот на последните три века. Европа беше владетелот, а под нејзината здружена команда, светот живееше на обединет начин, или барем беше постепено прогресивно обединуван. Овој модус на живеење генерално ја стилизира Модерната епоха – една безбојна, не-експресивна фраза под која што се крие правата реалноста, а тоа е дека живееме ера на европската хегемонија.
Инаку, под „владеење“ примарно не подразбираме вршење материјална моќ, ниту физичка принуда. Овде се обидуваме да ги избегнуваме глупавите концепции, барем оние покрупните и поевидентните. Онаа стабилна, нормална релација помеѓу луѓето позната под името „владеење“ никогаш не почива врз сила; под сила се мисли на еден апаратус чија што машина за раководење применува „форца“. За да ја објасниме нашава теза, ќе разгледаме еден конкретен случај.
Наполеон водеше една агресивна воена „форца“ против Шпанија, но отворено да кажеме, никогаш на успеа да ја завладее Шпанија ниту на еден ден. И покрај тоа што располагаше со „Форца“, па можеби и баш поради тоа не успеа. Неопходно е да правиме разлика меѓу процесот на агресија и состојбата на поседување власт. Владеењето е нормално извршување на авторитетот, и тоа е секогаш базирано на јавното мнение, како денес така и пред иљада години, ем кај Англичаните ем кај Бушманите. Никогаш некој не владеел на оваа планета ако не го базирал своето правителство на јавното мислење.
Би можело да се мисли дека јавниот суверенитет е инвенција на правникот Дантон од 1789 г., или на Тома Аквински од XIII век. Концептот на суверенитет може да е откриен на едно место или на друго. Но, фактот дека јавното мнение е базична сила која го произведува феноменот на власт во човековите општества е толку стара и трајна, колку што е старо и човештвото. Во физиката на Њутн, гравитацијата е сила која предизвикува движење. Исто, и законот за јавно мислење е универзален закон за гравитација во политичката историја. Без него, историската наука би била невозможна. Оттаму и Хјумовата точна сугестија дека темата на историјата се состои од приказ на тоа како суверенитетот на јавното мнение – далеку од тоа да е утопија – всушност е она што се случува насекаде и секогаш во човековите општества. Дури и човекот кој се обидува да владее со јаничари, зависи од јаничарскиот опинион, како и од опининонот што населението го има за нив.
А, вистината е во тоа што нема владеење со јаничари. Како што Talleyrand му рекол на Напоплеон: „Сире, вие можете се’ да направите со бајонетите, освен да седнете на нив“. И така, да владеете не значи да земете и да ја приграбите власта, туку тихо да ја практикувате. Со други зборови, да седнете, да бидете на тронот, на коктел-столот, на предната клупа или на бискуповиот престол. Спротивно на сугестиите во мелодрамите, да владееш не е толку прашање на „цврста рака“, ами на тврда столица. Државата-стејт на крајот на краиштата е стејт-оф-опинион, состојба на еквилибриум.
Што правиме кога јавното мислење не постои? Општеството поделено на несложни групи, со јавни мненија кои се спротивставуваат едни на други, не оставаат простор за да биде конституирана владејачка моќ. И, со оглед на тоа што „природата мрази вакум“, празниот простор од одсуството на моќ, бидува исполнет со брутална сила. При што вторава се прикажува како супститут за првата. Следствено, воколку сакаме да го искажеме законот за јавно мнение како закон за историска гравитација, мора да ги земеме предид и случаите кога јавниот опинион е отсутен, па ќе стигнеме до општо познатата и обожувана формула според која: не може да постои владеење кое е во опозиција со јавното мислење.
Тоа не оспособува да разбереме дека владеењето означува доминација на јавното мнение, што ќе рече – на духот; владеењето не е ништо друго туку спиритуална моќ. Ова е со прецизност установено од фактите во историјата. Сета примитивна моќ има „сакрален“ карактер, бидејќи се базира на религијата. А, религијата е првата форма под која се појавува она што подоцна ќе биде познато како Дух-спирит, идеја, опинион; со еден збор, она нематеријалното и Ултра-физичкото. Во Средниот век, истиот феномен е репродуциран на широк опсег. Првото Државство на јавен авторитет кое е формирано во Европа е Црквата, со својот спецеифичен, фино дизајниран карактер на „спиритуална моќ“. Токму од Црквата, политичките сили ќе научат оти моќта е духовен авторитет што претставува своевидна преваленција на едни идеи над други, па затоа ќе го создаде Светото Римско царство.
И така, нараснува борба на две „могуштества“, кои имајќи на ум дека во основа не се разликуват (оти обете се сприритуални), постигнуваат договор кој што се однесува на категоријата време: неговите последици можат да се толкуваат како од аспект на временоста, така и од аспект на вечноста. И темпоралната моќ и релгиозната моќ подеднакво се спиритуални, ама едната го претставува духот на времето, јавното мислење, кое е земско/секојдневно и флуктуирачко, додека другата го претставува духот на вечноста, мислењето на Господ, Божјото гледање на човекот и неговата предестинација. Да заклучиме: во одреден период, извесни преференции, идеи, цели и аспирации доминираат со определен народ, група луѓе или групација народи.
Како оваа доминација да биде сфатена? Мнозинството човеци немаат мнение и тоа треба да биде впумпано во нивните глави, како мазиво во машина. Поради тоа, неизбежно е дека некој субјект кој практикува власт ќе се обиде да и’ го вметне своето мислење на мнозинството немислечка популација. Зешто во спротивност пак, без никакво мнение, животот на човештвото би се претвоеил во хаос, историска празнотија, која има недостиг од било каква органска структура. Консеквентно, без духовна моќ, без постоење команда, хаос ќе завладее со човековиот вид. Слично на ова, секое преместување на моќта, секоја промена на авторитетот, имплицира промена на јавниот опининон, а богами и промена на историската гравитација.
Да се вратиме сега од каде што почнавме. Неколку векови светот беше владеен од страна на Европа, која е конгломерат од народи сродни по душа/спирит. Во Средновековието, кога биле во прашање темпоралните работи, немало вакво европско владаење. Таков тип на управа недостасува во сите „средновековија“, затоа тогаш обично се случува хаос, варварство, дефицит на „паблик опинион“. И во тоа доба присутни се љубовта, омразата, копнежот и презирот, и сето тоа без ограничување; арно ама, отсуствува јавност. Овие епохи не се без сопствен шарм. Меѓутоа, во големите епохи човекот живее според одредени правила, кои можат да постојат само при постоење на јавност. И покрај тоа, и во старите времиња има примери за постоење команда, како што постои во Модерната ера, макар што само во одредени порции во светот: Рим бил великиот директор. Тој бил оној што воспоставил ред и поредок во Средоземјето и неговите граници.
Во ова пост-воено доба, кружи тезата дека Европа повеќе не го команда светот. Дали оваа дијагноза е реализирана во сета своја гравидност? Со неа, се прогласува преместување на моќта. Во која насока? Кој е тој што ќе ја наследи Европа во управувањето со Светот? Сигурни ли сме дека постои некој којшто може да ја замени Европа? Ако не, тогаш што навистина се случува и ќе се случува во иднина?
2.
...


(1930 год.)

Friday, September 1, 2017

Али Ефтекари: ЛУДВИГ БОЛЦМАН (1844 - 1906)


ВЛИЈАНИЕТО НА БОЛЦМАН ВРЗ МОДЕРНАТА ФИЗИКА (филозофско значење)
...
Атомизам
Атомизмот беше една од битните контроверзи меѓу филозофите и научниците. Важноста на атомизмот сега е очигледна поради неговата есенцијална улога во модерната физика. Болцман беше еден од оние научници кои силно го поддржуваа атомизмот. Заправо, главната примедба против Боцмановата теорија беше отфрлањето на атомизмот кон крајот на XIX век. Во тој контекст, Ернст Мах еминентниот физичар-филозоф, беше меѓу опонентите, исто како и Вилхелм Освалд – познатиот физички хемичар од тоа време. Овие двајца научници подоцна беа преобратени кон атомизмот, ама тоа не се случи пред смртта на Болцман. А, самиот Болцман го бранеше атомизмот се’ до крајот на својот живот.
Тој рекол: (Во врска со атомската структура на материјата) „Ние не можеме да сметаме на тоа дека материјата може бесконечно да се дели... Оти калкулацијата покажува дека електроните се многу помали од самите атоми. Денес, секој зборува за хипотезата дека атомите се изградени од бројни елементи (конституенти), изнесувајќи различни интересни гледишта околу природата на атомската структура. Ние не смееме да бидеме заведени од зборот ‘атом’ бидејќи тој е земен од стари времиња. Ниеден денешен физичар на атомите не им припишува неделивост“.
Денес, значењето на Болцмановиот атомизам за науката на XX век е очебијно, а Болцмановите статистики го поплочија патот за разните сегменти на атомската физика, особено на квантната механика, како што опишуваме подолу.

Статистичка механика
Навистина не е неопходно да се нотира суштинската улога на Болцман за формирањето на статистичката механика со оглед на фактот дека тој е осоновач на оваа дисциплина. Исто како што е неспорно дека Џосија Вилард Гибс (1839 – 1903) – големиот термодинамичар - е ко-основач на статистичката механика. Иако биле предложени најразлични методи, Болцмaновиот пристап е сеуште занимлив и апликабилен за различни цели.

Вториот закон на термодинамиката
Тeрмодинамиката и нејзиниот втор закон е интересна партиjа во филозофијата на науката и била нашироко опишувана во филозофската литература. На прв поглед, изгледа страно дека филозофи се интересираат за науката на температурните промени (термо = топлина, динамика = промени), што било изучувано од страна на инженерите при студирањето на машините. Фактички, универзалноста на термодинамиката и нејзиниот втор закон се должи на статистичкиот метод промовиран од Болцман. Од статистичка гледна точка, Болцман успеал да го генерализира концептот на ентропија над сите феномени, не само кај температурните промени. Навистина, Болцман успеал да ја надмине контрадикцијата помеѓу механиката и термодинамиката... Според Макс Планк (1858 – 1947), кој најпрвин бил следбеник на Мах и опонент на Болцман, за подоцна да се претвори во негов обожавател откако го прифатил атомизмот и Боцмановите статистики, „Лудвиг Болцман беше меѓу оние физичари кои најдлабоко го зграпчија значењето на ентропијата“.
Болцмановата етнропија е меѓу најубавите концепти во физиката што нашол примена и во филозофијата. Самиот Болцман го вовел во употреба и концептот на негентропија (негативна ентропија) за да ја објасни природата на живите суштества. „Сеопштата борба за опстанок на живите суштества не е битка за природните елементи (вода, воздух н.з.) кои се достапни за сите организми во изобилие, ниту пак е битка за енергија, која што такуѓере ја има на претек... Таа попрво е борба за ентропија (попрецизно: за негативна ентропија) која што станува достапна низ флуксот на енергија од Сонцето кон студената Земја. За во потполност да ја искористи оваа енергија, растенијата ги шират неизмерните плоштини на нивните листови и ја жнеат оваа сончевина низ процес кој се’ уште не е истражен, пред истата да се спушти на ниво на почвата... Продуктите на оваа хемиска кујна се субјекти на борбата во живиот свет“.

Квантна теорија
Квантната механика беше еден од оние делови на модерната физика која што не’ одведе кон филозофски консеквенци. Фактички, преку квантната механика, нов научен аспект беше промовиран во филозофијата. Квантната теорија беше промовирана во сегашната форма од страна на Макс Планк во 1900 година и тој се смета за нејзин основач. Меѓутоа, Лудвиг Болцман и Макс Планк се сметаат за татко и мајка на оваа теорија. Според Арнолд Сомерфелд, „квантната теорија би била соодветно поле за работа за Болцмановиот атомистички структуриран интелект“.
Во прилог на фактот дека Планк ја предложил квантната теорија употребувајќи ја Болцмановата статистичка метода, ќе споменеме дека Болцман ја употребувал ноцијата за енергетска квантификација (без да го употреби овој термин) уште во 1872, што значи 28 години пред Планковото откритие. Најпрвин, тој ја поделил енергијата во систем на екстремно мали, дискретни порции. Болцман ја замислил оваа квантификација како еден вид математички трик за да овозможи употреба на комбинациони равенки во компјутерските веројатности. Енергетскиот квант не се појавува како таков во финалните равенки, но нема сомнеж оти Болцман, низ неговиот пристап, помогнал да се подготви теренот за квантната теорија.

Термодинамиката на иреверзибилните процеси
Не-врамнотежената термодинамика или термодинамиката на иреверзибилните процеси е позната како достојно поле на модерната физика и е од голем интерес за филозофијата. Таа беше родена као резултат на новите размисли кај научниците од XIX век во врска со неврамнотежените статуси, иреверзибилноста и иреверзибилните процеси. Во тој контекст, Болцман имаше влијание од огромна важност поради тоа што успеа да ги спари кинетичката теорија на гасовите со термодинамиката. Тој ја предложи светски познатата Болцманова равенка. Тој исто така предложи статистички метод за истражување на физичкиот систем, заради што е познат како основоположник на статистичката механика, која што е битен дел од модерната физика. Болцман успеа да открие нови модели базирани на однесувањето на атомите, и покрај тоа што постоењето на атомите во негово доба се’ уште не било докажано (затоа и е наречен „човекот што му веруваше на атомот“). Болцмановата константа со која се пресметува дистрибуцијата на позицијата и забрзувањето на честиците во гасовите не само што ги решава состојбите на нерамнотежа, туку и е прилично не-линерана...
Лудвиг Флам за Болцман кажа: „Преку развивањето на пресметувачките методи на физичката статистика, како и со откривањето на Вториот закон на термодинамиката, Болцман ја постави физиката на нови основи со целосно неочекувани димензии“.

Релативитет

(Electrochemical Research Center Teheran, Iran)