ПРЕДГОВОР
Никогаш не и‘
придавав на мојата личност толкава важност за да би бил предизвикан да ја
раскажам историјата на својот живот. Многу нешта требаше да се случат, бескрајно
мнпгу повеќе, одошто инаку на една генерација и‘ паѓа удел од настаните,
катастрофите и искушенијата, па да соберам сили и да започнам со пишување
книга, во која главната личност – или подобро кажано – централната точка би
било моето Јас. Ништо не ми е така туѓо како помислата себе си со тоа да се
ставам во прв ред, при што, впрочем, би бил во улога на толкувач на некое
предавање со проекции: времето ги дава сликите, јас само зборовите и тоа што го
зборувам, имено, не е толку моја судбина колку судбина на една генерација –
нашата некогашна генерација, која како ретко која била обременета од судбината
во текот на исотријата. Секој од нас, па дури и оној најмалиот и
најбезначајниот во својата најдлабока егзистенција, беше вознемируван од,
речиси, постојаните вулкански потреси на нашата европска почва; а среде тие
неброени јас би можел да си препишам само едно единствени предимство: што како
Австриец, како Евреин, писател, хуманист и пацифист секогаш сум стоел токму
таму, каде што земјотресите најжестоко беснееле. Три пати тие ми ги разурнуваа
огништето и егзистенцијата, ме оттргна од некогашното, од минатото и со сета
своја драматична разјареност ме фрлаа во бездната, за мене добро познатото „не
знам каде сега“. Не, не се поплакувам попради тоа; токму тој што ја загубил
татковината станува во една нова смисла слободен и само оној, кого ништо повеќе
не го обврзува спрема ништо – не мора да има обѕири. Затоа, се надевам дека ќе
имам можност да го исполнам барем едниот од главните предуслови за добар приказ
на едно време: искреноста лишена од предрасуди.
Вистина е дека
како малку кој, одкако се создал веков и светот, бев оттргнат од своите корења
и од почвата, што ги напојуваше. Роден сум во 1881 г. Во едно големо и мочно
царство, во монархијата на Хабзбурговците, но тоа не треба да се бара на
картите: уништено е без трага. Израснат сум во Виена, 2000 години стара
метропола, што израснала далеку над националното, и која морав да ја напуштам како
злосторник пред да биде деградирана во едно од германските провинциски
градчиња. Мојот литературен опус на јазикот на кој пишував, претворен е во
пепел – во истата земја, во која моите книги се здобија со пријалетство на
милиони читатели. И, ете, така никому повеќе не му припаѓам, секаде сум туѓинец
или во најдобар случај гостин; дури и вистинската татковина, што моето срце ја
одбра, Европа, за мене остана засекогаш изгубена откако по втор пат
самоубиствено се раскинува во братоубиствената војна. Против своја желба станав
сведок на најстравотниот пораз на разумот и најдивиот триумф на бруталноста во
хрониката на времето; никогаш досега – ова во никој случај не го забележувам со
гордост, ами засрамен – една генерација не претрпела таков морален пад од таква
височина на духот како нашава. Во еден кус временски интервал, откако брадата
почна да ми никнува, па се до времето кога почна да белее, во таа половина од
едно столетие настанаа далеку повеќе радикални преобразби и промени, одошто во
текот на десет генерации; и секој од нас почувствува – дури и премногу. Толку
се разликува моето денес од секое мое вчера, мојот подем од мојот пад, што
понекогаш, чинам, како да не сум проживеал само една, туку повеќе меѓусебни сосема
различни егзистенции. Често пати ми се случува, кога патем ќе речам „мој живот“
не сакајќи да се запрашам: „Кој живот?“. Оној пред Светската војна, пред Првата
или пред Втората, или животот денес? Потоа повторно ќе се фатев како велам:
„Мојата куќа“, не знаејќи точно на која од некогашните сум мислел, дали на онаа
во Бад или онаа во Салцбург, или пак, на родителскиот дом во Виена. Или да
кажам „кај нас“, за потоа исплашен да си спомнам дека на луѓето одмојата
татковина им припаѓам исто толку малку, колкуј и на Англичаните или
Американците, зашто таму не сум повеќе органски сврзан, а тука, пак, никогаш
наполно не сум се вкоренил; светот во кој сум израснал и овој денешниов, како и
оној меѓу нив длабоко во моите чувства се‘ повеќе се разделуваат во наполно
различни светови. Секогаш кога, прикажувајќи со младите пријатели им раскажував
епизоди од времето пред Првата светска војна, ќе забележев по нивните зачудени
прашања колку нешта, кои за мене сами по себе значат една нормална реалност, за
нив прераснале во историски и несфатливи настани. А еден потаен инстинкт во
мене говори дека имаа право: урнати се сите мостови помеѓу нашето Денес, нашето
Вчера и нашето Завчера. Ни самиот не можам поинаку, освен да стојам вчудовиден
пред изобилството и разновидноста стуткани во скудниот простор на една
единствена – се разбира крајно непријатна и вознемирувана – егзистенција, а
особено ако ја спредувам, со начинот на живеење на моите предци. Мојот татко, мојот
дедо, што виделе тие? Секој од нив го проживеал својот живот – втопен во
едноличноста. Еден единствен живот од почеток до крај, без подеми, без падови,
без потреси и опасности, со незабележлива напнатост и невпечатливи преоди; со
рамномерен ритам, тивко и спокојно ги носеше бранот на животот од лулка до
гроб. Живееја во иста земја, во ист град и скоро секогаш во иста куќа; она што
се случуваше надвор во светот, го дознава само од весниците, и никогаш не чукна
на нивната врата. Некаде во нивно време, дошло до некаква војна, но тоа била
само мала борбичка во спредба со денешниве димензии, а се водела далеку на
границите, ни топовите не се слушале, та по половина година згаснала, ја
заборавиле, станала сува страница на историјата, за така стариот ист живот
повторно да започне. Ние, меѓутоа, живееме неповратно, не ни остана ништо од
некогашното, ништо не се враќаше; бевме предодредени максимално да го преживееме
она што инаку истријата одвреме навреме скудно го распределува на понекоја
земја или понекое столетие. Една генерација, да речеме, преживеала револуција,
втора државен удар, трета војна, четврта глад, а петта економска криза на
државата – а многу благословени земји, благословени генерации ништо од сето
тоа. Меѓутоа, ние што денес имаме шеесетина години и де јуре се‘ уште имаме
пред нас парче време, што се‘ ние не сме виделе, што се‘ не сме претрпеле, што
се‘ не сме преживеале? Го преоравме од карј на крај каталогот на сите можни
катастрофи (па сепак се‘ уште не сме последната страница). Самиот јас сум
современик на обете најголеми војни на човештвото, дури и ги доживеав, секоја
на спротивниот фронт, едната на германскиот, другата на противгерманскиот.
Спроти војната го запознам највискот степен на формата на индивидуалната
слобода, а потоа нејзиното најниско ниво во текот на столетијата, бев славен и
прогонуван, слободен и неслободен, богат и сиромав. Сите суријати на
Апокалипсата профучија низ мојот живот, револуција и глад, инфлација и терор,
епидемија и емиграција; видов како пред мои очи израснуват и се шираат големи
масовни иделогии, фашизмот во Италија, национал-социјализмот во Германија, болшевизмот
во Русија, а пред се‘ онаа чума над чумите, национализмот, што го затру цутот
на европската култура. Бев присилен да бидам беспомошен и разоружан сведок на
незамисливото враќање на човештвото во одамна заборавеното варварство – во својата
свесна и програмска догма на антихуманизмот. Ни беше судено, по векови,
повотрно да видиме војни без објава на војна, концентрациони логори,
измачувања, масовни ограбувања и бомбардирања на неспомошни градови,
бестијалности , сето она што во последните 50 генерации никогаш не го беа
запознале, а да се надеваме дека ни идните никогаш повеќе нема да го препатат.
Парадоксално е, но во исто време, кога нашиот свет во поглед на моралот се
врати за 1000 години наназад, видов како истото човештво во техничка и духовна
смисла израснува до незамисливи дела, исфрлајќи го во еден замав на крилјата
се‘ она што беше создадено во текот на милиони години; освојување на етерот со
авиони, пренос на човечката реч во истата секунда преку земјината топка, со што
е победено вселенското пространство, делење на атомот, триумфот над
најподмолните болести и скоро секојдневното овозможување на се‘ она што уште
вчера беше невозможно. Никогаш човештвото во својата сеопфатност не се
однесувало така ѓаволски и не творело така божествено – како денес.
No comments:
Post a Comment