Sunday, July 5, 2015

Гистав ле Бон ПСИХОЛОГИЈА НА ТОЛПАTA


Кога некоја книга веќе трет век останува да биде актуелна, тоа значи дека се работи за редок квалитет. Таков е случајот со книгата „Психологија на толпата“ (или „...на масата“) од Гистав ле Бон, објавена 1895 година. Тоа дело го означува зачетокот на новата научна гранка тнр. социјална психологија и доживува голема читаност. Особено било популарност кај ултрадесничарските кругови од почетокот на XX век. Велат, Хитлер се инспирирал од неговите идеи, кога ја пишувал „Маин кампф“; додека Мусолини наводно заспивал прелистувајќи ја „Психологија на толпата“ . Гистав ле Бон инаку, бил познат француски научник, кој освен со општествените, се занимавал и со природни науки. Тој објавил дека пронашол нов вид на тнр. „црна светлина“, откритие кое, иако тогаш предизвикало сензација, подоцна не било верификувано. Сепак, далеку поуспешен бил на полето на психо-социологијата, расните истражувања, теориите на несвесното и бихејвиоризмот. Гистав ле Бон доживеал длабока старост – умрел на 90-годишна возраст 1931 г.
Ле Бон ја поделил „Психологијата на толпите“ на три дела: 1. Душата на толпата; 2. Сфаќања и верувања на толпите; и 3. Класификација и опис на разните видови толпи. Веќе во самиот Вовед, Ле Бон констатира дека дошло доба на масите, за што тој како причина ја наведува длабоката промена во мнението на народните сфаќања. Промена условена првин од рушењето на религиозните и социо-политички погледи и второ, од технолошкиот напредок. Моќта на толпите се родила од ширењето на демократските идеи и од постепеното обединување на индивидуите во разни сојузи, синдикати и политички дружини. На тој начин, „божественото право на кралевите бидува заменето од божественото право на толпите“. Ле Бон го открива тнр. Психолошки закон за душевно единство на толпите, кој овозможува една група луѓе да се претвори во маса или толпа.
Какви промени настануваат кога една индивидуа ќе стане дел од толпа? Споед Ле Бон, таа добива чувство за непобедива моќ. Тоа му овозможува да им се препушти на инстинктите, кои доколку би останал единка, сигурно би ги зауздал. Кога се приклучува кон толпа, обичниот човек слегува неколку скалила на степеништето на цивилизираноста, претворајќи се во варварин, чии одлики се невоздржаноста, стихијноста и жестокоста. Специфични црти на толпата, според Ле Бон, се: импулсивност, возбуденост, неспособност за расудување, недостиг од критичко мнение, преувеличување на сензациите итн. Толпата не е само импулсивна и подвижна, вели Ле Бон, ами слично на дивјакот, за неа нема преграда помеѓу желбите и реалностите. Ништо не е недостижно. Штом се влезе во толпа, се осознава нејзината снага, која се должи на множеството и веќе се‘ е дозволено: грабеж, убиство, пљачкосување, но и херојска пожртвуваност. Граѓанството се преобразува во племе и почнува да реагира нагонски, при што се тврди дека латинските народи се однесувале попримитивно од англосаксонските (словенските народи не се спомнуваат).
Едни од главните обележја на однесувањето на толпите – според францускиот научник – се нејзините сугестибилност и доверчивост. Она што водачите и‘ го сугерираат на толпата, се прифаќа со некритична леснотија. Толпата е склона кон лакомо „голтање“ на секакви ветувања од страна на водачите и е подготвена да даде секакви жртви за нивно остварување. Има примери на колективна халуцинација на толпи кои биле изложени на сугестивната моќ на лидерите. Во некои случаи, како на пример за време на крстоносните војни, толпите од Европа биле безмалку хипнотизирани од сугестиите на нивните вождови, каков што бил – да речеме – Петар Амиенски. Сепак, колку и да се харизматични, магепсувачкото дејство на предводниците има свој крај. Според Гистав ле Бон, масите и толпите се авторитарни и лековерни. Меѓутоа, ако почнат да се редат неуспеси, харизмата нагло започнува да испарува, магијата да исчезнува. „Довчера фалениот херој, утредента толпата почнува да го хули, веднаш штом судбата ќе го удри“ - вели Ле Бон. Што е поважно, колку била појака харизмата, толку е посилна негативната реакција. Масата обожува само победници, лузерите ги мрази и ги елиминира.


No comments:

Post a Comment