Ретки се
научниците за чија доктрина било кажано дека претставува своевидна нова
религија. Еден од тие научници бил Карл Јунг, основачот на т.н.аналитичка
психологија. Неговото научно дело се појавува кон крајот на XIX и почетокот на XX век и претставува еден од темелите
на психологијата и клиничката психијатрија.
К. Г. Јунг е доктор
од Швајцарија. Роден е 1875 а умрел 1961 година. Неговите предци по мајчина
страна биле интелектуално издигнати луѓе - лекари, теолози, писатели. Средно
образование завршил во Базел, а потоа се определил да студира медицина. По
дипломирањето се определил да специјализира за тогаш малку познатата научна
дисциплина психијатријата, при што престојувал и кај тогаш еминентиот
психопатолог Жан Пјаже во Париз. Во 1905 г. е избран за доцент по психијатрија
на универзитетот во Цирих. И веќе наредната година почнува со својата научна
дејност, објавувајќи ја својата прва книга „„За психологијата на
деменцијата-прекокс “. Во тоа време, едениствен човек кој се бавел со
длабинската психологија бил Фројд, со кого Јунг се сретнал 1907 г. во Виена.
Средбата меѓу двајцата великани долго време преставувала фасцинација за нивните
подоцнежни следбеници. Таа траела 13 часа непрекинато и решавачки влијаела врз
младиот Јунг. Тоа влијание сепак не траело
долго. Веќе во 1912 г. Јунг ја објавува својата втора книга „Преобразби
и симболи на либидото“ во која го обелоденува сопственото постепено
еманципирање од Фројдовата психоанализа. Таму го објавува сопственото сфаќање
на концептот либидо, кој е различен од оној на неговиот учител. Имено, додека
Фројд под либидо подразбира сексуална енергија, за Јунг овој поим ја опфаќа
целокупната животна енергија кога ја поседува човекот. Освен што се служел со
конструкти кои веќе биле во употреба, Јунг открил и голем број оригинални
психолошки феномени кои ја возвишиле психологијата на водечкиот пиедестал меѓу
општествените науки. Таков е – пример – феноменот на синхроност или
синхроницитет. Станува збор за паралелни појави, со смисла исполнети совпаѓања,
за кои егзактната наука нема објаснување, но тие сепак се случуваат. На пример,
додека денски читате текст за влијанието на Јунг врз романскиот мислител Мирчеа
Елијаде, вечерта на телевизија да прикажат игран филм, инспириран од писание на
Мирчеа Елијаде, токму за концепцијата на колективното несвесно. Денес теоријата
на Јунг е доста критикувана. Сепак, легендата за творецот на „комплексната трансперсонална
психологија“ не бледнее, па и ден-денес постои глад за неговите дела. Едно од
круцијалните му е збирката трудови позната под името „Динамика на несвесното“,
во која се опфатени Јунговите
најзначајни студии, настанати меѓу 1919 и 1946 г.
Во текстот
„Инстинкт и несвесно“, Јунг објаснува некои од своите фундаментални поими, како
на пример интуицијата и архетипот. Така, според него, интуицијата претставува
несвесна перцепција т.е. „целесообразно и несвесно сфаќање на некоја, често
вонредно комплицирана ситуација“. Што се однесува до архетиповите – термин кој
во токму во овој прилог од 1919 Јунг за првпат го употребува – тој ги објаснува
како своевидни органи на душата. За овие праобрази или праслики, кои заедно со
инстинктите, го сочинуваат колективното несвесно, Јунг ја дал следната
дефиниција: „Архетиповите се типични облици на сфаќање и секаде каде што се
работи за рамномерни или правилно повторувани сфаќања, станува збор за архетип,
независно од тоа дали е запознаен неговиот митолошки карактер или не“.
Еден од фундаменталните
пронајдоци – теоремата за
колективното несвесно – Јунг ја образложува во написот „Теориски размислувања
за суштината на психичкото“. Според него, колективното несвесно претставува
еден вид фонд, во кој се складирани севкупните митолошки, религиозни, историски
и социјални искуства на човештвото и кој се пренесува поп наследен пат, кај
секоја индивудуа. Доказ за постоењето на таквиот фонд или резервоар на симболи,
според Јунг, е сродноста или „сходството“ на симболичен и митолошки план помеѓу
различни култури и цивилизации, кои се наоѓале во различен време-простор, не
биле во достап една со друга, па сепак произвеле многу слични духовни и
психички структури.
No comments:
Post a Comment