Ако луѓето беа ангели,
немаше да биде потребна влада.
-Џејмс Медисон
[Но]
ако се правите овци,
ќе ве изедат волците
-Бенџамин Франклин
ТРИЕСЕТ И ДЕВЕТО
ПОГЛАВЈЕ
Дени влезе во канцеларијата на
заменик-претседателот во Капитолот, пред Домот на Сенатот. Нејзината официјална ознака беше С-214,
некогаш единствениот државен простор во Вашингтон што беше назначен само за
заменик-претседателот. Времињата се сменија, но не и оваа просторија. Мермерниот
камин, плочките на подот, позлатеното огледало и викторијанските корнизи, сите
потекнуваа од XIX век. Бирото од махагони со два фиокари несомнено поминало многу низ својот
работен век. Речиси секој заменик-претседател го користел се’ до 1969 година,
кога заминало во Овалната канцеларија за време на Никсон и Форд, враќајќи се
тука со Џими Картер. Од Граѓанската војна оваа просторија беше место за работа,
церемонии, состаноци со претставници на партии и граѓански движења,
прес-конференции и приватни состаноци, од кои неколку го сменија текот на
американската историја.
Подниот часовник означи 10:00 часот.
Заменик-претседателот Теодор Соломон беше известен дека нов член на Сенатот
доаѓаше кај него, па затоа чекаше зад бирото. Спротивно на мислењето на луѓето,
иако Уставот го назначуваше заменик-претседателот како претседавач на Сенатот,
ретко кој од заменик-претседателите некогаш учествувал на седница, а гласале
само кога гласањето во Сенатот било нерешено, 50:50. Не како во старите денови,
кога заменик-претседателите имале постојано присуство на подиумот во Сенатот.
Денес тие доаѓаа само кога мнозинското раководство ќе насетеше дека е можно
гласањето да заврши нерешено.
Што беше ретко.
Гувернерот го даде јавното соопштение на неговото назначување во Сенатот
пред триесет минути, на прес-конференција во Ноксвил. Како што можеше да се
очекува, се соочил со првобитно неодобрување, особено затоа што воопшто не беа
земени предвид и други кандидати. Се’ беше објаснето, како што претходно се
договорија, нагласувајќи дека тоа беше назначување на чувар на местото, додека
луѓето да добијат можност самите да одберат сенатор. А кој беше подобар, за да
го грее столчето, од омилениот син на Тенеси. Звучеше толку добро, дури и
самиот тој поверува во тоа.
„Господине претседател“, рече Соломон, станувајќи и подавајќи му ја раката.
На Дени му се допаѓаше овој човек.
Теди Соломон беше од старата школа, финансиски конзервативец, но потаен
социјален либерал, најверојатно поради фактот што неговиот најстар син беше
геј. Тие служеле заедно во Сенатот – Соломон беше искрен и непосреден лик од
Мисури што се кандидира против Ворнер Фокс во првиот круг од изборите и, откако
загуби, мораше да се повлече предвреме. Фокс, однесувајќи се итро како своето
презиме, на крај одлучи да го омекне овој потенцијален непријател и му го понуди
заменичкото место. Изненадувачкото нешто беше тоа што Соломон се согласи на ова.
Дени ги сакаше зборовите на заменик-претседателот на Вудро Вилсон. Да се биде заменик-претседател е слично со
човек со каталепсичен напад. Не може да зборува. Не може да се движи. Не
чувствува болка. Целосно е свесен за се’ што се случува околу него, но нема
никаков удел во тоа. Од друга страна, она што Џон Адамс го рекол додека
служел како заменик-претседател на Вашингтон имаше повеќе смисла. Во ова не сум ништо, но би можел да бидам
се’.
Колку беше потребно? Едно промашено отчукување на срцето?
Што десега се случило осум пати. Девет, ако се сметаше смената на Форд со Никсон. Изгледаше
дека единствениот начин заменик-претседател да стане претседател беше смрт или
оставка. Само еден во изминативе 125 години успеал да напредува на
претседателското место преку избори.
Првиот Џорџ Буш.
И тој успеал да добие само еден мандат.
Соломон беше висок, со широкот лице сразмерно на неговата големина, кое
имаше израз на изморена, претпазлива љубезност, која некако успеваше да не
изгледа како попустливост. Немаше траги од подбрадок, усните се’ уште му беа
цврсти, а цртите на лицето остри. Беше неколку години постар од Дени, со мазно зачешлана
коса и изненадувачки темна, поради што понекогаш го споредуваа со Роналд Реган
и неговиот недостаток на седа коса. Како и секогаш, тој носеше испеглан темен
костум со кошула со вкрутена јака и со впечатлива свилена вратоврска.
„Сигурен ли си за ова?“, праша Соломон.
Тој кимна. „Животот во пензија беше кучка.“
„Поминаа само неколку месеци.“
„Доволно долго за да знам дека не ми се допаѓа.“
Тој го слушаше продорно чукање на часовникот и ја знаеше неговата приказна.
Пристигнал за време на мандатот на Меккинли, но станал познат во времето на
ФДР, кога неговиот заменик-претседател го користел за да го темпира времето на
влегување во Сенатот. Кога ќе почнеше ѕвонењето петнаесет секунди пред
часовникот да означи дванаесет, Џон Гарнер ќе оставеше се’ што работеше
настрана и ќе влезеше во Домот, стигнувајќи до своето работно место на подиумот
точно напладне.
„Сакам да положам заклетва овде, во приватност“, му рече на Соломон. „Потоа
сакам да се фрлам на работа.“
„Медимите креваат врева да го сториме ова надвор, пред камерите. Сепак,
создаваме дел од историјата.“
Тој го знаеше мислењето на Соломон за новинарите. Тие постоеја само за да
бидат искористени. Пред повеќе децении, кога тој служеше во Сенатот прв пат,
новинарите беа едни од неговите најдобри пријатели. Во тие времиња постоеше
кодекс, правила, систем на однесување, заедно со поинаков сој на мажи
и жени што известуваа за вестите. Му се допаѓаа тие новинари. Сега се’ се
вртеше околу пари и рејтинзи. Никому не му беше гајле да биде во право. Беше
важно само да си прв. Или, уште подобро, да се биде контроверзен. Ретки беа
новинарите денес. Со каналите за вести сега управуваа забавувачи. А тој можеше
да ја разбере нивната дилема во моментов. Сите ги примиле вестите за неговото
назначување во исто време, од објавата на гувернерот. Никој немаше предност. На
сите им беше потребно нешто повеќе од другите, можност да го опсипат со итри
прашања што, кога, каде и зошто. Подобро беше да ги остави да се прашуваат.
„Тоа е добрата работа во тоа да се биде грејач на столчето“, рече тој.
„Нема да се задржам на положбава толку долго, па затоа не морам да одговарам на
ништо.“
И додаде широка насмевка.
Безбојно сивите очи на Соломон, безвременски како морска вода, му упатија
момчешки поглед.
„Што има да каже твојот шеф за моето враќање?“
„Штотуку зборував со него на телефон. Шокиран е најдобриот збор што ја
опишува неговата состојба. Фокс се надеваше дека се ослободил од тебе. За волја
на вистината, сигурен сум дека би сакал да се ослободи и од мене.“
Зборовите ги изговори со културна, среднозападна развлеченост. Иако беа од
спротивни партии, тој и Соломон секогаш се сложуваа. Овој човек му беше од
голема помош за време на неговиот престој во Белата куќа. А тој му ја возврати
услугата, осигурувајќи се дека Мисури никогаш нема да биде заборавено во
федералниот буџет.
„Сакам да знам, Дени, помеѓу тебе и мене. Тука, зад затворени врати. Што правиш овде?“
„Создавам малку историја. Јас и Ендрју Џексон. Двајца претседатели, од
Тенеси, кои станале сенатори.“
Соломон го крена своето витко тело на работ од бирото, прекрстувајќи ги
нозете со сјајни чевли. „Сами сме овде. Што се случува, Дени?“
Тој знаеше дека можеби ќе му треба сојузник, а што беше подобро од ова
човечиште од Мисури. И, иако заменик-претседателот и Луциус Ванс беа од истата
партија, тој знаеше дека помеѓу нив немаше ни трошка љубов.
„Ванс подговтува нешто.“
„Слушам“
„Не знам многу детали, но доволно е за да морам да дојдам и да дознаам
повеќе. Но, можеби ќе ми треба твојата помош.“ Тој направи пауза. „Пред ова да
заврши.“
„Звучи сериозно.“
„Не сум сигурен. Но, сите политички инстинкти во мојата глава алармираат за
неволја.“
„Дали ова би можело да влијае на претседателот?“
„И тоа не го знам. Но, Ванс не е тимски играч, а и го сакаше местото на
Фокс.“
„Како и јас, и тој немаше шанси. Но, тој одамна си ја запечати судбината,
кога го прифати местото на спикер.“
„И ти и јас знаеме дека тој претставува опасност. Се надевам дека и Фокс
знае.“
Соломон се насмеа. „Да речеме дека нашиот нов претседател не е толку упатен
во состојбата на нештата како ти и јас.“
„А се сомневам дека ќе го послуша својот искусен заменик-претседател.“
„Тоа е благо кажано. Од 20 јануари, зборував со него вкупно“, Соломон крена
еден прст, „еднаш. Пред малку.“
Голема грешка од страна на Фокс. Соломон, како и самиот тој, беше искусен
во дешифрирањето на тишината меѓу зборовите, мислите што говорот честопати ги
попречуваше. Од се’ што Дени видел и прочитал, администрацијата на Фокс наликуваше
на нервозен сојуз помеѓу гулаби, соколи и активисти, секој со сопствена замисла
за она што би можело да биде најдобро за земјата. Теди Соломон беше многу
попрагматичен, докажан ветеран на бојното поле. Човек со енциклопедиско
познавање на Вашингтон. Информации што почетник во Белата куќа, како Ворнер
Фокс, можеше добро да ги искористи. За жал, гордоста и глупавоста најчесто ги
спречуваа почетниците да побараат помош, што на крај скапо ги чинеше.
Едно име ја докажуваше неговата поента.
Џими Картер.
„Знаеш дека ќе те игнорираат“, рече тој. „Па, зошто ја прифати работата?“
„Имам шеесет и девет години, Дени. Можев да служам во Сенатот засекогаш.
Но, отсекогаш сакав да бидам претседател. Го знаеш тоа. Не можам да објаснам
зошто, едноставно ја сакав работата. Сепак, народот имаше поинаква замисла.“
Соломон ги крена рамената. „Ова е најблиску што можам да дојдам до неа. Затоа,
покрај доброто, го прифаќам и лошото.“
Ова беше паметен човек, професионалец што одамна научил, како и самиот тој,
дека земјата беше она што народот сакаше да биде. Ако луѓето донесуваат дури и
неинформирани одлуки, без размислување или дури и поради глупавост, тогаш така
нека биде, нивна е републиката. Ние сме
народот значеше токму тоа. Неговата работа и работата на сите други на државна
функција беше служење на земјата – не нејзино обликување. Умните политичари ја
разбираа таа должност. Големците, како Теди Соломон, веруваа во неа во своето
срце.
Овој човек ќе беше одличен претседател.
„Можеш ли да продушкаш во твојот табор и да видиш дали нешто се крчка во
Домот? Имам лошо претчувство, Теди.“
„Доволно лошо за да се вратиш во првите борбени редови? Кога наместо тоа
можеше да бидеш некаде по риба?“
„Така нешто. Можеби должноста да го спречат тоа, за што и да се работи, ќе
остане на двајца изморени старци како нас.“
„Звучи многу мелодраматично. Но, ми се допаѓа.“
„Нека остане ова помеѓу нас. Во случај да сум целосно полн со срања.“
„Тое е едно нешто што никогаш не си бил.“
Соломон повторно ја подаде својата рака. „Добре дојде назад, сенаторе.“
Се ракуваа.
„Време е да те официјализираме“, рече заменик-претседателот.
Тој положи заклетва како градски советник, гувернер, сенатор и претседател.
Секогаш пред голема толпа народ, што беше дел од спектаклот. Сега, сам и во
присуство на добар пријател, тој ја крена десната рака и ги повтори зборовите
што досега ги изговори веќе три пати.
„Свечено се колнам дека ќе го поддржувам и бранам Уставот на Соединетите Држави
против сите непријатели, странски или домашни. Дека ќе имам вистинска верба и
верност во нив. Дека ја преземам оваа обврска слободно, без никаква воздржаност
во мислата или колебање, и дека чесно и одговорно ќе ги извршувам должностите
на положбата што ќе је преземам.
Бог нека ми помогне.“
ЧЕТИРИЕСЕТО ПОГЛАВЈЕ
Котон се врати во архивата без прозорци на Музејот
на Американската историја, а изгравираниот камен од Салата со фосили лежеше врз
масата.
...
(изд. „Култура“ АД Скопје – 2019 год.; стр. 318-326)
No comments:
Post a Comment