Saturday, October 31, 2020

Теодор Драјзер: АМЕРИКАНСКА ТРАГЕДИЈА

  

ТОМ ПРВИ

 

Глава XXXVII

...

„Па,“ почна Роберта, уште еднаш нервозно, а страшната исповед и’ го сушеше грлото и речиси и’ го здебелуваше јазикот, додека уште еднаш го вртеше копчето на капутот и гледаше во подот. „Еве како е ... гледате ... мажот ми нема многу пари ... а јас морам да работам ... за да помагам да се покријат трошоците, а ниеден од нас не заработува многу.“ (Се изненади самата од својата бесрамна способност да лаже во оваа околност – таа, што секогаш ја мразеше лагата.) „Така ... се разбира ... не можеме да си дозволиме ... да имаме ... барем засега ... деца ... и...“

Застана, зашто го губеше здивот и навистина не беше во состојба да продолжи со оваа крупна лага.

На лекарот му се стори дека сфати во што е вистинскиот проблем што се обидуваше да го оцрта – но сепак не сакаше да се впушти во никаква недозволена работа, а во исто време сакаше да не ја обесхрабри многу младата брачна двојка што го започнува животот, па ја гледаше со малку повеќе сочувство, зашто навистина беше трогнат од тешката невоља на тие млади луѓе, како и од нејзината скромност што и’ доликуваше во ваква деликатна ситуација. Навистина многу лошо. Во некои случаи на младите луѓе им е мошне тешко да почнат. Оваа брачна двојка несомнено е во некоја тешка финансиска ситуација. То е случај, речиси, со сите млади.. Сепак, тоа предизвикува абортус и вплетување во нормалниот или од Бога дадениот процес, па тоа е, во најдобар случај, незгодна и неприродна работа во која тој не сака да се впушта. Впрочем, младите здрави луѓе, иако сироти, кога стапуваат во брак, знаат што значи тоа. И не е неможно за нив да работат, во секој случај за мажот, па веќе ќе излезат некако на крај.

И сега, исправајќи се на столот многу прибрано и авторитативно, тој почна: „Мислам дека разбирам што сакате да ми кажете г-ѓо Хауард. Но јас исто така, се прашувам дали сте размислиле колку е сериозна и опасна работата што ја имате на ум. Но“ – додаде ненадејно, поттикнат од една друга мисла, дали можеби на некој начин, не е извалкан неговиот углед со ширењето гласови за тоа што правел во минатото, „како се случи да дојдете токму кај мене?“

Нешто во неговиот глас, начинот на кој го постави тоа прашање – претпазливоста и можното огорчување во случај да се покаже дека некој го сомничи оти се занимава со такви работи – ја натераа Роберта да размисли и да почувствува дека секое тврдење оти слушнала за него, или дека некој ја испратил кај него – наспроти поинаквиот совет на Клајд – би можело да биде опасно. Можеби ќе биде подобро да не каже дека некој ја испратил. Може да се случи тој да го сфати тоа како навреда што му е нанесена како на лекар кој ужива добар глас. Никулецот на дипломатски инстинкт и’ помогна во овој случај, па одговори: „На минување повеќепати ја забележав вашата табла и слушнав од разни личности дека сте биле добар лекар“.

Откако беше отстрането неговото сомневање, тој продолжи: „На прво место, она што сакате да го направите е нешто што мојата совест не ми дозволува да ве советувам. Разбирам, се разбира, дека вие го сметате за неопходно. Вие и вашиот сопруг сте млади и, веројатно, немате многу пари на располагање, па чувствувате дека прекинот од ваков вид ќе претставува голем товар во секој поглед. Несомнено ќе претставува. Сепак, според моето мислење, бракот е многу свето нешто, а децата се благослов – не клетва. И кога пред три месеци сте биле пред олтарот, веројатно бевте свесни дека можеби ќе се најдете во таква ситуација. Мислам дека сите млади брачни двојки се свесни за тоа.“ („Пред олтарот“, помисли Роберта тажно. Барем да беше така!) „Знам за жал дека денес кај некои луѓе постои сомнеж во тој правец. Има такви што сметаат дека е сосема оправдано во таквите случаи да се избегнат природните одговорности, подложувајќи се на такви операции, но тоа е многу опасно г-ѓо Хауард, многу опасно законски, а многу погрешно етички и медицински. Многу жени што се обидуваат да го избегнат раѓањето подлегнуваат на тој начин. Освен тоа, секој лекар што им помага во тоа се казнува со затвор, сеедно дали има или нема лоши последици. Мислам дека го знаете тоа. Во секој случај, јас сум решително против тоа од секоја гледна точка. Споед моето мислење, единствено оправдување за тоа е на пример, она кога животот на мајката зависи од таквата ситуација. Во таквите случаи, целата медицинска професија е согласна. Но, во вашиот случај не е таква за да се оправда такво нешто. Вие ми изгледате силна, здрава девојка. Мајчинството во вашиот случај не би имало никакви сериозни последици. А, што се однесува до финансиските причини, зар навистина мислите, ако убаво го родите тоа бебе, дека вие и вашиот маж нема да најдете средства да излезете накрај? Рековте дека вашиот маж е електричар?“

„Да“, одговори Роберта нервозно, не малку исплашена и притисната од неговото свечено морализирање.

„Па ете“, продолжи тој. „Тоа не е толку недоходна професија. Барем електричарите добро наплатуваат. А, кога ќе размислите, како што морате, колку е сериозна работава што сте наумиле да ја направите, дека вие всушност имате намера да уништите еден млад живот кој има исто толку право на постоење како вас...“ – направи пауза за да направи впечаток тоа што ќе го рече – „па тогаш, мислам дека ќе почувствувате оти ви е должност да застанете и да размислите – и вие и мажот ви. Впрочем,“ – додаде тој со вешт и повеќе татковски, па дури и уверлив глас – „мислам дека на двајцата тоа дете, кога веќе еднаш ќе си го имате, повеќе ќе ви ги надомести сите оние мали тешкотии што неговото доаѓање на свет можеби ќе ви ги донесе. Кажете ми“ – додаде љубопитно – „знае ли мажот за ова? Или е ова само некој ваш план да се спасите себеси и него од преголем напор?“ Лицето му беше речиси радосно разведрено, зашто му се стори дека ја фати Роберта во некоја чисто женска штедливост и страв, па помисли дека – ако е така – лесно ќе ја извлече од нејзиното сегашно нерасположение. А таа, чувствувајќи што му е целта и сметајќи дека една лага повеќе или помалку ни да помогне ни да штети, брзо одговори: „Знае“.

„Па тогаш“ – продолжи тој, малку разочаран што неговата претпоставка се покажа неточна, но не помалку решен да ги одврати и неа и него, - „мислам дека двајцата вие треба многу сериозно да размислите пред да преземете што и да е во оваа работа. Знам дека младите луѓе, кога првпат ќе се најдат во ваква ситуација, секогаш ја гледаат само нејзината најцрна страна, но не излегува секогаш така. Знам дека тоа беше случај со жена ми и мене во врска со нашето прво дете. Но испливавме. И само ако не пребрзате, туку одново ја претресете работата, уверен сум дека ќе ја видите во поинаква светлина. А, ни совеста после нема да ве мачи“. Замолча, чувствувајќи се уверен дека и’ го растера стравот, како и решението што ја довело кај него – и дека таа, како разумна, едноставна жена, сега се разбира ќе се откаже од абортус – дека ќе замине без да мисли веќе на тој свој план.

Но место да се согласи, или да стане за да си оди така како што очекуваше, таа го погледна со исплашени, ококорени очи и веднаш потоа се расплака. Зашто, вкупното дејство на неговите зборови на прво место го оживеаја појасно од секогаш нормалниот општествен или вообичаен вид на ситуацијата што таа за цело време се обидуваше да ја исклучи од своите мисли, а која во редовни околности, ако е навистина мажена, точно го претставуваше ставот што би го зазела и самата. Увидувајќи сега дека нејзиниот проблем воопшто нема да биде решен, или барем дека овој човек нема да го реши, ја обзеде морбидна паника.

Наеднаш почна да ги стега и да ги отвора тупаниците, во исто време да удира со колената, додека лицето и’ се грчеше од болка и страв, те извика: „Јас морам да се ослободам од ова на некој начин! Морам. Не е онака како што ви реков. Не сум мажена. Воопшто немам маж. Но оф, вие не знаете што значи сево ова за мене. За моето семејство! Татко ми! Мајка ми! Морам. Не можам да ви кажам! Но мора да се ослободам од ова. Морам! Морам!“

Почна да се клати напред назад, нишајќи се час на едната, час на другата страна, како во занес.

А Глен, изненаден вџашен и трогнат од та ненадејна демонстрација, а во исто време уверувајќи се дека неговата првобитна претпоставка била точна и оти Роберта го лажела, како и дека сега, ако не сака да се вплете во тоа, мора да биде цврст, па дури и немилосрден, ја праша свечено: „Не сте мажена, велите?“

Место одговор, Роберта само одречно ја заклати главата и продолжи да плаче. Најпосле, сфаќајќи ја во целост нејзината положба, д-р Глен стана, а лицето му оддаваше слика на душевна загриженост, но и конзервативна претпазливост и сочувство. Без да каже што и да е, отпрвин само ја посматраше како плаче. Подоцна додаде: „Да, тоа е многу лошо. Жалам.“

Но, плашаејќи да се вплете на каков и да е начин, замолча, додавајќи по извесно време утешно и несигурно: „Не смеете да плачете. Тоа нема да ви помогне ништо“. Потоа пак молчеше решен се’ уште да не презема ништо во овој случај. Сепак, беше малку љубопитен да дознае каква е природата на приказната, па на крајот праша:„Па каде е тогаш тој младич што е причина за вашата невоља? Тука ли е?“

Се’ уште премногу совладана од срам и очај за да може да зборува, Роберта само одречно ја клатеше главата.

„Но тој знае дека сте во невоља, нели?“

„Да“ – одговори Роберта со слаб глас.

„И нема да се ожени со вас?“

„Тој отиде.“

„Оф разбирам. Млад никаквец! А, вие не знаете каде отишол?“

„Не“, излажа Роберта слабо.

„Колку има откако ве напушти?“

„Веќе една недела.“ Уште еднаш излажа.

„И не знаете каде ё?“

„Не.“

„Колку има откако не ви е добро?“

„Повеќе од две недели“, липаше Роберта.

„А, пред тоа секогаш имавте редовно?“

„Да.“

„Па, на прво место“ – гласот му беше попријатен и поспокоен од порано – се чинеше дека бара згоден изговор да се извлече од случајот кој не ветуваше ништо освен опасност и тешкотија. „Ова може и да не биде толку сериозно како што мислите вие. Знам дека веројатно многу сте се исплашиле, но не е необично жените да пропуштат еден месец. Во секој случај, без преглед човек не може да биде сигурен, но дури и кога би биле сигурни, најпаметно би било да почекате уште две недели. Тогаш, можеби ќе установите дека сѐ е в ред. Нема да се изненадам ако се случи така. Изгледате премногу чувствителна и нервозна, а тоа понекогаш е причина на такви одлагања – просто нервозата. Ако сакате да го послушате мојот совет, макар што и да решите, немојте засега да правите ништо, туку одете дома и чекајте додека не бидете сосема сигурна. Зашто, дури и кога би требало нешто да се преземе, за вас не би било препорачливо да превземате што и да е пред тоа.

„Но веќе земав некои таблети и тие не ми помогнаа“ - рече Роберта.

„Кои?“ – праша Глен љубопитно и, откако слушна, само забелажа:„Оф тие. Па тие не би ви биле од никаква полза ако сте бремена. Но, јас ви предлагам да почекате, па ако видите дека сте го пропуштиле и вториот месец, сѐ уште ќе има достатно време да се стори нешто, иако сериозно ве советувам дури ни тогаш да не преземете ништо, ако ви е макар малку можно, зашто сметам дека е погрешно така да се судирате соприродата. Би било многу подобро да го родите бебето и да се грижите за него. Тогаш не би го имале на совеста уште тој грев – дека сте уништиле еден живот“.

Беше мошне сериозен и се чувствуваше многу праведен кога го рече тоа. Но Роберта, соочена со стравотиите што тој очигледно не беше во состојба да ги сфати, само извика, исто онака драматично како и порано: „Но јас не можам да го сторам тоа, докторе, ви велам! Не можам! Не можам! Вие не разбирате. Оф, не знам што ќе сторам ако не најдам некој излез. Не знам! Не знам!“

Одмавнуваше со главата, ги стискаше прстите и се клатеше напред-назад додека Глен како лекар, иако под впечаток на нејзиниот страв и жалната лудост која, како што гледаше, ја довела во таа ужасна положба, сепак сметаше дека професионално се наоѓа пред еден случај кој за него претставува само тешкотија, па застана решително пред неа и додаде: „Како што ви реков порано, г-це –“ (застана) „Хауард, ако се викате така, јас сериозно се противам на операциите од тој вид, исто како и на лудостите што ги доведуваат девојките и младичите до тоа да ги сметаат за потребни. Лекарот не смее да се меша во таквите случаи, ако не сака да помине десет години в затвор, а сметам дека таквиот закон е сосем оправдан. Но, тоа не значи дека не сфаќам колку е тешка за вас вашата сегашна положба. Но секогаш има луѓе што се расположени да и’ помогнат на една девојка во вашата положба, под услов таа да не сака да стори нешто што е неисправно, и морално и законски. И затоа најдобриот совет што можам да ви го дадам е да не преземате ништо, ни сега ни подоцна. Најдобро е да одите дома и сѐ да им признаете на родителите. Тоа ќе биде најдобро – најдобро, ве уверувам. Тоа не е толку тешко како што мислите, ниту е онака грешно како оној другиот начин. Не заборавајте дека е во прашање живот – Човечки – ако е навистина така као што мислите. Човечки живот што вие сакате да го уништите, а во тоа јас не можам да ви помогнам. Можеби тука и таму има лекари – знам дека има – луѓе што својата етика не ја земаат толку сериозно како јас; но јас не можам да си дозволам да станам еден од нив. Жалам – многу.“

„Затоа најдоброто што може да ви го речам сега е – одете дома кај своите родители и кажете им. Тоа може сега да ви изгеда тешко, но со време ќе се уверите дека е најдобро. Ако тоа вам или ним би им дало некакво олеснување, нека дојдат да поразговараат со мене. Ќе се обидам да ги уверам дека тоа не не најлошото нешто на светот. Но, да го сторам тоа што го барате вие – жалам, многу, многу ми е жал, но не можам. Тоа совеста не ми го дозволува.“

Замолча и со многу сочувство се загледа во неа, но со решителен и конечен поглед во очите. А Роберта, стаписана од тоа ненадејно завршување на сите нејзини надежи што ги полагаше во него и сфаќајќи најнакрај дека не само што ја завело известувањето на Клајд за лекарот, туку оти и сите нејзини убедувања и колнења претрпеа пораз, несигурно тргна кон вратата, а во мислите и’ се натрупуваа стравотиите на иднината. А, кога се најде надвор, во темнината, откако лекарот најучтиво и со најголемо жалење ја затвори вратата зад неа, застана да се потпре на едно дрво што се најде тука – зашто нервната и физичката сила ја беа издале. Тој одби да и’ помогне.

И сега што?

 

ТОМ ВТОРИ

...

(изд. МИСЛА, КУЛТУРА, МАКЕДОНСКА КНИГА и НАША КНИГА; печатено во Работна Организација НИП „Нова Македонија“ – Основна Организација на Здружен Труд „Печатница“ – Скопје)

 

No comments:

Post a Comment