Friday, November 20, 2020

КАМИЛО ХОСЕ СЕЛА: Мазурка за двајца мртовци

...

-Ти кажувам дека веднаш ќе те убијам, иако не заслужуваш, те предупредувам.

Мучо наеднаш го вади пиштолот, ама Танис го разоружува, удирајќи го со ластегарката, Мучо се свиткува на колена, почнува да плаче и да моли преколнувајќи, а Танис Гамусо му вели:

-Не сум јас оној што те убива, тоа е законот на планината, јас не можам да отстапам од законот на планината.

Танис Гамусо малку се поттргна за Султан и Морито да се нафрлат и да почнат да касаат, гризнувајќи точно онаму каде што треба и не гризејќи без потреба на други места.

-Доста!

Султан и Морито отскокнаа од мртовецот мафтајќи со опашките видливо радосни и задоволни, Фабијан Мингела умре без многу да се мачи, не изустувајќи ниту збор, речиси по два часа или така нешто, тогаш прасна една ракета, а светлината се извиши многу високо.

Госпоѓица Рамона се насмевна.

-Славен нека е Нашиот Господ Бог!

Таа ноќ слепиот Гауденсио, хармоникашот од куќата на курвите, ја свиреше мазурката Ma petite Marianne со мошне несекојдневно задоволство и со чиста душа како онаа на Сан Хозе, продолжувајќи да ја свири се’ до разденувањето.

Зарем не знаеш ништо друго?

Не.

Дон Кандидо Велија Санчез, трговски патник, го праша слепиот хармоникаш:

Кажи ми една работа, дали те израдува тоа што го убија оној?

Да, мене да, што сакате?

И ќе се радуваш кога згора на тоа нашиот Господ Бог ќе го испрати да гори на вечниот оган во пеколот?

Да.

 

 

ЕДИНСТВЕН ПРИМЕРОК

ФОРЕНЗИЧКИ ИЗВЕШТАЈ

Местото и датумот претходно означени итн.

Име на мртовецот: Фабијан Мингела Абраган

 

Надворешен наод на трупот

Се работи за трип на маж на околу 25-годишна возраст, 1,60 м. Висок и приближно 55 кг. тежок, со астенична конституција. Исхранетоста е во границите на нормалата. Постои фронтобипариетална себореја и почетна ќелавост, косата е со темнокафеава боја. Во фронталната регија постои хипертрихозен невус.

Мртовецот, којшто е пронајден во легната положба со горните екстремитети во флексија, беше облечен во памучни панталони, костенлива боја, подолго носени, искинати на повеќе места на ногавиците и со повеќе дамки со исушена крв. Палтото од памучен штоф, зеленикава боја, на повеќе места скинато и испарталено, посебно левиот ракав кај подлактицата и надлактицата од левата страна. Скинат десниот џеб. Сивата памучна кошула делумно износена со замачкана јака, недостигаат горните петлици.

На јаката од кошулата има повеќе дамки од исушена крв, а волнената сина поткошула на десната страна е натопена со крв.

Гаќите од бело платно, замачкани со пастозен измет и со поголеми жолти дамки од моч. Маичката со ракави исто така од бело платно, и е натопена со крв во делот околу десното рамо на предната страна. Обуен со кафеави чизми и црни памучни чорапи, сите извртени и натопени со крв.

На трупот се констатираат следните надворешни лезии:

Подлабоки гребаници и драсканици во десната регија на вратот, каде што се гледааат и подлабоки оштетувања и раскинувања на мускулите од споменатата регија. На два сантиметри од тироидната ёрскавица и на еден сантиметар од крикоидната ’рскавица постои раскинатост и виснатост на кожата што ги опфаќа и поткожното сврзно ткиво и повеќе мускулни влакна од околните мускули. Една гранка од длабоката драсканица продолжува кон предната кривина на клучната коска и е долга околу 7 цм., а другата гранка достига до зоната на антериорната инсерција на мускулот милохилоидеус и е долга околу 5 цм.

Рабовите на раната не се рамни туку испокинати, посебно на 1 цм. од краевите на раната. Се забележуваат јасни траги од загризи со заби, со правилна линија на гризнатото место и повеќе аглести испрекинатости (не од заби на човек).

Исто така, наоѓаме траги на оштетувања од заби во латеропостериорната десна регија на вратот, што ќе рече зад работ на мускулите стерноклеидомастоидеус и трапезиус. Постојат големи крвни подливи и прекинувања на мускулните снопови во десниот стерноклеидомастоидеус и во стернохиоидеусот на истата страна, така што наполно се уништени анатомските соодноси во невроваскуларниот сплет, којшто е целосно испреплетен со оштетените анатомски структури во југуларната и каротидната регија.

Исто така, постојат повреди од касање со заби во десната аурикуларна регија и десната орбитална регија со една голема драсканица која што почнува во зоната на аголот на вилицата и се протега се’ до десната комисура на устата. Исто така, постоја ерозии во пределот на носниците како и ситни гребнатини што не се од исто потекло како другите оштетувања, бидејќи не оддаваат знаци дека се предизвикани од касање, а поради својата долгнавеста конфигурација би можело да се смета дека се предизвикани од повреда при паѓање и влечење по земја. На главата на трупот беа залепени многубројни лисја што се наоѓаа на местото каде што беше пронајден. Постојат остатоци од згрутчена крв во устата и во носот.

Се констатираат повреди од касање и во предлот на левата подлактица, со тоа што повредите се релативно лесни, со мали крвни подливи поради фактот што касањето било преку облеката. На левата шепа постојат големи драсканици и подлабоки скинатини од загриз, посебно во пределот на внатрешниот раб на хипотенерот, како и на четвртиот и петиот прст, кои што се речиси раскинати, посебно во дисталниот дел, кој е распартален. Исто така, се констатираат загризи во левата карпална регија, но не особено тешки, поради тоа што истата била делумно заштитена со кожното ременче од рачниот часовник, што во поголем дел е испокинато. На десната рака се забележува само една единствена трага од загриз, и тоа во зоната на тенарот со гребнатини на повеќе места во пределот на епифизите на метакарпалната регија.

Споменатата регија речиси во целина е импрегнирана со крв, а меѓу прстите и под ноктите се најдени повеќе остри и прави влакна долги околу 5 цм. со белузлаво-сивкаста боја. Макроскопски се констатира дека не се работи за влакна од човечко потекло.

На десната подлактица постои лошо истетовирана слика со црна боја што претставува едно срце прострелано со стрела во кое се впишани буквите Р.Т.

На обете потколеници во предлот на листовите постојат големи драсканици од загриз. Постојат остатоци од исушена крв на повеќе места на потколениците.

Мртовечката вкочанетост е наполно изразена на целиот труп, во двете корнеи се констатираат албуминоидни заматувања, а во десната ингвинална регија, како и на абдоменот, се констатира една зеленикава лента. Според должината на влакната од брадата, се констатира дека индивидуата се има бричено за последен пат пред околу приближно 60 часа.

 

Внатрешен наод на трупот

Отворање на трупот според модифицираната техника на Мата.

Кранијална шуплина – не се констатира никаков вид на скршеница ниту на покривот ниту на базата на черепот. Менингеалните обвивки се нормални освен еден лесен едем во диплите на арахноидните структури. Големиот мозок е нормален при што кортексот покажува извесна исхемија. Ериенцефаличните артерии се нормални и во полигонот на Вилис се среќаваат некои ситни атероми. Протуберанцијата на малиот мозок и булбусот се нормални.

Градна шуплина – Белите дробови дискретно конгестионирани со поголемо количество карбонски инклузии на површината и на базите. Постојат интерплеурални атхезии во десниот хемиторакс со знаци на тврди фиброзни промени во десната апикална регија, при што најверојатно се работи за стар специфичен процес. Срцето во систола, без крвна содржина во шуплините, со остатоци од крв богата со пенести меурчиња во десната комора и предкомора. Срцевите валвули, како и коронарните артерии, се без патолошки промени.

Абдоменална шуплина – Во желудникот постојат остатоци од полусварена храна (се констатираат остатоци од зеленчук измешан со мускулни влакна од конзумираното месо, како и парченца од тврдо варено јајце). Црниот дроб е зголемен, едематозен, географски исшаран, без циротични дегенеративни промени, но сепак може да се идентификува како црн дроб на лице со зависност од алкохол. Жолчното ќесе е хипертрофично. Бубрезите бледи. Мочното ќесе празно. Другите висцерални органи се без промени и не се од судско – медицински интерес.

Дисекција на вратот – Преку направениот рез низ предната вратна регија во форма на буквата Н го проследуваме она што го констатиравме со опсервација при надворешното испитување. Со фино препарирање, констатираме фрактура на тироидната `рскавица во делот на нејзините апофизи, како и во латералните десни рокчиња со згмечување и руптура на три прстени од трахејата, што предизвикало пенеста хеморагија во шуплината на трахејата, при што хеморагијата се проширила во ларинксот, во фаринксот и во дел од усната шуплина. Крвта е со бледорозева боја и е измешана со бронхијален секрет. Југуларката е целосно прекината со многу неправилни рабови, а каротидната артерија е тешко оштетена во должина од 1,5 цм. со хематом и со лезии што потстуваат на знакот на Амундсен, многу блиску до зоната на гломусот.

Со презентираното детално обдукциско испитување, пристапуваме кон следните:

 

СУДСКО-МЕДИЦИНСКИ ЗАКЛУЧОЦИ

 

1.)    Смртта не е природна, туку е предизвикана од насилство на кое претходела борба и самоодбрана (драсканици на десната рака, како и многубројни скинатини на облеката).

2.)    Според фактите, агресорот не бил човечко суштество бидејќи не се констатирани повреди што нормално ги предизвикува човекот (исекотини, контузии, бодежи, прободувања, бразди останати по странгулација, итн.). Констатирани се исклучиво повреди предизвикани од касање, од кои најголемите и најтешките што ја предизикале смртта на индивидуата се наоѓаат во десната страна на вратот.

3.)    Според формата, големината, распределбата и жестокоста со која се предизвикани повредите, како и географскиот предел каде што се случило насилството, а и според остатоците од влакната пронајдени во десната шака, на прстите и под ноктите на жртвата, животното агресор би морало да биде волк.

4.)    Според симултаноста и обемноста на угризите може да се заклучи дека индивидуата не била нападната само од едно животно, туку најмалку од две.

5.)    Реконструирајќи го нападот и одбранбената борба, би можеле да го резимираме настанот речиси на идеално замислен начин, распределувајќи го на следниве фази:

А. Индивидуата се движи низ планината и наеднаш забележува како еден волк скока насочен кон нејзиниот врат. Индивидуата инстинктивно, без да има време да го употреби оружјето што го носи преку рамо, а кое подоцна е пронајдено на извесно растојание од трупот, ја подига левата рака заштитувајќи го вратот и лицето со подлактицата, на која ги добива првите угризи. Волкот потоа загризува неколку сантиметри кон лево, така што ја повредува шепата, тие повреди се опишани погоре. Во тој момент, индивидуата успева да се оттргне и започнува да се бори со животното со намера да го задави со десната рака, истовремено удирајќи го со тупаница, за потоа да го зграпчи за вратот или за главата (гребаници на десната рака со остатоци на животински влакна на прстите и под ноктите).

Б. Во тој момент, другиот или другите волци, поттикнати од тоа што индивидуата е падната, се нафрлуваат врз неа, касајќи ги особено рацете и нозете, бидејќи тие најзабалежливо се движат, а тоа најмногу ги предизвикува, што се подразбира имајќи го предвид инстинктот на тропизам или следењето на делот од телото на пленот кој се движи (повреди на двете потколеници, со испарталени ногавици на панталоните). Во текот на борбата, облеката се расцепува, се кинат петлиците, итн. Најпосле, другиот волк, или можеби оној којшто прв нападнал, успева цврсто да ја загризе индивидуата во десната страна на вратот и двапати длабоко да ги забоде забите (две длабоки траги од заби во инфрамастоидната регија), предизвикувајќи ги веќе опишаните оштетувања. Повредите во мандибуларната регија се сигурно последица од загриз непосредно пред да биде повреден вратот.

В. додека индивидуата се наоѓа соборена на земја, обилно крварејќи од повредените места, таа се’ уште – повеќе или помалку – свесно дава отпор отфрлувајќи ги агресорите, при што ги допира и повредените места (дамки од крв со која се импрегнирани ракавите од двете раце) се’ до настапувањето на смртта.

6.) Многу е необично да се забележи дека од трупот на индивидуата, којшто беше тешко осакатен од многубројните угризи, не е изеден ниту еден најмал дел, што бездруго е тешко разбирливо и објасниво, со оглед на ваквиот жесток атак од страна на волците. Единственото објаснување би било следното: откако волците веднаш го собориле својот плен, го оставиле, можеби вознемирени од врева, гласови или каква е и да е бучава, што сепак е мошне тешко да се замисли.

Врз основа на оваа обдукциска и аутопсичка анализа може да ги извлечеме следниве судско-медициски заклучоци:

...

 

(„Микена – Битола“ 2009, едиција НОБЕЛОВЦИ финансирана од Министерството за култура на Република Македонија; стр. 332-339)

No comments:

Post a Comment