Wednesday, November 4, 2020

Томас Пинчон: ВИНОЖИТОТО НА ГРАВИТАЦИЈАТА

  

1.

Отаде Нулата

Природата не знае за ограничувања, туку само за метаморфози. Сето она на кое што ме научила и продолжува да ме советува науката, ја зајакнува мојата убеденост во непрекинатоста на нашето духовно суштествување после смртта.

Вернер фон Браун

Ѕвиздечки звук го распарува небото. Се случувало и претходно, ама ова сегашново неможе да биде споредено со ништо. Мошне е доцна. Евакуација се’ уште продолжува, но сето тоа е само театар. Во вагоните е темно. Воопшто никаква светлинка наоколу. Над него трегери од времето на првото железно легло на Кралицата и стакло некаде високо горе, кое ќе пропушта дневна светлост. Ама, ноќ е. Го опфаќа паничен ужас од претстоечкото кршење на стаклото, тоа ќе биде спектакл: згромувањето на еден кристален дворец. Меѓутоа, уривањето ќе настапи во непроѕирна тама, без никаков проблесок на светлина, само чудовишен невидлив тресок.

Тој седи, без ниту една цигара среде кадифениот мрак на двоспратниот вагон, и го доловува „соприкосновението“ и триењето на близок и далечен метал, испуштањето кугли од пареа, вибрациите на шасијата, тревожното исчекување, неспокојството, сите наоколу притиснати еден в друг, немоќни, оставени од Бога души, сите тие окаени, изнервирани: пијаници, стари ветерани се’ уште зашеметени од татнежот на орудија одамна излезени од употреба, џебџии во елегантни костуми, несреќници, уморни жени со деца повеќе од што би имал било кој, склупчени меѓу подложните на спасение останати „вештци“. Се гледаат едвај најблиските лица, и тоа само како посребрени одрази во визир, физиономии на важни личности обоени во зелено, припомнени зад блиндираните стакла на автомобилите што туку ќе профучат низ градот.

Се раздвижуваат. Излегуваат од разврнат строј од централната железничка станица, од трговскиот кварт, и кинисуваат кон постарите и позанемарени реони. Тоа ли е патот што води надвор од градот? Лицата се свртени кон прозорците, ама никој не смее да опита, барем не на глас. Врне дожд. Не, тоа не е ослободување од, ами заплеткување во уште позатегнат јазол. Навлегуваат во премини под арки, тајни влезови од плеснив бетон, кои само наликуваат на на врати кон „подлези“... потпирките од исчадено дрво, кои им се над главите, биле разместувани во текот на времето, а миризбите, породени во многу далечното минато од јагленокопи, попут нафтените зими, на седмиците без никакво движење на возовите, на загадочно жизнената и сличната на корали растителност, покрај слепите завои и одделните расклоненија, заостанат кисел смрад на отсутните локомотиви и вагони, те зреечката ‘рѓа, се разгрнува во тие испразнети од содржина дни, блескава и се’-проникнувачка (особено при осамнување), спроведувана од индиго-сенки кои и’ го запечатиле нејзиното преминување, во обид случувањата да бидат сведени на Апсолутна нула ... и се’ поочигледната бедотија колку што подлабоко навлегуваат ... полуразрушени тајни градови на „ништицата“, селендри чиишто имиња тој воопшто не ги чул ... развалени карпи, се’ помалубројни кровови, како и шанси за светлина.

Патот, наместо да премине во широка магистрала, станува уште потесен, поразнебитен, со се’ поостри завои, додека одненадеж - безмалку скоро и неочекувано – стасуваат до крајната арка: сопирачките шкрипат и пружинираат страотно. Тоа е „прис‘да“ што не подлежи на обжалување.

Караванот сопира. Крајот на линијата. На сите евакуирани им е наредено да излезат. Тие се движат бавно, но без спротивствување. Распоредителите се наразговорливи и со оловно сиви кокарди. Тоа е некаков огромен, многу стар и темен хотел, железен додаток на пругите и ЖП-скретниците кои ги доведоа дотука... Од богато орнаментираните „чугунени“ корнизи, висат бојадисани и во темнозелено осветлени глобуси, невклучувани со векови; масата врви безропотно, без шепот или поткашлување, по коридори прави и функционални како проходи во складишта; кадифено-црни нешта го ограничуваат нивното движење: миризмата на старо дрво, на далечни секции кои пустевале за целото ова време, но сега наново отворени, за да примат напливи од луѓе, реата на стара мазалица која ги „пог‘лнала“ сите изумрени пухови, и само нивните утвари, застанати неподвижно како цртежи на скали, се трајно запечатени, та јасно отцртани на стените; евакуираните бидуваат примани на партии од нешто како лифт, т.е. едно подвижно дрвено скеле отворено од сите страни, а кревано од смолосани стари јажиња и „чугунени“ чекреци, чиишто спици се излеани во формата на Ѕ. На секој кафеаво бојадисан спрат слегуваат и се оддалечуваат патници; илјадници кон тие смолчани и темни одаи.

Некои чекаат сами или ги споделуваат нивните невидливи одаи со други. Да, невидливи, па какво значење има намештајот при такво положение на стварите? Под нозете „хрушти“ можеби најдревната градска нечистотија, последните кристализации на сето она што градот им го откажувал на своите деца, со што ги заплашувал и лажел. Секој слушаше глас, кој божем му говореше само нему, како му кажува: „Ти не веруваше дека навистина ќе те спасат. Ајде, сега сите знаеме кои сме и што сме. Никој немаше да вложува труд да те спасува, батка“.

Нема излез. Лежи и чекај, лежи неподвижно и „безм‘лвно“. Не стивнува ѕвиздењето на небето. Кога ќе делата, во мрак ли ќе дојде или ќе донесе некоја своја светлина? А, светлината кога ќе настапи, пред или после?

Арно ама, веќе се разденува. Од кога е видело? През целото тоа време, светлината проникнуваше заедно со студеникавиот утрински воздух, залевајќи му ги зрната на градите, и започна да му се разоткрива собрание од пијани напрокопсаници, некои униформирани други не, кои ги стискаат своите празни или полупразни ботилки, виснати по столици, згушени во остинатиот камин, или распостелени врз семожни дивани, не-правосмукани килими и жезлонги по различните нивоа на огромната одаја, ‘рчат и ‘ркат во разноразни тактови, во еден само-обновувачки хор, а лондонската светлина, зимска и еластична светлост, се засилува меѓу ликовите избаждарени на вертикалните прозорци, па ги пронижува надвиснатите пластови од синоќешен, цигаретен дим, што веќе се расејуваше околу навосочените греди од таванот. Сите тие хоризонтално расположени, тие браќа по оружје, изгледаат розеви како група холандски селани, кои го сонуваат своето апсолутно сигурно воскресение во следните неколку минути.

Тој е капетан Џефри („Пиратот“) Прентис. Увиткан е во дебело одело, со алови, керамидести и помаранџасти кареа. Си го осеќа черепот како да му е метален.

Точно над него, на четири метри над неговата глава, Теди Блоут очигледно намерава да падне од хорскиот балкон, јавно избрал да се „изсули“ токму на местото на кое, пред некој месец, под дејството на величествениот настап на хистеријата, беше испотрошил со ритници, две абоносови „перила“...

...Во 1935 година му се беше случила првата епизода вон какво и да било состојание на иследуван и разузнавателен сон – за време на неговиот Киплингов период; каде и да погледнеше, саде одурни судански доброволци, среде војската дивеат „дранкулоза“ и Лајшманова болест, веќе цел месец нема пиво, радиото заглушувано со други Сили, коишто – само еден Бог знае чуму – пожелуваат да станат господари на тие непријателски црнокожци, сиот фолклор „заличен“ и невалиден, нема никаков Кери Грант да се мајтапи и да прави севозможни лудории, да сипува слоновски средства за смирување во зделите со пунч... нема дури никаков Арапин со Голем Мазен Нос во којшто можеш да се испразниш како во онаа тажна песничка позната на секој „кашик“ ... наполно во редот на нештата, в четири часот на едно нацвёкано со муви попладне, ококорен, обгрнат со слаткиот воњ на гнили кори од диња, точно за време на 707.000.000-тата репетиција на единствената грамофонска плоча во базата, Санди Макферсон ја исполнува на органа „Смената на караулата“, а Пиратот изживува раскошна ориенталска епизода: невознемируван од никого, ја прескокнува оградата и се промолкнува во Забранетиот Кварт. Таму запаѓа во оргија организирана од еден се’ уште непризнат Месија, и кога погледите ќе им се сретнат, сфаќа дека самиот тој е неговиот Св. Јован Крстител, неговиот НАТАН ОД ГАЗА...

 

(1973 год.)


No comments:

Post a Comment