БОРБИТЕ МЕЃУ ЕПИР, НИКЕЈА И БУГАРИЈА ЗА ГОСПОДСТВО НАД МАКЕДОНИЈА (1215 – 1261 година)*
*Оружане
борбе македонског народа од V до XX века, изд. Војноисториски институт - Институт за националну историју – Скопље,
Београд 1975, 61-61.
По смртта на Стрез (1215 г.) ослабената Латинска империја не била во
состојба да наметне целосна и трајна власт во Македонија. Отсега латинските
владетенија во Македонија биле изложени и на завладување од грчките држави Епир
и Никеја, а повремено и од Бугарите и Србите.
Од 1215 година епирскиот владетел Теодор Ангел Дука Комнин (1215-1230)
почнал забрзано да ја проширува својата држава за сметка на Латинската
империја. Новоназначениот латински император Петар Куртене (1216 г.) не стигнал
ниту да се искачи на испразнетиот престол во Цариград. На патот за Цариград тој
бил ликвидиран во албанските теснини од епирскиот владетел. Веднаш потоа
епирските војски навлегле длабоко во македонска територија. Голем број градови
од Средна и Северна Македонија паднале под епирска власт. Меѓу нив биле и Охрид
и Прилеп. Во 1221 година Епирците го зазеле и Серез. Со тоа латинските сили во
Македонија биле разбиени. Во 1224 година Теодор Комнин го освоил и Солун и со
тоа ставил крај на Солунското латинско кралство. Веднаш потоа Теодор се
прогласил за император. Бил крунисан од страна на охридскиот архиепископ
Димитрија Хоматијан (1216-1235). Отсега Теодор Комнин почнал се’ повеќе да се
претставува себе си за единствен наследник на поранешните византиски императори.
Поради тоа и тој и Димитрија Хоматијан се судриле со никејскиот владетел и
никејскиот патријарх.
Потчинетата македонска територија Епирците ја вклучиле во рамките на своето
воено-административно уредување. Биле создадени повеќе теми кои главно ги
опфаќале градовите Скопје, Драма, Дебар и др. Освен на грчки лица Теодор Комнин
им доделил високи титули и на лица од македонско, албанско и друго потекло.
Овие лица биле главно претставници на феудалната аристократија, на која и се
потпирал Теодор Комнин. Меѓутоа, по поразот кај Клокотница 1230 година од
страна на Бугарите, Теодор Комнин паднал во ропство и набргу потоа неговата
држава се распаднала. Бугарскиот цар Иван Асен II потчинил и српски и албански територии. Тоа се
гледа и од камениот натпис од црквата Св. Четириесет маченици во Трново. Во
него стои дека бугарскиот цар 1230 година ја разбил „грчката војска“ и ги зел
во ропство „царот кир Теодор Комнин Ангел и сите негови болјари“, заедно со
„сета му земја од Одрин до Драч грчката и уште албанската и српската“. Дека
Македонија и околните земји ги потчинил во овој период Иван Асен II се гледа и
од неговата грамота што ја дал на Дубровчаните за слободна трговија низ
неговата земја.
По смртта на Иван Асен II (1241 г.) бугарската држава почната забрзано да
слабее. Монголските пробиви кон Балканот значително ја засегнале и Бугарија и
прилично влијаеле да ослабне нејзината моќ. Таквата сиотуација ја искористила
никејската држава. Нерјзиниот владетел Јован III Ватац (1222-1254) почнал се’ повеќе да
покажува аспирации спрема Македонија. Во 40-тите години неговите војски
навлегле во македонска територија и ги освоиле градовите Серез, Мелник, Пелагонија, Прилеп, Велес,
Велбужд, Стоби, Скопје и др. Во декември 1246 година Никејците го зазеле и
Солун. Со тоа доминантна сила на Балканот станала Никејската империја.
Во 1258 година во Македонија продреле и српски војски и ги зазеле Скопје,
Кичево, Прилеп. Притоа Србите биле потпомагани од своите сојузници:
сицилијанскиот и италијанскиот крал Манфред, владетелот на кнежевството Мореја
Вилхелм Вилардуен и епирскиот деспот Михаил II. Но во 1259 година никејскиот император
Михаил VIII Палеолог (1259-1283) успеал да извојувал голема победа кај Битола над
сојузничките војски. Србите биле протерани од Македонија заедно со другите
војски. Не одело многу во 1261 година Михаил VIII Палеолог ја отстранил и власта на
Латините од Цариград и ја возобновил Византиската империја. Оттогаш Македонија
целосно била вклучена во рамките на нововоспоставената византиска држава.
СРПСКАТА ХЕГЕМОНИЈА НА БАЛКАНОТ И ПАЃАЊЕТО НА ПОГОЛЕМ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ПОД
СРПСКА ВЛАСТ (Крај на XIII – средината на XIV век)*
*Оружане
борбе македонског народа од VI до XX века, изд. Војноисторијски институт - Институт за
зационалну историју – Скопље, Београд 1975, 62-66.
Обновената византиска држава била само сенка на некогашната Византиска
империја. Сепаратизмот на феудалците се’ повеќе земал замав, што е резултат на
слабеењето на централаната власт. Поради тоа Византија не била во можност
внатрешно да се зајакне за успешно да и’ се спротивставува на надворешната
опасност. Нејзината разбиеност и’ овозможила на Србија од крајот н XIII век да и’
одзема дел по дел од нејзината територија и со тоа да израсне во моќна
балканска сила.
Од 80-тите години српскиот крал Милутин
(1282-1321) почнал се’ позачестено да навлегува во македонските
територии. Притоа тој бил сестрано поддржуван од феудалната аристократија која
преку војна настојувала да дојде до нови поседи. Во 1282 година Србите го
зазеле Скопје. Архиепископот Данило соопштува дека тогаш кралот Милутин ги
освоил „двата Полога, славниот град Скопје, а потоа и Овче Поле, Злетово и
Пијанец“. Одовде српските војски навлегле далеку во Источна Македонија и ги
опустошиле македонските области се’ до Серез и Кавала. При повлекувањето
Милутиновата војска ги освоила „земјата дебарска со сите градови, потоа
„земјата кичевска со градовите“, а исто така и Порече.
Со уште позабрзано темпо Србите почнале да ја завладуваат Македонија од
почетокот на XIV век. Во овој период на Запад оживеала идејата за обновување на Латинската
империја. Главниот иницијатор за тоа бил Карло Валоа, француски принц. Тој дури
почнал да се потпишува како „византиски император“. Меѓу Милутин и Карло Валоа
биле воспоставени и пријателски односи. По успешно завршените преговори,
Милутин написмено добил да ги владее од идниот латински император Овче Поле,
областа околу Прилеп и Просек, потоа Кичевската област, Охридско, Дебарско, се’
до реката Мат во Албанија. Во проектот без приговор биле додадени и Скопје, Полог
и Пијанец, зашто тие веќе биле сметани за српски територии. Но, 1313 година
Милутин ги подобрил односите со Византија, пружајќи дури и воена помош.
Од 20-тите години во Византија започната жестока граѓанска војна. Внукот на
Андроник II Палеолог се кренал против него. Оваа војна имала силен одраз во
Македонија. Стариот Андроник II морал да му ги отстапи на внукот Андроник Тракија
и дел од Македонија. Во 1325 година Андроник III дури бил крунисан за император и
совладетел на својот дедо.
За време на граѓанската војна српскиот владетел Стефан Дечански (1321-1331)
стоел на страната на Андроник II. По помирувањето на двајцата Андрониковци дошло
до судир меѓу Андроник III и српскиот владетел. Во 1328 година Андроник III го зел
престолот на својот дедо и веднаш потоа ги засилил нападите против Србите. Во
1329 година неговата војска се упатила
кон Охрид и ја отстранила опсадата на
градот од Србите.
Во екот на траењето на воените операции меѓу византиските и српските
војски, бугарскиот цар Михаил Шишман се вмешал во војната и се ставил на
страната на Византија. Како резултат на тоа на Андроник III му било
овозможено да ги прошири своите напади на српските позиции во Македонија.
Андроник III навлегол во Пелагонија и ги зазел тврдините Бучин (близу Прилеп) Дебарца
(на патот Припел-Кичево), Железник (Демир Хисар) и Кавадар (можеби Кавадарци). Од
изворите се дознава дека на Стефан Дечански по победата кај Велбужд (Ќустендил)
му се предале градовите Велес, Просек, Штип, Чрешче и Добрун, а што говори дека
и тие пред тоа ги освоил Андроник III. Додека Андроник III ги освојувал српските владенија во
Македонија, бугарскиот цар Михаил Шишман дошол до Ќустендилското поле и ја
зазел тврдината Землен. До жестока битка дошло на 28 јули 1330 година кај
Велбужд. И српската и бугарската војска броеле околу 15 000 души. Бугарите биле
страшно поразени. Во битката загинал и бугарскиот цар Михаил Шишман.
По победата кај Велбужд Стефан Дечански навлегол во византиски територии.
Отсега Србите доминирале над Македонија. Особено српската сила дошла до израз
за време на владеењето на Стефан Душан (1331-1355). Тој го зел престолот на
својот татко со помошта на голем број приврзаници од феудалната аристократија.
Откако Душан ги отстранил приврзаниците на татко си и склучил мир со новиот
бугарски владетел Иван Александар ги продолжил борбите со Византија. Тогаш
византиско-српската граница се протегала на југ од Леш спрема Дебар, Кичево,
Велес, Штип до Велбужд. Византија ги држела важните погранични тврдини Валона,
Берат, Кроја, Елбасан, Охрид, Прилеп, Струмица, Мелник и Серез.
Во 1334 година на страната на српскиот крал поминал и прославениот
византиски војсководец Сиргијан. Со негова помош Душан ги зазел Струмица,
Радовиш, Охрид и други градови на Македонија. Сега Србите заканувале да го
земат и Солун. Андроник III Палеолог го напуштил Цариград и се упатил кон
Солун. Во меѓувреме неговиот војсководец Сфранца Палеолог успеал да го убие
Сиргијана. Притоа голем дел од прицрзаниците на Сиргијан поминале пак на
византиска страна. Набргу потоа бил склучен мир меѓу Душан и Андроник III. Средбата меѓу
двата владетели станала „под славниот град Солун“, во август 1334 година.
Според договорот на Србија и’ биле отстапени сите територии што ги освоиле
Милутин, Стефан Делански и Душан.
Во 1336 година дошло до заострување на бугарско-српските односи. Тоа го
искористил Андроник III и ја проширил својата власт во Тесалија. Односите
со Србија Византијците се’ уште не ги влошувале. По успесите на Византијците во
Тесалија, Андроник III и Душан решиле да се состанат во Бојмија.
Меѓутоа, византијскиот император за до изненади Душана со искрено пријателство
го посетил во Радовиш. Но во меѓувреме се отцепил од српската држава крупниот
феудалец Хрела. Притоа тој ја признал врховната власт на Византија. Седиште му
станал градот Струмица; територијата што ја држел под својата власт се
простирала од Штип се’ до Серез и Амфипол (кај устието на Струма). Тој
располагал со голема наемничка војска. Ова, како и смртта на Андроник III во 1334 година
довело до заострување во византиско-српските односи. Душан го раскинал
договорот за мир и повторно српските војски почнале во навлегуваат на
византиски територии. Новиот византиски император Јован V Палеолог бил
малолетен и управувал со регентство. Во овој период во Византија повторно
оживеала граѓанската војна. На една страна стоеле приврзаниците на Јован V, а на другата на
Јован Кантакузин. Душан го искористил тоа и го опсадил Воден. Но византиската
војска успеала да го сочува овој град. Но не одело многу, Јован Кантакузин
почнал да трпи порази поради што морал да бара помош од Душана. Со 2000
приврзаници Јован Кантакузин се насочил кон Просек, а оттаму заминал кон Велес
и Скопје и во 1342 година се сретнал со Душан во неговиот дворец близу
Приштина. По склучување договор за заеднички напад Јован Кантакузин се вратил
во Византија. Во овој период во Солун власта ја имале во свои раце
претставниците на партијата на зилотите. Во 1343 година Душан го зазел Воден.
Во овој период Хрела го зазел Мелник и повторно поминал на страната на Душан.
Охрабрен Душан го освоил и Костур, а потоа и Лерин. Наскоро потоа во 1345
година Душан го зазел и Серез. По овие успеси се нарекол цар на Срби и Грци. На
16.V.1346
година тој свечено бил крунисан за цар од страна на новиот српски патријарх, во
присуство на охридскиот архиепископ и трновскиот патријарх. Територијата на
Македонија, со исклучок на Солун и уште неколку градови, била вклучена во
српско-грчкото царство.
Во овој период како во Византија така и во рамките на српската феудална
држава се’ повеќе доаѓал до израз сепаратизмот на феудалците. Тоа пак ја слабее
силата на Душановата држава поради што тој не можел да преземе напади на Солун
и околните градови. Како резултат на тоа Јован Кантакузин можел да и’ ги
поврати на Византија дел од градовите во Југозападна Македонија. Феудалниот
сепаратизам во српската држава особено дошол до израз по смртта на Душан во
1355 година. За време на Душановиот наследник Стефан V Урош (1355-1371) Србија била разделена на
повеќе делови а што овозможило значително да ослабне нејзината моќ на Балканот.
Во овој период во Македонија се појавиле повеќе наполно независни феудални
владетели. Околу Серез било создадено независно кнежевство од страна на Углеша.
Околу Прилеп па се’ до Скопје и Призрен се наоѓале владенија на Волкашин. Сите
тие влегувале во рамките на т.н. Прилепско кралство. Меѓу владенијата на
Волкашин и Углеша владееле Дејановиќи итн. Таквата феудална расцепканост
влијаела српската држава бргу да се распадне. Тоа пак им овозможило на Турците
- османлии полесно да ја разбијат силата на балканските држави и Византија и за
релативно краток период, од крајот на XIV век, да ги потчинат Бугарија, Македонија,
Србија и голем дел од Византија.
(Бранко Панов СРЕДНОВЕКОВНА МАКЕДОНИЈА - Том 3: Од Македонската средновековна
историја; изд. „Мисла“ – Скопје 1985 год. 86-96 стр.)
No comments:
Post a Comment