„...ponekad nam neka veoma cudna cinjenica otkriva komadic necega pod maskom. Ali, ne mozemo nikad da budemo sigurni da li je to lice ili nesto sasvim drugo.“
Ст. Ј. Виткјевич
ВТОРА СТРАНА
...Го победував Јевхен и Јевхен мене, постигнувајќи двостраност и полнотија, заради тоа што радоста од моите порази, со оглед на фактот дека тоа навистина беше негова радост и тој со неа се насладуваше (демек, преку мене во него), стануваше мое обострано доживување.
Посматрањето на светот како низ стакло на аквариум, ми даваше чувство на
независност, недостапност на мојата теорија, кралство со кое само јас владеев. Паркот
стануваше мој сопствен свет, земја на која нешто што се делеше – значи моја
земја. Се склопуваа сојузи и лиги, се менуваа граници, се водеа триесетгодишни
војни и стогодишни ратови за тревник, за цветник или за дел од некоја
сенковита алеја, како и за некакви провинции и утврдени замоци. Тоа траеше со
години, со епохи, со векови, скратени на неколку месеци распуст. Јас соборував
од власт стари владетели и на нивно место поставував нови, И јас, такуѓере,
одлучував за менување на границите и на обичаите, за судбините на цели народи и
држави, воздигнувајќи ги кон слава и моќ, или туркајќи ги во ништожност и
непостоење. Личната географија на мојот свет (земјите и државите, ама и
витешките добра, градовите и селата: кртичњаците, пенушките обраснати со трева,
ем нерамните земјишта и жбунови во разни облици) се овековечи во моето
сеќавање, останувајќи засекогаш жива и важечка. На скверовите на странските градови
барав облици и сличности со овие краишта кои ги нарекував Први Краини и кои без
тешкотии ги идентификував со моите земји и моите области. Еве го замокот на
кнезот Гунруд, а таму потаки – оној издолжениот цветник – па тоа е мојата
Кандиганија – пронајдена во својата најчиста и непроменлива форма, во Париз,
Виена или Верона. Идејќи за прв пат по незнајна улица, во странски град,
влегував во добро познати краеви. Ги препознавав по деталите, познати само на
мене. Го носев во себе тој сопствен, непроменлив свет на личности, облици,
мириси и звуци, избавен (без било какво старателство од моја страна - тоа се
случуваше самостојно, често наметливо и неугодно, како за инает на мене) секогаш
будно, испреплетено со фантазии што дополнуваа цели области, кои не постојат и
кои можеби неикогаш не ни постоеле. Хибриди, конгломерати со вистински и
видоизменети слики кои предизвикуваа верижни реакции од асоцијации.
Така на пример, арената во Верона по која што галопираше Герда, преоблечена
во костим на cow-girl, ме потсетуваше
на коњичката школа покрај запрежната штала во мојот Суводол, која впрочем, во
времето на моите сеќавања, повеќе не ни постоеше, ами беше вештачки
реконструирана врз база на приказните што ги имав чуено во детството. Стануваше
збор за јавачките вежби на еден од моите вујковци, браќа на мајка ми, коишто
уште пред онаа Војна, во времето кое што го знаев замо од легендите, доаѓаа на
одмор во нашето село. Некој таа школа во мое присуство ја имаше наречено
(иронично, а можеби и нежно): Dragonerritschule
(затоа што вујко ми некогаш имал служено во Драгоните), место кое што не можеше
точно ни да се определи, бидејќи беше обраснато со трева и покриено со слоеви опиљак,
а се наоѓаше веднаш до коларската работилница. Ете, одново се создаде
Диоклецијановата палата, во личноста и преку личноста на Герда, која
потекнуваше од Ливадскиот Триаголник, ќерка на стариот глувонем колар Ханс,
демек посредно, и преку иверицата што постоеше под неговиот дребонг. Ја
запознав и неговата коњичка школа во апстрактна форма, во циркусот „Медрано“ во
Париз, а потоа –како некое далечно ехо – на арената во градот Ним. Привидно
добивајќи различни форми, опстануваше таа стара и единствена Драгонска коњичка
школа, која инаку никогаше ја немав видено, но која го имаше надживеано
сопствениот крај.
Од таа доба и во тие краишта, настана моето поимање на мојта личната војска,
како специфичен поим по себе или за себе, бидејќи мојата армија, која што де
факто беше ничија, беше упатувана на ралични правци, а јас преоѓав час на една,
час на друга страна, како некој надреден фактор, кој се ангажира за сосема
различни интереси, тоест не се ангажира нигде. Во тоа време се обидував дури да
напишам една витешка балада по примерот на Ролановите поеми – За Матео ван
Гоорн-Офицерот на Ничиите Војски. Името на овој витез го позајмив од
каталогот за цветно семе и луковици холандски лалиња.
На тој начин, подоцнежниот назив „Олиа“ од рекламата на популарните
средства за контрацепција (за кои тогаш не знаев, ниту пак претпоставував дека
постојат), обележен со знак прашалник и три точки, со таинствената скратеница гум...,
требаше да одигра значајна улога во мојата лична митологија. Силуетата на
хусарот која салутира, наконтено сукајќи си го мустаќот, а која постојано ја
следеше Ола, ме потсетуваше на огнената, а едновремено и оперетска војска, на
имињата кои звучеа доста унгарски, како и на личноста и доживувањата на
Аурелија од Замокот на Планината. Овој хусар непрестајно покоруваше, освојуваше
и заведуваше, завладувајќи со светот на оперетата и со задкулисието на ѓаволот,
влегувајќи победнички на подиумите, во Орфеуми и Колосеуми, кои што ме
довикуваа кон себе. Ја водеше Ола за рака, како симбол на тоа што подлегнува,
на тоа што се освојува и такуѓере на тоа што се подведува. Во натамошните етапи
служеше како водич, чичероне, всушност како цртица и недореченост (овој
знак прашалник со три точки кои означуваа дискретност, двосмисленост и
задкулисаност на некои нешта, и кои се трудеа да ги сокријат од мене, покажувајќи
ги во неглиже – црно и чипкано – demi-monde…), штом Ола (која што ја нарекуваа и госпоѓица Ола, кога добиваше оперетски
форми на прва, наивна или живахна...) почна да се појавува во
најразлични комбинации и варијанти, додека ја бркаше хусарот, кој пак,
рекламирајќи ја, со нејзино посредство ја докажуваше своја машкост.
Долго ми изгледаше дека сум сосем осамен и засебен во своето талкање. Дури
подоцна станав свесен дека не сум уникат во ниеден поглед. Па, не се служев само
јас со системот на Другото Его. Го поседуваа речиси сите, создавајќи сопствен
идеал на којшто сакаа да личат и тоа и го постигнуваа со текот на времето,
идентификувајќи се со тој идеал некритички и наивно. Јас барем имав сопствен
цензор во ликот на неколку двојници со спротивни одлики од мене, кои во
опасните мигови, кога запаѓав во нежно самообожување, подметнуваа сопка.
Во загледувањето на симболичните Хусарот и Госпоѓицата Ола, исто така не
бев никаков ислучок. Ги имаше мноштво по патиштата кои водат во античкиот
Коринт. На тие патишта гледав личности кои во секој поглед беа достојни за
почитување, политичари од сите бои и определби, мислители и свештеници, поети и
конструктори, педагози и судии, како и јавни обвинители...
(Наслов на
оригиналот: Andrzej Kusniewic: W DRODZE DO KORYNTU; изд. ПРОСВЕТА – Белград,
1985, стр. 42-44)
No comments:
Post a Comment