Friday, October 20, 2023

Снежана Пантелиќ-Вујаниќ – Марија Чукановиќ-Каравидиќ: СОЦИОЛОГИЈА

ДЕСЕТА ГЛАВА

ЕЛИТА И МАСА

10.2.1.

ВОДАЧ

...

Со харизматичните личности поврзани се тнр. „авторитарни личности“. Адорно авторитарната личност ја дефинирал како садомазохистичка личност, која му се восхитува на авторитетот, склона е кон потчинување, но истовремено и самата пожелува да стане авторитет. Авторитарната личност е склона кон крута поделба на околината на пријатели и непријатели, инсистира на традициионални вредности (конвенционалност) и не поднесува повеќезначност. На сите облици на авторитарно мислење заедничко им е сфаќањето дека животот е обусловен од сили кои се вон дометот на умот и акцијата на поединецот. Среќата се сведува на потчинување на овие сили, па затоа кај авторитарните личности е силно развиено чувството за должност и спремност... Најголема доблест на мазохистичкиот карактер е безусловната послушност; не-самоодреденоста на судбината, туку подвргнувањето на судбата без остаток се сфаќа како хероизам. Оваа мазохистичка црта се дополнува со садистичка, односно со тежнеење за потчинување на послабите. Со овие особини се поврзани и други: агресивност, деструктивност, ригидност, конвенционалност, нетолеранција, цинизам и сл.

Авторитарните личности најчесто се од средните социјални слоеви. Во кризните периоди можат да доведат до фашизам, тероризам и други општествено деструктивни појави.

 

10.3.

ТАЈНИ ДРУШТВА

 

Историјата евидентирала бројни примери на затворени елитни групи. Тајното и ексклузивно поврзување на поединци во тајни друштва подразбира минимум заеднички интереси, строга селекција во приемот на нови членови, ритуални обреди, религиозност и митологија, и др. Тајните друштва, како облик на поврзивање на одбрани поединци врз база на посебни мерила за вредност, се едно од обележјата и на современото општество.

Од првите цивилизации до денес, тајните здруженија се формираат внатре во секое општество. Некои од сегашните го „влечат“ своето потекло од дамнешното минато.

Се смета дека Питагорината школа е едно од првите облици на тајно, аристократско-интелектуално здружување кое го поттикнало формирањето на масоните. Братството на Ружин крст – розенкројцерите, ја негувало тајната на мистичната мудрост. Темпларите, од првобитниот религиозен ред, прераснале во моќна и богата елитна организација во Европа, чие богатство се проценувало на околу дванаесет милијарди денешни франци, и располагале со 10,000 замоци: редот е и денес активен.

Тајните друштва не се потемелно социлошки анализирани, па за таа општествена појава може да се „заклучува“ врз база на информациите кои самите тие здруженија ги пласираат во јавност. Оваа околност произлегува и од научната воздржаност поради „почитувањето“ на мистичниот карактер на овие здруженија. Според достапните податоци, основните обележја на тајните друштва би биле: тајност на примањето, собирањето и делувањето, мистичност на ритуалнот и на мисијата за здружување, елитниот избор на членови во зависност од целите на друштвото, доброволна оданост кон припадништвото на друштвото, идентификација на личните и групни интереси, правната и политичка нелегалност на интересите и целите, меѓународна, национална и глобална поврзаност, строги правила и начела на делување, кои се содржани во кодексите и друго.

Под тајна се подразбира збирка од факти, т.е. податоци, кои припадници на поширока или потесна социјална група ја задржуваат за себе, и ја „кријат“ од другите и од јавноста, со цел заштита и остварување на одредени интереси.

Тајната потекнува од таење, тоест од сокривање, но и од издвојување. Колку повеќе е изразена општествената слоевитост и разгранатост, толку повеќе е присутна тајноста; колку повеќе општеството е тоталитарно – толку е поголема поединечната потреба за тајни здружувања. Во таа смисла, капиталистичките општествени односи поради својата раслоеност, се посебно погодни за формирање и делување на тајни друштва, како и за нивно обновување.

Тајната може да биде помалку или повеќе значајна, во завистност од тоа кои факти се кријат и со  која цел. Со оглед на тоа дека со тајната секогаш се штитат одределни интереси, тајната може да биде лична, приватна, групна, деловна, стопанска, воена, политичка, службена, државна и друго. Во тајни друштва во горенаведената смила, не припаѓат здруженијата со кои се штити или реализира некоја државна тајна, како што се тајните полиции на државите, чија цел е заштита на државниот интерес од разни видови политички криминал (внатрешен и надворешен).

Познато е, на пример, дека Ротари клубот (Rotary International) е званично основан 1905 год. во Чикаго како меѓународна организација на Ротари клубови. На VI конгрес на оваа организација (1915) во Сан Франциско, се усвоени единаесет основни начела на оваа организација и нејзината основна цел е „Идеалот на дружење како основа на секоја честита дејност“, а особено за:

1. негување лични односи, познанства и пријателства заради зголемување на можностите за служење на општите интереси;

2. поставување високи етички мерила во професијата и функцијата, признавање на вредноста на секое корисно занимање, како и настојување на сите ротаријанци да „служат“ на добробитта на човечкото општество;

3. идеалот на служење во личниот, деловниот и јавниот живот на секој ротаријанец;

4. унапредување на меѓународното спогодување, добрата воља и мирот по пат на светска другарска заедница на луѓе со професија и функција, обединети во идеалот на служење.

Најпознато тајно друштво се масоните, познати и како „слободни ѕидари“. Постанокот на масоните како и нивните цели се обвиени со велот на тајна и мистика. Својата дејност ја обавуваат во рамки на „ложи“ – тајни или полутајни организации, меѓународно поврзани. Тие се предмет на бројни нагаѓања и радозналост на јавноста. Според некои гледишта, масоните имаа пресудно влијание на општеството, како светски тоталитет. Присутни се и спротивни мислења, за ограниченото политичко влијание на масоните, се’ до сфаќањето дека нивното општествено влијание е шпекулација.

Според целите, масонството е идејно-морална организација, која што, по пат на строгите правила на организацијата, преку чувањето на тајна и заемното помагање, се залага за пропагирање на иделите на масонството, како што се: искоренување на порокот, самоусовршување преку спознавањње на сопствените доблести и слабости, правда и единство меѓу сите луѓе и сл. Масонеријата настанала како организација на либералната интелигенција, која што, покрај заедничките интереси и заемното помагање, ја обединувале антиклерикализмот, како и идејата на демократија и законитост. Кон крајот на XIX век, друштвото се интернационализирало, а меѓународната солидарност на масоните станала едно од значајните обележја на движењето.

Меѓународното масонско здружение е основано 1921 год. во Женева. Организацијата ја карактеризира тајност во работењето како традиција, но и како средство за поефикасно остварување на своите цели. Се нагаѓа дека модерната масонерија настанала со Великата ложа на Англија, на денот на Јован Крстител, 24 јуни 1717 год. во Лондон. Од тогаш, масонски ложи никнуваат ширум Европа, Америка и на други континенти.

„Доаѓањето на власт на буржоазијата, формирањето на идеологијата на буржоазијата и реализацијата на нејзината политичка моќ, ама и на нејзините методи на управување со општествениот и државниот живот, како и остварувањето на буржоаските социјални и културни погледи на свет, масонеријата делотворно го подготвува и следи, истовремено возвратно значително влијаејќи на сите политички, социјални и културни облици на буржоаскиот живот, со што станува политички чинител од првостепена важност во сите тие збиднувања. Активноста на масонеријата се одвивала, а и денес се одвива, на политичкото, економското, културното и другите полиња на општественото живеење, па затоа не е лесно да се изведе вистинскиот карактер на организацијата“ (цитат: МАЛА ПОЛИТИЧКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА).

Начелата на слободното ѕидарство е содржано во тнр. Андерсенова книга на конституции, која е недостапна за јавноста, меѓутоа познато е дека, согласно нејзините одредби, целта на организацијата се огледува во моралното и доховното усовршување на поединецот и човештвото воопшто. Еднаквоста, братството и слободата, како основни масонски начела, применети на секој поединечен член, значат висока моралност, благородност, толеранција и борба против човечките слабости и страсти. Поради наведените начела, масонеријата често била предмет на неаргументирани тврдења, како за нејзината врска со социјалистичките револуции од страна на антикомунистичките сфаќања, до нејзините буржоаско – елитни обележја, од страна на социјал-комунистичките движења. Такуѓере се присутни бројни нагаѓања за поединечните истакнати личности од современата историја на кои им е припишувано членство во масонеријата.

Формирањето на тајни друштва е базирано врз изборот на истакнати поединци. Во прашање е посебен вониституционален облик на поврзување на општествената елита, т.е. додатно елитно раслојување на вишите социјални слоеви и нивното подзасилено раздвојување од масите. Тајните друштва би морале да бидат поглавје на темелни социолошки, психолошки и политички анализи. Особено треба да се има предвид фактот дека на владејачките општествени кругови  им одговара толкувањето дека социјалните појави се последица на делувањето на тајни мистични друштва.

 

10.4.

ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

 

Интелигенцијата е општествена групација чија што работа е со духовна и творечка содржина. Ја сочинуваа поединци како носители на креативноста во уметноста, достигнувањата во науката, како и оние кои тие творби ги репродуцираат и популаризираат.

Појавата на интелигенцијата како општествено легализирана појава, е поврзана со периодот на обновување на духовните вредности, функции и интелектуалните занимања по распадот на феудалното општество.

Интелигенцијата е поврзана со управувачките и немануелни дејности, како и со слободните професии. Во поширок смисол, интелигенцијата подразбира високо ниво на општо знаење и висок степен на образование. Основните обележја на интелигенцијата како социјална група се: немануелен труд и висок степен на образование.

Со оглед на тоа што основното и средното образование е задолжителен облик на образование во мнозинството современи држави, интелектуалците се поврзуваат со високото, универзитетско образование. Експанзијата на високото образование, како карактеристично обележје на современото општество, покренува бројни расправи за стеснување на поимот интелигенција на елитен круг научници, или на проширување на нејзините рамки на сите високообразовани. Во таа смисла, критериумот на степенот на образование би бил недоволно јасен, така што карактерот и видот на немануелна работа, како духовен и творечки, може да се користи како основно обележје на интелигенцијата.

Интелигенцијата ја одликуваат и други посебни обележја, меѓу кои и е материјалната положба, која е поблиска до владејачките кругови. Општествениот углед со кој интелигенцијата располага не е детерминиран од нејзината материјална положба, туку со нејзината улога во распределбата на општествена моќ, која што е најчесто решавачка. Со духовните креации и со нивното популаризирање, интелигенцијата може да биде иницијатор на општествените промени, но и пропагатор на социјалниот статус кво.

Особеност на интелигенцијата е дека нејзините претставници потекнуваат од различни општествени слоеви, па како социјална група, таа е нестабилна. Во теоријата се забележани сфаќања за интелектуалците кои се карактеризираат со индивидуалност, недисциплина, неодлучност и неспособност за организирање.

Историјата покажува дека умните и духовни луѓе меѓусебно се поврзувале и делувале како група во стара Грција, Египет, Кина и Индија, како и во други антички цивилизации. Античките филозофи, кинеските писатели, индиските брамани и подоцнежните европски калуѓери имале повластена социјална положба преку нивното учество во општественото одлучување и управување.

Во современиот период, интелигенцијата се поврзува со слабеењето на влијанието на црквата и појавата на капитализмот, кога се формираат посебни друштва на „интелектуалци“ во градовите. Во тој период присутни се „мецени“ меѓу благородниците кои ги финансират интелектуалците. Натамошниот развој на капиталистичкото општество овозможил масовност во писменоста, издаваштвото, печатарството, како и развиток на јавното мислење и јавниот политички живот, што ја одредило положбата на интелигенцијата:

1. таа допринела за богат уметнички развој;

2. го условила појавувањето на новите правци во културата и уметноста;

3. формулирала и артикулирала различни општествени вредности;

4. ги развила природните, општествените и техничките науки;

5. допринела за примена на науката и техниката во пракса;

6. влијаела на обликување на политичкиот живот во општесвото;

7. била носител или иницијатор на општествената критика;

 

Критичкиот однос на интелигенцијата спрема постоечкиот општествен ситестем се поистоветува со самата интелигенција и нејзината основна социјална функција. Факт е дека бројни интелектуалци низ историјата, па и денес, се прогонувани поради нивните критички идеи и делувања, но евидентни се и спротивни примери – интелигенцијата да се стопува во легалните облици на политичка доминација.

Во социолошката теорија е присутно прашањето за класното обележје на ионтелигенцијата т.е. дали е интелигенцијата класа и која е структурата и природата на интелигенцијата. Вебер и некои други автори ја определуваат интелигенцијата како  класа. Доколку како битно обележје на класите се прифати нивниот статус во процесот на општествено производство, тогаш интелигинцијата нема обележје на класа, бидејќи основната функција на интелигенцијата е нејзиниот духовен и креативен труд во општеството.

Присутни се и оспорувања на интелигенцијата како социјална група. Гејгер и други сметаат дека интелигенцијата е аморфна општествена групација која потекнува од различни социјални слоеви и која постои само кога нејзините припадници духовно и креативно создават или репродуцираат. Според овие автори, интелигенцијата ги врши духовните и креативните дејности во општеството, со кои социјално себеси се дефинира и се одвојуваа од другите општествени слоеви, поради што претставува јасно уочлив општествен слој. Инаку, интелигенцијата не настапува како социјално единствена и хомогена групација зашто тоа е спротивно на нејзината општествена улога.

Во теоријата е присутна поделбата на интелигенцијата според областите на работењето на: хуманистичка – во која припаѓаат претставницте на општествените науки, културата и уметноста, тоест интелигенција во потесна смисла, и техничка интелигенција – инструментално ориентирана. Поделбата укажува дека само хуманистичката интелигенција поседува смисла за општествени цели и вредности, за разлика од техничката интелигенција која е прагматично ориентирана. Да споменеме дека мнозинскиот дел од авторите на ваквата поделба ја чинат претставници на хуманистичката интелигенција, па и вреднувањето е субјективно.

Идејата за интелигенцијата како владејачки општествен слој датира уште од античкиот период и коинцидира со елитистичките теории за општеството. Платон прв ја формулирал идејата за филозофите како умни и духовни луѓе без лична сопственост и семејство, кои би требало во државата да ја имаат владејачката позиција. Од тој период датира сфаќањето за интелигенцијата како единствена општествена елита која ја сочинуваат поединци од знаење и од култура, племенити и незаинтерсирани за својата материјална добробит. Стара Кина и Индија докажале дека умните луѓе имале владејачки улоги и позиции во тогашното општество.

Меѓу современите сфаќања за интелигенцијата како елита, се издвојуваат сфаќањата на германските социолози Вебер и Манхајм. Посебно се истакнува Манхајмовото сфаќање дека интелигенцијата поседува над-класна социјална позиција, и дека „слободно лебди“ во општествениот простор помеѓу различни спротивставени класи. Интелигенцијата овозможува „натперспективна општествена синтеза“ и непристрасен развиток на општеството и културата, затоа што потекнува од различни социјални слоеви и поседува натпросечно образование. Елитната положба на интелигенцијата, меѓу другото, е обусловен со нејзината рационалност, која ги помирува социјалните тензии и напнатости. Својот непристрасен и рационален став, интелигенцијата им го пренесува на слоевите од коишто потекнала, демек на целокупната структура на општеството.

Во тој контекст Михелс, исто така германски социолог, ја определува интелигенцијата како групировка која се одликува со знаење, рационалност и точно сознание. Чешкиот социолог Блаха ја дефинира интелигенцијата како општесвена група која го продуховува општеството и која има виша мисија, па оттаму нејзините припадници се, морално и психички, социјално супериорни  во однос на мнозинството членови на општеството.

Во последните децении особено е популарна и прифатена теоријата за интелигенцијата на Шумпетер и Маркузе. Според нив, суштината на интелигенцијата е во „повисоката“ критичка мисла, изразувањето на незадоволство и одбивањето на учествува во легалните облици на функционирање на социјалниот систем. Третирајќи ја интелигенцијата како „свест и совест“ на општеството, овие социлози интелигенцијата ја сметаат за разорувачки елемент на општествената структура. Со оглед на тоа дека таа разорувачка функција на интелигенцијата е од духовен, а не стварен карактер, интелигенцијата во современите тоталитарни услови станува резигнирана и нихилистички настроена, па влијае врз осирмашувањето на културниот и севкупниот општествен развој.

Во различните општества и историски периоди интелигенцијата имала различни улоги и карактеристики. По правило, нејзините членови припаѓаат на даден општествен ситем. Меѓутоа, од примерот на буржоаските револуции, се гледа дека таа може да има и револуционерна улога во промената на целокупниот општествен систем. Современата интелигенција ја следи судбината на напредокот на науката и технологијата во општествениот развој, па нејзината критична улога е се’ помала, со одредени исклучоци, а вклопувањето во општиот социјален систем на вредности, што го пропишува легитимната идеологија, е се’ поизразен. Извесната насетена несигурност и нерешителност на интелигенцијата е резултат на бројните нови армии образовани луѓе од средните слоеви, со што нејзината социјална слоевитост се расплинува, а особеностите на групацијата исчезнуваат.

Во современиот период интелигенцијата институционалнно се поврзува со универзитетот, слободните интелектуалци и другите структури кои се носители на научнотехнолошкиот, информатичкиот и вкупниот општествен развој. Наднационалните тенденции во развојот на овие структури (на пр. тнр. Болоњски процес на просторот на европските универзитети) овозможуваа поврзување на националните интелигенции на глобално ниво.

 

10.5.

МАСА – ТОЛПА

 

Терминот „маса“ во социологијата напоредно е формулиран со терминот и категоријата „елита“. Масата, како мултидисциплинарна категорија, е предмет на истражување на социологијата, психологијата, филозофијата, политикологијата, антропологијата и другите науки. Во секојдневниот говор маса е термин со којшто се означува голема група луѓе. Во социолошка смисла, масата е „спротивност на елитата“, она што не е елита, голем број неповрзани лица, општествена групација на која и’ недостига самостојност, автентичност, организираност, творештво и рационално однесување. Слични одредници на масата се дадени во некои енциклопедии, на пример: „агрегат без индивидуално разликување“, „најнизок ниво на групна интеграција“, стопување во НИЕ“.

Околу масата, присутни се различни сфаќања: античко –традиционално, класично, елитистичко – како нова социолошка теорија, марксистичко – елитистичка перспектива, и масификациско – феноменот на масовното општество и култура.

Претставникот на класичниот елитизам Моска ја смета масата за неспособна и неорганизирана толпа, а елитата за организирано малцинство. Поделбата на богати и сиромашни се поклопува со поделбата на елита и маса, т.е. виша класа и народот како толпа. Масата, според Моска, е склона кон подаништво и илузии.

Парето, со своето сфаќање за историското кружење на елитите, масата ја сфаќа како „не-елита“. Масата е „пасивен, некохезивен, нефункционален дел од општесвото, подложен на владеење“. Масата е несамостојна, и претставува средство со помош на кое елитата ја остварува својата цел. Активностите на масата се последица на нејзиното чувство на пониженост, што според Парето, најдобро може да се согледа во социјалистичките револуции и движења.

Современата социологија и’ дава посебно значење на масата, како конститутивен елемент. Денешните маси се синоними за групировки кои немаат или имаат мала општествена моќ, кои немаат јасна перспектива и сфаќања за постојните општествени промени. Масата во основа е „конзумент“, потрошувач и „зависник“ на масовната култура поради што е погодна за социјална манипулација.

Толпата или гомилата го означува негативниот облик на маса, а се дефинира како: вид општествен агрегат, тоест аморфно, привремено и нестабилно множество поединци кои меѓусебно се поврзани со просторот и со психосоцијалната близина, но не и со поинтензивни општествени контакти и заемна комуникација, кое што множество е со карактеристично психичко состојание и специфични, честопати различни, однесување на поединците, во однос на изолираните индивидуални или други збирни однесувања („СОЦИОЛОШКИ ЛЕКСИКОН“).

Во толпата личностите се анонимни, лабаво поврзани, сугестибилни и склони кон имитирање, тоа е тнр. „Ментална зараза“. Особено е изразена сконоста на толпата кон: конформизам, кон вождови и лидери, кон колективни симболи, афективни емоции, смалена одговорност и контрола на однесувањето, како и кон разни облици на агресивност и рамнодушност.

...

(др. Снежана Пантелиќ-Вујаниќ – др. Марија Чукановиќ-Каравидиќ: СОЦИОЛОГИЈА, Универзитет за Пословни инженеринг и Менаџмент; Бања Лука – 2014 год.)

 

No comments:

Post a Comment