Sunday, August 16, 2015

Зигмунд Фројд: ПСИХОПАТОЛОГИЈА НА СЕКОЈДНЕВНИОТ ЖИВОТ


Еден од највлијателните умови на XX век е основоположникот на психоанализата Зигмунд Фројд. Тој извршил пресудно влијание не само врз психологијата, туку и врз биолошките науки, како филозофијата, културологијата, уметноста, но и историјата („Мојсеј и монотеизмот“). Ретките се научниците чиј што интелектуален замав е толку широк и продорен. Фројд е роден 1856 г. во Моравија, во еврејско семејство, кое во XIV век  било прогонето од  Келн, па преку долготраен престојво Галиција, се населило во Бохемија. Во Чешка, Фројдови живееле до неговата трета година, за најпрвин се отселат в Лајпциг, а година дена потоа во Виена. Таму Фројд ќе остане речиси до крајот на животот во 1939. Тогаш, пред налетот на нацистите, ќе мора последните години да ги мине в егзил, во Лондон. Образованието го стекнал во Виена, а секогаш се истакнувал според умноста. За себе, во една прилика ќе каже дека имал извонредно памтење. Можел да изрецитира цела страница по само едно читање; а уште пред да стапне на факултет, можел од прв до последен ред да го напише говорно предавање кое туку што го чул. Кога полагал испит пред наставниците на факултетот по медицина, бил во состојба прецизно да го репродуцира напишаното од учебиците така како што било запишано, што говори за неговата висока интелигенција.
По дипломирањето и стекнувањето доцентска титула,имал к‘смет да престојува на клиниката за невропатологија кај прочуениот француски научник Жан Шарко. Таму насобрал богата емпирија за специјалноста со која подоцна професионално ќе се бави – патологијата на душата и човечковите психодеформитети. По Париз, извесен период престојува во САД, каде што одржува пет предавања кои се сметаат за темели на психоанализата. Се враќа в Европа и заедно со Јунг, го основа Меѓународното психоаналитичко друштво. Тоа е коренот на новата медицинска наука, од која наскоро ќе почнат да се двојат разни гранки: Јунг се отцепува од Фројд со својата длабинска психологија, Адлер со психологијата на престижот итн.

 Фројд има творечка дејност долга цели 40 години. Напишал голем број книги коишто се класици во науката за душевното, како на пример: „Толкувањето на соништата“, „Досетката и нејзиниот однос кон несвесното“, „Тотем и табу“, „Его и Ид“, „Неугодното во културата“ и многу други. Меѓу неговите најпопуларни дела се вбројува „Психопатологијата на секојднениот живот“. Тоа е едно од неговите први творби напишано во 1901 г. Преглед на содржината дава јасен увид во предметот на обработка. Почнува со феноменот на заборавање лични именки, странски зборови, имиња и делови на реченици; потоа следи анализа за спомените од детството и за т.н. покривалици; потем за лапсусите во говорот, читањето и пишувањето; за заборавање на впечатоци, знаења и намери; за утките при фаќањето, симптомски и случајни гестови; за грешките; за комбинирани грешки и за детерминизам. Ова е една од најпрактичните книги на Фројд и речиси не постои индивидува која нема да може да се пронајде на нејзините страници бидејќи на сите ни се случува, во некој миг, да не можеме да се сетиме на некој збор за кој сме сигурни дека го знаеме или да ја помешама употребата на една дума со друга, можеби слична по звучност ама тотално различна по значење. Според Фројд, тоа се случува по налог на несвесното, кој преставува своевидно депо на нашите нагони, страсти, интереси и заборавени искуства и кој не е под наша контрола. Напротив, честопати тоа несвесно управува со нашите постапки, а механизмите со кои тоа се прави се проучувани од страна ан психоанализата. Еве еден пример како изгледа една утка и тоа кај самиот Фројд. Дејствието се случило за време на едно негово патување за Дубровник. Имал со него некој сопатник кого, после разговорот за владеењето на Туците со Босна, го прашал дали некогаш бил во во г. Орвието да ги разгледа тамошните чуени фрески од...? Фројд никако не можел да се сети на името на сликарот Сињорели, туку му доаѓале во главата имињата Ботичели и Болтрафио. Се подложил на авто-психоанализа и дошол до заклучок дека во потсвеста му се помешале корењата на зборовите „Сињор(ели)“, „Хер(цеговина“ и „Бо(сна)“ со „Бо(тичели)“ и „Бо(лтрафио“).

No comments:

Post a Comment