Sunday, August 30, 2015

Норман О Браун: ЖИВОТОТ ПРОТИВ СМРТТА


Метафизичката психологија од втората половина на XX век, свој еминентен преставник добила во американскиот истражувач Норман О Браун. Тој бил син на англо-ирски рударски инженер и кубанска емигрантка. За време на Втората светска војна работел во Центарот за стратешки сервиси. После Војната, предавал на повеќе универзитети во САД, а најбележит бил неговиот ангажман на калифорнискиот Санта Круз универзитет, во шеестите години на минатиот век, кога стекнал голема популарност меѓу студентите. Во светот е познат по следните книги: „Тело на љубовта“, „Еволуција на митот“, „Хесиодовата теогонија“, „Време на затворање“... Сепак негово најважно и највлијателно дело е „Живот против смртта“, кое е продадено во преку 100 илјади примероци.
„Живот против смртта“ преставува критички дијалог со најбитните елементи од опусот на Сигмунд Фројд. Книгата чијшто поднаслов гласи „Психоаналитичка смисла на истгоријата“ е поделена на 6 поглавја: Проблем; Ерос; Смрт; Сублимација; Истражување на аналноста; и Излез. Овде ќе го прикажеме претпоследното поглавје, кое е и најобемно, а во кое авторот се задржува на нешто што тој го нарекува „екскрементална визија на светот“ и на односот помеѓу психоанализата и економијата, поточно парите.
Основен постулат на Брауновата психо-метафизика преставува Танатосот или нагонот на смртта. Овој поим, како што е познато, е воспоставен од страна на Фројд, а Браун го доразработува неговото омнипотентно делување. Тој го реафирмира фројдовото стојалиште дека виновник за појавата на агресивност е нагонот за смрт, кога векторот на неговото дејствие, од навнатре (мазохизам) ќе се сврти кон надвор (садизам). Еден базичните механизми со кој човечкото битие се обидува да се реши од деструктивното влијание на Танатосот е потиснувањето. Норман О Браун тврди дека потиснувањето и присилата на повторување, како еманација на нагонот на смртта, ја произведуваат историјата: „потиснувањето ја преобратува безвременската нагонска присила во дијалектика на неврозата, која се движи нанапред и тоа претставува историја“, вели Браун (с. 107/108). Тоа е јадрото на неговата Психоаналитичка смисла на историјата.
Како што спомнавме, односот меѓу психоанализата и парите е обработен во 5 поглавје, кое содржи три дела: Екскрементална визија на светот; Протестантско доба; и Валкани пари. Тезите кои се пласирани во овие три сегменти го вџашиле и шокирале светот. Во првата глава, Норман О Браун врши длабинска анализа на литературниот опус на англискиот писател Џонатан Свифт. Анализата е сконцентрирана на многубројните одвратни и скаредни моменти присутни во Свифтовите дела. Во втората глава Браун елаборира околу начинот на кој основоположникот на протестантската вероисповед Мартин Лутер се инспирирал да го објави новото толкување на христијанството. Како почетна точна на неговата анализа Браун го зема мигот кога самиот Лутер доживува просветление, а тоа се случува на ВЦ-шоља.

Посебно импресивен е третиот дел на Брауновата експликација, која се однесува на психопатолошкиот происход на штедливоста, економичноста, економијата и парите. Сето тоа Браун го објаснува како продукт на тнр. анален карактер. Тој смета дека економистичниот и потрошувачкиот начин на живеење не постоел од секогаш и се јавил како резултат на неврозата на човештото, предизвикана од постојаното потиснување  на природните нагони. Во древните времења, вели Браун, повикувајќи се на истражувањата на Џ. М. Кејнс, златото и среброто не биле платежни средства, туку симболи на сонцето и месечината. Парите се појавуваат релативно доцна во човековата повест. Она што навистина шокира е Брауновото објаснување зошто тоа се случило: „Она што го тврди психоаналитичкиот парадокс е дека ‘стварите’ кои што ги поседуваме и натрупуваме, сопствеништвото и сеопштиот згуснат талог на владението, парите, всушност се екскрементални. Психоанализата мора да заземе став не само во поглед на потеклото на паричниот комплекс, ами и со обзир на неговата дефинитивна валидност. Вулгарното психоаналитично толкување се сведува на изјавата дека категоријата на сопственоста потекнува од инфантилното баратање со изметот.“

No comments:

Post a Comment