Monday, September 7, 2015

Вилхелм Рајх: МАСОВНАТА ПСИХОЛОГИЈА НА ФАШИЗМОТ


Вилхелм Рајх е еден од најконтроверзните научници на XX век. Извршил големо влијание врз интелектуалните собитија по Втората светска војна, не само во психо-сексологијата, за чиј основач се смета, туку и врз книжевноста, музиката, филмот, па дури и врз политичките случувања. Заедно со Херберт Маркузе, се смета за инспиратор на студентските демонстрации од 1968-ма, а се вели дека за време на судирите со полицијата, демонстрантите ги гаѓале полицајците со примероци од книгата „Масовната психологија на фашизмот“.
Фројдовиот ученик и критичар, Вилхелм Рајх имал прилично тешка судбина. Како припадник на еврејскиот народ, слично како и Фројд, бил приморан да бега пред нацистичките антисемитистички погроми. Извесно време минал во скандинавските земји, а потоа, со помош на неговиот пријател Бронислав Малиновски, буквално со последниот брод, отпловил од Норвешка за САД, пред норвешките профашистички власти да отпочнат со прогон врз Евреите. За жал, Рајх не нашол спасение ни во САД. Тој таму излегол со хипотеза дека пронашол нов тип енергија која ја нарекол оргон, како некој вид амалгам помеѓу сексуалниот оргазам и космичките сили. Рајх тврдел дека оргонот е одговорен за генерирање на животот, а неговото отсуство за настанување на канцерозните заболување. Се обидел во тоа да го увери дури и физичарот Ајнштајн, ама не успеал. Спротивно, неговите тези во јавноста со кои заговарал промискуитет и промовирал тнр. „Оргон-акумулатор“ им се сториле сомнителни на американски власти. Тие го фрлиле Рајх в затвор, а неговите книги и списанија тешки шест тони ги запалиле. За време на издржувањето на двегодишната казна, Рајх умрел во затворот. Официјално – поради срцев удар. Тоа се случило ноември 1957 година.

Книгата „Масовната психологија на фашизмот“ е една од најраните дела на Рајх. Претходно тој ја имал објавено култната „Функција на оргазмот“  со која на некој начин раскрстил со својот дотогашен гуру Фројд и тргнал по свој пат. „Масовната психологија на фашизмот“ Рајх ја објавува 1933 г. непосредно по доаѓањето на Хитлер на власт во Германија. Поради тоа, освен својата теоретска функција, книгата има и определен документаристички квалитет, бидејќи во неа се анализира што всушност правеле нацистите, по нивното зграпчување на власта во Берлин. Основна теза на Рајх е дека за подемот на Германската национал-социјалистичка партија на работниците  не е заслужна Хилтеровата харизма, туку некаква желност на германските маси за таков тип на политика. Тој најнапред ја обвинува левицата дека создала погодно тло за ‘ртење на национал-социјализмот: „тврдењето дека социјалдемократската политика го качува фашизмот в седло е точна не само политички, туку – што е битно – и масовнопсихолошки“ – вели Рајх. Како втора причина за растот на НСДАП тој ја смета нацистичката пропаганда, при што како доказ цитира мисла од Хитлеровата „Мај кампф“: „Расположението на народот отсекогаш било тоа што озгора ќе му се ‘утуви’ на јавното мислење“. Натаму, Рајх објаснува во кои општествени слоеви нацизмот ги регрутира своите следбеници. Тоа се „средниот сталеж, значи милионите приватни и јавни чиновници, средните трговци и средното и ситно селанство“. Тој сите нив ги подведува под поимот на малограѓанштина. Неа Хитлер ја задобил со лажна реторика против крупниот капитал, додека во исто време цврсто се врзал со нјаголемите индустријалци, како Тисен и Круп. Во исто време, популизмот на Хитлер успева да ги привлече и традиционалните ривали – пролетерите и бирократите. Во таа смисла, Рајх одново посега по цитирање делови од „Мајн капф“ каде буквално стои: „Народот претежно е насочен и склон кон феминост, па неговото мислење и делување повеќе е водено од чувствени поттици, отколку од трезвени размисли“. „Тоа чувство меѓутоа, не е комплицирано, туку едноставно и единствено. Тука нема многу диференцирања, туку само позитивно и негативно, љубов или омраза, правда или неправда, вистина или лага, а никогаш нема пола вака, пола онака, или делумно“. Рајх тврди дека Хитлер на многу места нагласува дека кон масата не сме да и‘ се приоѓа со аргументи, докази и образование, туку само преку чувства и вера.

No comments:

Post a Comment