Tuesday, January 5, 2016

ХАНА АРЕНТ: Потеклото на тоталитаризмот

Хана Арент претставува икона на XX век. Авторката на „Потеклото на тоталитаризмот“ од неодамна е и овековечена на филмското платно со филмот кој што е насловен според неа и во кој нејзиниот лик го глуми Барбара Сукова. Филмот се задржува на две епизоди од нејзиниот живот, а тоа се  судењето на нацистот Адолф Ајхман во Ерусалим, од каде Арент известувала за угледниот магазин „Њујоркер“, како и нејзината младешка врска со филозофот Мартин Хајдегер, еден од основачите на егзистенцијализмот.
Вториов момент од Арентиниот живот покажува колку оваа брилијантна жена била дел од клучните настани на минатото столетие. Таа се родила 1906 г. в Хановер, во семејство на секуларни Евреи. За време на студиите во Марбург, се запознава со Хајдегер, со кого стапила во бурна врска, но таа била прекината после една година. Хана се префрлува на универзитетот во Хајделберг, каде што под покровителство на големиот филозоф Карл Јасперс, го напишала својот докторат за поимот на љубовта во учењето на Св. Августин. Се мажи во 1929 г. но после осум години, нејзиниот прв брак се распаѓа. Застрашена од нацистичката опасност и нејзиното испрашување од страна на Гестапо, таа бега за Париз, каде што во 1940 г. по вторпат се мажи, овој пат за нејзиниот доживотен сопатник Хајнрих Блихер, марксист кој исто така побегнал од Германија. Не наоѓајќи спас од Хитлер во бргу совладаната Франција, Арент со својата мајка и сопруг, заминува за Америка, каде што конечно наоѓа безбедно уточиште се‘ до својата смрт во 1975. Веќе 1950 год. е готово нејзиното врвно дело „Потеклото на тоталитаризмот“, кое излегува пред публиката следната ’51 година.
Иако мнозина ја сметале Арент за филозоф, таа себе си се оквалификувала како теоретичарка, затоа што предмет на нејзиното мислење биле Луѓето (Човеците), не Човекот како таков. Она што е од особен интерес за неа е злото во човештвото, кое што свој врховен израз нашло во крвавите настани од првата половина на XX век. Тоа е и предмет на „Потеклото на тоталитаризмот“. Во оваа книга Арент се занимава со феноменот на тоталната држава и нејзината идеологија на омразата, која што одвела во смрт десетици милиони човечки животи во минатовековните војни и револуции. Книгата е поделена на три дела: Антисемитизам, Империјализам и Тоталитаризам. Во нив на прецизен и продлабочен начин, се објаснува генезата на политичкото зло кое на таков драматичен начин го довело под прашање постоењето на моралноста на човековата раса.
Самата структура укажува дека, за еден од корените на тоталитарната диктатура, Арент го смета антисемитизмот. Иако за време на своето новинарско известување од судењето на творецот на конц-логорите Ајхман, Арент била обвинувана дека го потценила – конкретно во тој случај – Ајхмановиот антисемтизам (овој монструм имено, се бранел дека не ги мразел Евреите, ами дека само ги извршувал Хитлеровите наредби), сепак во своето прво дело таа јасно кажува дека антисемитизмот е фактички татко на тоталитаризмот. Во трите дела на тоа поглавје, таа дава преглед на историјатот на антисемитизмот, почнувајќи од неговите први пројави во постнаполеоновоска Прусија, до жестокиот антисемитизам кој избувнал во Франција за време на злогласната „Драјфусова афера“. Во второто поглавје насловено како „Имперјализам“ Арент недвосмислено кажува дека секундарниот корен на тоталитаризмот го гледа во колонијалното завладување на Третиот свет од страна на „Белиот човек“. Овде таа укажува на исчезнувањето на традиционалните класи - работничка и капиталистичка - по Првата светска војна и настанувањето на феноментот на маси (што беше тема и на „Психологија на масите“ од Ле Бон), како и појавата на тнр. толпа (или руља) како слој во кој се слеваат отпадниците од сите поранешни класи. Империјализмот ја користи авторитарноста на таа толпа за свои цели, па доаѓа до сраснување на интересите на империјалистичките бизнисмени со тие на масата и толпата. Авторката тука посочува и на првите пројави на расистички теории пред самото појавување на расизмот како идеологија. За родоначалник на расното толкување на историјата таа го смета францускиот научник Гобино, кој тврдел дека францускиот народ се состои од две компоненти: од некогашните робови – Галите, од кои божем настанала буржоазијата и од германското племе Франки, од кои наводно настанала аристократијата. 
Третиот и последен сегмент под назив Тоталитаризам содржи две глави. Првата е крстена Тоталитаризам на власта и е составена од три заглавија - Тоталитарна држава, Тајна полиција. и Тотална доминација. Втората глава, која е 13 и последна по ред во целата книга, речито говори за својата содржина преку самиот наслов, кој гласи - Идеологија и терор: нов облик на власт!

No comments:

Post a Comment