1 јануари 1924
Кој векот измачен
го целивал во темето-
Тој синовска
нежност крие
Ќе помни како
замина зад прозор времето
Во соспата
пченична да спие.
Тој кој на векот
болен му ги кревал клепките-
Две крупни
јаболки засонети-
Го слуша шумот
вечен, кога ревеле реките
На дните лажни
глуво сронети.
Две јаболки
засонети има векот-господар
И уста глинена со
убост мошна,
Но, мреејќи, на
синот што е веќе стар
Тој во рака ќе му
падне трошна.
Се’ послаб бива
животниот здив дур дните минат,
Уште миг – ќе
биде скината
Песната проста на
навредите од глина,
Со олово ќе
затнат уста зината.
О живот глинен! О
умирање на скапнат век!
Се плашам дека ќе
те сфати тебе
Сал оној што има
човешка насмевка без лек,
Којшто се загубил
себе.
О каков бол – да
го бараш зборот загубен в мрак,
Да ги креваш
болните клепки,
И со варовник во
крвта за туѓо племе пак
Да собираш ноќни
трепки.
Век. Во крвта на
болниот син се стврднува сега
Варовниот слој.
Ко дрвен сандак Москва дреме,
И нема кај од
векот-деспот да се бега...
На јаболко мириса
снегот, како во старо време.
Јас сакам да
побегнам од родната стреа.
Но мрак е надвор.
Кај ли да се крене?
И како сол по
патот поплочен да сеат,
Се белее совеста
пред мене.
Долж гнезда,
улички и стреи, при ветер што шиба,
Стокмен на друго
место да легнам,
Јас патник прост,
покриен со крзно од риба,
Се трудам
наметката да ја стегнам.
Ко јаболко чкрипи
звукот на санката, растегнато,
Се губи една
улица, друга се раѓа.
Никако да го
закопчам копчето затегнато,
Постојано раката
смрзнато ми паѓа.
Со каков товар од
тешко железо никне
И грми низ Москва
ноќта зимска без мерка.
Ту ѕвечка како
смрзната риба, ту в пареа ќе бликне
Од чајџилниците –
како сребрена црвеноперка.
Москва – повторно
Москва. „Здраво – и’ велам –
Не биди груба,
уште бедата не стега,
Со мразот лут и
судот на штуката го делам
По старски
братството сега.“
Аптекарската
малина врз снегот пламти,
И негде в ноќта
андервутка чкрипна.
Кочијашки грб и
снег половина аршин – памти:
Што сакаш уште?
Нема да те убијат, ни пипнат.
Зима-убавица и
козјото небо бива
Плиснато сред
ѕвездите и гори како млеко,
И паѓа, по
санката смрзната во коњска грива
Се влече
покривачот со ѕвекот.
Улиците чадат од
петролејките матни,
Го голтаа снегот,
малината, ледот, ломен,
Од советската сонатина
се лупи се’ и татни
На дваесетите
години во спомен.
И зарем да го
предадам на зборот лош и срамот гаден-
Пак мириса на
јаболко мразот под стреа-
Заветот на
четвртиот сталеж даден
И клетвите ко
солзи големи што беа?
Кого ќе убиеш?
Кого ќе прославиш уште еднаш?
Каква лага ќе
измислиш тука?
Тоа е ‘рбет на
ундервудот: искорни ги типките – и веднаш
Ќе најдеш
коскичка од штука;
И слојот вар во
крвта на синот болен згина,
И блажена
насмевка се гледа...
Но на машините за
пишување простата сонатина
На други моќни
сонати е само сенка бледа.
1924
(изд. Култура – Скопје 1995, преп. од
руски Ефтим Клетников)
No comments:
Post a Comment