Tuesday, January 12, 2016

АЛФРЕД МАРШАЛ: Принципи на економијата

Ако Адам Смит и Давид Рикардо биле корењата на економската наука, тогаш Алфред Маршал е нејзиното стебло. Тој и го востановил терминот „економикс“, заменувајќи ја претходно употребуваната синтагма политичка економија. Маршал е зачетник на тнр. маршалијанска школа, наречена уште и неокласична или маргиналистичка. Маргинализмот е еден од највлијателните правци во економската теорија и се јавил во неколку центри истровремено – во Швајцарија (Лозанска школа), Виена (Австриска школа) и во Англија (Кембриџ-школа). Во с‘ржта на маргиналистичкото учење за тнр. гранична корисност е дека стопанскиот живот се темели повеќе на потрошувачката, отколку на понудата, со оглед на тоа дека производителот мора да продаде, додека купувачот не мора да купи, како и дека вредноста на стоката е одредена со корисноста на последната единица на роба со која потрошувачот располага.
Англискиот маргинализам т.е. економскиот неокласицизам во голема мера се поистоветува со ликот и делото на Алфред Маршал. Тој во почетокот на својата професура предавал теологија и филозофија на моралот, а дури подоцна го свртел вниманието кон економските прашања. Уште во самиот вовед во неговото фундаментално дело „Принципи на економијата“, објавено 1890 г. тој објаснува дека двете димензии кои најдлабоко го одредуваат животот на поединецот се религијата и парите.
Влијанието на „Принципите на економијата“ од Алфред Маршал, и покрај тоа што било подложено на критика уште од неговиот ученик Џон Мајнард Кејнз, останало присутно наредните пет-шест децении. По објавувањето на „Принципите на економијата“ Маршал бил признат за доминантна фигура во англиската економска наука. Неговиот систем претставува своевидна синтеза на класичната Рикардова доктрина и маргинализмот. Теоријата на цени ја развил врз база на заемното делување на понудата и побарувачката. Зад тие две пазарни сили, тој ги видел трошоците на производство и корисноста кои на т.н. маргина заемно и’ ја одредуваат вредноста.
Кога во 1908 г. Маршал му ја предал катедрата на својот ученик Артур Пигу, Кембриџ се сметал за центар на економската наука  во англосаксонскиот свет. Ова, благодарејќи на големиот број способни еконономисти кои се воспитувале кај Маршал , развивајќи поединечни подрачја на економската наука.
„Принципите“ се волуминозно дело од преку 800 страници и доживеале 8 изданија. Содржината може да се согледа од насловите на поглавјата, кои се подредени во шест книги. Првата книга под назив „Прелиминарни истражувања“ ги содржи следниве поглавја: Вовед; Суштина на економијата; Економска генерализација и закони; и Поредок и цели на економските студии. Втората книга се вика „Некои фундаментални забелешки“: Вовед; Богатство; Производство, потрошувачка, труд и потрепштини; Приход и капитал. Трета книга: „За потребите и нивното задоволување“: Вовед; Потребите во однос на активностите; Градација на побарувачката на конзумот; Еластичност на потребите; Избор помеѓу различните употреби на иста работа; Вредност и употребна вредност. Четврта книга „Агенси на производството“: Вовед; Плодност на земјиштето; Тенденција на намалување на повратот; Зголемување на популацијата; Здравјето и силата на населението; Индустриска обука; Пораст на богатството; Индустриска организација; Поделба на трудот – влијанието на машините; Концентрација на индустриите во поединечни локалитети; Производство во голем обем; Бизнис менаџмент; Заклучок: тенденција на зголемување на намалување на повратот. Петта книга „Општи релации кај побарувачката“: Интро; За пазарите; Времен еквилибриум на понудата и побарувачката; Еквилибриум на нормалната понуда и побарувачка; Вложување и дистрибуција на ресурсите; Еквилибриум на нормалната понуда и побарувачка, продолжение; Здружена и композитна побарувачка; Првична и завршна цена на чинење; Гранична цена на чинење во однос на вредноста; Општи принципи, продолжение; Гранична цена на чинење во однос на вредноста во земјоделието; Гранична цена на чинење во однос на вредноста во градските средини; Еквилибриум на нормалната понуда и побарувачка, продолжение; Доктрина на максималното задоволување; Теорија на монополите; Општа теорија за еквилибриумот на понудата и побарувачката. Шеста книга „Распределба на националниот доход“: Прелиминарни истражувања за распределбата 1 и 2; Заработувачката на трудбениците 1, 2 и 3; Интерес на капиталот; Профит на капиталот и моќта на бизнисот 1 и 2; Земјишна рента; Земјишно посредување; Општ поглед врз распределбата; Општо влијание на економскиот прогрес; и последното поглавје гласи: „Прогресот во однос на животниот стандард“.
За делото Principles of Econommics во „Економскиот лексикон“ на Современа администрација – Белград од 1975 пишува дека настојува да развие таква теорија на вредноста и распределбата која би требало да ги обедини маргиналната корисност со субјективните трошоци.
„Вредноста ја одредуваат силите кои стојат зад понудата и побарувачката. Позади побарувачката стои маргиналната корисност која се огледува во цените на потребителството на купувачите. Позади понудата, пак, се маргиналниот напор и жртвата кои се одразуваат во цените на продавачите. Така повторно се воспоставуваат  трошоците на производството како детерминанта на вредноста. Треба да се разликуваат реалните трошоци на производството од производствените издатоци. Првите се состојат  од работниот напор и жртвата на капиталистот. Дискредитираниот Сениоров назив за таа жртва ‚одрекување‘ во кој јасно се огледуваат апологетски намери, се заменува со називот ‚чекање' (waiting) со кој се изразува просто воздржување од трошење во сегашноста. Тоа одложено уживање е жртва, слична на маката и трудот на работниците, а како надокната служи каматата. Според тоа, обата елемента се субјективни (напорот на работниците и жртвата на капиталистот) кои ги сочинуваат реалните трошоци на производството. Не можат непосредно да се споредуваат реалните трошоци на две стоки, ниту може да се каже дека се еднакви  кога се идентични нивните парични производствени трошоци. Мора да се прифати одреден вештачки начин  на нивното мерење со некоја заедничка единица и потоа да се повикаме на односот помеѓу нивните мери. Иако напорот и жртвата се меѓусебно различни, тие сепак еднакво влијаат на вредноста, оти се еднакви нивните економски мерки – издатоците на кои човек мора да се изложи ако сака да ги купи. Исто така е невозможно да се мерат желбите на потрошувачите или задоволствата кои произлегуваат од нивното исполнување, па затоа е неопходно да се прибегне кон економски мерења. Од ова произлегува еден од најкарактеристичните поими на маршалијанската економија – поимот на ‘потрошувачки вишок’ како вишок задоволства што ги има купувачот кога годе може да си купи некоја роба по пониска цена од таа што бил волен да ја плати, за да не остане без дотичната роба. Маршалијанската економија ја збогатила и граѓанската теорија на вредноста и цените и со својата анализа на рамнотежата меѓу понудата и побарувачката. Таа почива на разликувањето разноврсните временски периоди  за време на кои се претпоставува дека делуваат оние сили што тендираат кон воспоставување рамнотежа. Изграден е мошне сложен аналитички апарат за излагање на различните степени на прилагодување и воспоставување ‘делумна рамнотежа’. Разработен е поимот на еластична побарувачка кој и ден-денес е општоприфатен во теоријата на размена. Начелото заменливост на границата (принципот на супституција) станува оперативно нечело на економската рамнотежа, та служи за објаснување на функционалните односи помеѓу сите економски категории. Тоа го изразува едноставниот факт дека производителите (претприемачи), кога годе е тоа можно, го заменуваат поскапиот фактор на производство со поевтин.“


No comments:

Post a Comment