Friday, September 28, 2018

ДЕЈВИД ХЈУМ: Есеј за подемот и напредокот на науките и уметностите



...Бидејќи природата му дала на мажот надмоќ над жената со тоа што го обдарила со поголема снага како во умот, така и во телото, негова задача е да ја ублажи таа надмоќ колку што е можно повеќе со благородноста на своето однесување и со претходно подготвена почит и угодување на сите нејзини желби и мисли. Варварските народи ја покажуваат својата надмоќ со тоа што ги принудуваат своите сопруги на најбедно ропство: со тоа што ги заробуваат, ги тепаат, ги продаваат и убиваат. Но машкиот пол, кога е меѓу културен народ, го покажува својот авторитет на поплеменит, иако не и на поочигледен начин; со пристојност, со почит, со угодување, со еден збор, со галантност. Во добро друштво, не треба да прашате кој е господар на гозбата. Човекот кој седи на најнеугледното место и што секогаш е подготвен да им помогне на сите, со сигурност е таа личност. Мора или да ги осудиме сите примери на таква благородност како шашави и неприродни или да ги прифатиме гестовите на галантност меѓу нив. Древните Москвичи ги венчавале своите невести со камшик наместо со прстен. Истите луѓе во своите куќи секогаш имале предност пред гостите, дури и пред странските претставници. Овие два примера за нивната великодушност и учтивост се многу слични.
Галантност не е помалку сообразна со мудроста и прудентноста отколку со натуралноста и женерозноста; и кога е правилно приспособена, придонесува повеќе од кој било друг изум за доколицата и развојот на младите од обата секса. Кај сите видови животни природата го создала најслаткото и најубавото уживање среде љубовта меѓу половите. Но, самата сатисфакција на телесниот апетит не е доволно за да се задоволи умот; дури и кај дивите ѕверови гледаме дека нивната игра и додворување, како и другите изрази на симпатија, го сочинуваат најголем дел од слободното време. Кај рационалните суштества мора да прифатиме дека умот претставува значителен дел од разонодата. Ако на гозбата и’ го одземеме сиот украс на разумот, разговорот, емпатијата, пријателството и веселењето, според судот на вистинската елеганција и наслада, тоа што ќе преостане, скоро и да нема да биде вредно за прифаќање.
Каде поарно ќе се научат манирите, ако не во друшто на доблесни жени, каде што заемните стремежи некому да му се угоди дискретно го изоструваат умот, каде што примерот на женската нежност и скромност мора да се представи пред нејзините обожуватели и каде што деликатноста на тој род ги тера сите да внимаваат за да не нанесат навреда преку нарушување на пристојноста?

Античките народи сметале дека понежниот пол, според својата природа, целосно припаѓа на сферата на домот; жените не биле ниту сметани за дел од пристојниот свет или дел од високкото друштво. Ова можеби е вистинскиот разлог  чуму античките народи не ни оставиле ниту еден извонреден пример на угладеност и галантност (иако може да ги исклучиме „Гозбата“ на Ксенофон и „Дијалозите“ на Лукијан) и покрај тоа што голем број од нивните најзначајни дела се речиси ненадминливи. Хорациј ги осудува грубите задевања и ладните шеги на Плаут; но иако е наједноставен, најпријатен и најмудар писател на светот, дали неговиот талент за подбивање е впечатлив и префинет? Во таа смисла, она што рафинираните уметности го имаат стекнато преку галантноста на дворот, каде што истата сефте се појавила, претставува значителен напредок...

No comments:

Post a Comment