Во раните 70-ти години на XIX век, кога била евидентна плодната издавачка дејност на Јосиф Ковачев,
актуелноста на „македонското прашање“
го дистигнала својот врв. Имено, само четири месеци по востанувањето на Бугарската
егзархија, како уште една христијанско-православна црковна институција во
османлиското општество, на 23 јуни 1870 г., во весникот „Македонија“ што излегувал во Цариград, а бил редактиран од Петко
Рачов Славејков еден од водачите на бугарската преродба, бил објавен напис со
наслов „Еден глас за цела Македонија“.
Еднината на насловот јавно и отворено ја поставил комплексната содржина на македонското прашање во актуелниот
историски момент. Со суптилна етнодистинкција била истакната македонската
солидарност во антипатријаршиската борба и побаран соодветен статус и за
македонската етничка заедница во организационото поставување и градење на
новата црква (Егзархијата). Бидејќи таа иституција востановена со документ на
световниот владетел – султанот, не била дадена „исклучиво за Бугарите, туку истото се вети и за Македонците преку
10-тиот член ...ако си ја покажат сите или 2/3 желбата, ќе успејат да се
присоединат кон Бугарската црква“.
Но реализацијата на ваквата можност, во написот, била условена со
промовирање на демократскиот принцип во интеррелигиската релација на
македонската и на бугарската етничка заедница. Во спротивно – определбата за
централизам, именуван во написот како „деспотизам“
би ја отворил пред јавноста темата за „прашањата
македонски“, односно за другоста
од аспект на црквата (Охридска архиепископија), народност, јазик.
Во тоа време, печатот за поединецот претставувал излез од изолацијата и
локализмот, поврзување со светот. Весниците го поттикнувале учеството на
граѓаните во заедничкиот живот и придонесувале за ширење на општествените и
политичките вредности, но и за создавање на јавно мислење. Имајќи го предвид
последново, кратко време по објавувањето на написот, со свој коментар за „македонското прашање“ се јавил и
редакторот на весникот „Македонија“,
П.Р.Славејков. Преминувајќи кон изворниот податок, нагласуваме дека доаѓа од
личност која имала значајна улога во цариградскиот круг на бугарската преродба,
главен противник на усилбите кон создавање заеднички македонско-бугарски јазик,
но и на македонското движење. Несреќен, што македонското прашање не останало
како и дотогаш, поттурнато позади сцената на актуелните меѓуетнички и политички
односи, П.Р.Славејков не го негирал постоењето на истото, само скржаво забележал
дека постоело од порано – „уште пред
десетина години“ и дека било тема на „не
толку сериозни расправии“ во македонско-бугарските односи. Содржината на
текстот иако не открива многу, доволно ги исцртува елементите на македонското прашање – периметарот на
неговата актуелност, особеностите на македонскиот јазик наспроти
источнобугарската опција како единствена за заедничкиот литературен јазик,
етнодистинкцијата поткрепена со размисли за етничкото потекло на Македонците.
Во текстот, П.Р.Славејков настојува да ја релативизира и присутната
економско-социјална нееднаквост меѓу Бугарите и Македонците, затоа што
последниве, ваквата ситуација веќе ја толкувале како нерамноправност во
заедничките општествени ангажирања. Сметале дека сами требале да ги решаваат своите
проблеми, а не да бидат водени од други, во конкретниот случај од Бугарите. Во
оваа смисла и била кажана нивната забелешка: „се откинавме од Грците, под други ли да паднеме“.
По основањето на Егзархијата, во Македонија, продолжило движењето за
обновување на Охридската архиепископија, за одделување од Егзархијата дури и по
цена на преминување во Унијатствто. Заради ова, на почетокот на 1874 г.
П.Р.Славејков тогаш веќе поранешен редактор на весникот „Македонија“, пристигнал во градот Солун. Во Македонија бил испратен
од егзархот Антим I (во тајна
мисија) со цел да го попречи актуелното ширење на унијатството во Македонија,
но и да го зацврсти егзархискиот престиж. Впечатоците на П.Р.Славејков изнесени
во писмата до Егзархот, содржат и констатации за „македонското прашање“. Накратко,
тој повторно пишувал за појавата на ова прашање, но овојпат го нотирал
почетокот на истото „од пред дваесетина
години“ и дека тоа во актуелниот момент веќе се манифестирало како „движење“ со „јасна прецизна мисла“ за „независно
национално и црковно ослободување“. Во продолжение, особено е интересна
забелешката на П.Р.Славејков дека „македонските
дејци“ настојувајќи да го решат „македонското
прашање врз црковна основа, истовремено ги потхрануваат старите сепаратистички
тенденции кај Македонците, преку Унијата да се создаде нова етничка област“.
Ова негово искажување е многу важно – открива што не било дотогаш кажано за „македонското прашање“ и за неговата
суштина. Анализирајќи ги податоците што ни ги сопштува П.Р.Славејков во
последното искажување и воедно, имајќи го предвид непрецизното датирање во
двете пишувања и од 1871 и од 1874 г., кое се чини дека е намерно, доаѓаме
многу поблиску до времето кога се појавило и зачекорило на јавната сцена „македонското прашање“. Тоа бил периодот
(1856 – 1861) по завршувањето на Кримската војна и прогласените права со
Хати-хјуманунот, кога и македонското граѓанство започнало да води борба против
духовната и културната доминација на Цариградската патријаршија емитувана на
грчки јазик. Низа акции во почетокот на таа борба изразувале словенско
пробудување, на кое воздејствувало и влијанието на Русија. Тоа било времето
кога Димитар Миладинов го повел македонскиот народ по патот на културната
преродба. Основната цел била да се потисне грчкиот јазик од училиштата во
Македонија и да се замени со „живиот
народен јазик“ – македонскиот, во црковната богослужба да се воведе
црковнословенскиот јазик и да служат домашни свештеници. Во исто време,
пријателот и поранешниот ученик на Д.Миладинов – архимандритот Партенија
Зографски имал изработено книги за учење во кои биле застапени и особеностите
на македонскиот јазик. Споменативе особености ги имало во „многуте макед.песни“ кои Константин Миладинов сакал да ги отпечати
во фолклористичкиот зборник. И уште нешто, користејќи го македонскиот народен
јазик, тој го направил преводот (1858) на дел од брошурата на Ј.Флеров „Православни црковни братства во југозападна
Русија“ со свој предговор.
Современиот и добар познавач на актуелната преродба на македонскиот народ,
рускиот дипломатски претставник – Александар В. Рачински, во 1859 г.
констатирал дека тоа било процес – „Движењето
се шири низ целата околина (на Кукуш, б.а.) до најоддалечените места на Македонија ... жителите на Карадак,
Полјанин, Воден, Струмица се убедија во сладоста на мајчиното млеко – мајчината
писменост“. Впечатлив пример за реализирање на културно – народна
автономија бил обидот (1859) на кукушките граѓани и нивниот првенец Нако
С.Станишев за премин во унија, при што „се
барало да се образува единствена архиепископија во Македонија директно
потчинета на папата“. Овој самоиницијативен чин на кукушките граѓани за
еманципација од Патријаршијата и од грцизацијата бил амортизиран со
интервенција на руските политички кругови, Патријаршијата и бугарските водачи
во Цариград. Барањата на кукушани биле задоволени: за првпат на чело на една
македонска епархија (Полјанската) во составот на Патријаршијата, застанал
владика Македонец – Партенија Зографски родум од Галичник. Оваа историска
епизода на кукушани била само фрагментарна руска поддршка, која доаѓала
единствено кога биле застрашени интересите на Русија – нејзиното влијание на
Балканот и на Блискиот исток. Со внимателно читење на изворната граѓа,
констатираме дека од 1860 г., бугарската културно-политичка опција добила
особена поддршка во руската политика. Тоа значело збогум на словенството коешто извршило голема
мобилизаторска задача (кај балканските народи) во почетната фаза на
преродбенското движење.
Константин Миладинов заминал од Русија, а капиталниот фолклористички труд
на собрани материјали од Македонија бил објавен (1861) со помош на руски ривал
– австриски државен и католички претставник – Јосип Ј. Штросмаер. Од друга
страна, фактот што во формата на Зборникот
– насловот стои придавката бугарски, а не македонски песни, доволно зборува за
моќта на политичкиот процес и влијание. Во актуелниот момент, македонската
содржина воопшто не била добродојдена и на секаков можен начин била
постиснувана, не требала да „излезе на
пазарот“. И Русија и Австрија биле веќе определени – јужнословенското
население во османлиската држава да го именуваат како бугарско, не водејќи
воопшто грижа за културните и народносните особености одделно. Важна била
територијата и можностите што таа ги нудела. Во оваа смисла, руската политичка
опција во Македонија – пробугарска, била засилена со доаѓањето (1861) на првиот
руски конзул во Битола – Михаил А. Хитрово. Моментот бил деликатен како што забележал и П.Р.Славејков во својот напис, затоа
што тогаш започнале патријаршиско (грчко) – бугарските преговори за решавање на
актуелното црковно прашање, а во рамките на истото и за македонските епархии
под јурисдикција на Патријаршијата. Затоа, П.Р.Славејков во својот напис остро
реагирал што во време на „се’ уште неконструиран
народ“ – единствен, биле истакнати македонски барања, па макар и тие биле и
на компромисна линија (Партенија Зографски, Кузман Шапкарев, Димитар
Василев-Македонски, Димитар Узунов). Преродбениците по нив, како Венијамин
Мачуковски и Ѓорѓија Пулески, биле уште поконкренти, првиот со барања за
посебен македонски јазик (1872), а второт за посебна македонска националност
(1875).
(Унивезитет „Гоце Делчев“ – Штип, Институт за историја и археологија,
Годишен Зборник 2011)
No comments:
Post a Comment