Wednesday, July 8, 2020

Ванчо Ѓорѓиев: СЛОБОДА ИЛИ СМРТ


МАКЕДОНСКОТО РЕВОЛУЦИОНЕРНО НАЦИОНАЛНООСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ ВО СОЛУНСКИОТ ВИЛАЕТ 1893-1903

Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1896-1900 година

ВМК и ТМОРО

Во ноември 1896 година во Софија се одржал III конгрес на македонските друштва во Бугарија. На него требало да присуствуваат најмалку 40 делегати од 37 македонски друштва. Меѓутоа, на првото заседание имало само 20 делегати. Поради тоа Конгресот започнал со работа на следното заседание, кога кворумот бил обезбеден со 21 делегат. Двајцата делегати од македонското друштво во Софија не биле допуштени бидејќи во изминатите години не го признавале ВМК (Врховен Македонски Комитет, б.б.). III македонски конгрес минал под влијание на расцепот во ВМК, што настанал за време на II конрес. Тоа се одразило врз работата на Конгресот и бројот на делегатите. Причините за расцепот и опаднатото влијание, кое владата на Бугарија го држи по македонското прашање. Притоа е констатирано дека ВМК ја исцрпел дипломатската компонента, наспроти организациската и револуционерната, кои не ги дале очекуваните резултати. Според К. Шахов, причината за неуспехот на ВМК лежела во „самиот комитет ... во еден извесен дел од него“. Конгресот одлучил да испрати делегација кај бугарскиот премиер Стоилов за да го дознае неговото мислење по македонското прашање. Меѓутоа, Стоилов не ја примил делегацијата. Очигледно, овој состав на ВМК ја немал подршката на бугарската влада, која почнала директно да флертува со ТМОРО.
Македонската младина во Софија, која не била задоволна од состојбите во ВМК, испратила апел до когресистите да изберат Комитет кој ќе биде способен да стави крај на раздорите и меѓусебните расправии и на тој начин да се издигне престижот на ВМК.
За претседател на ВМК повторно бил избран генерал Данаил Николаев. Потпретседател на Комитетот бил Ј. Ковачев, касиер П. Урумов, а секретар Д. Љапов. Но, П. Урумов не ја прифатил касиерската должност, па место него бил избран кукушанецот Христо Станишев.
Овој состав на ВМК не ја променил политиката кон ТМОРО. Последниот обид за негово наметнување над ЦК бил направен преку полковникот Јанков. Бидејќи ја немал подршката на владата, ВМК се обидел да заигра преку кнезот Фердинанд. Поврзаноста на Д. Николаев со кнезот Фердинанд била обелоденета на 6.03.1897 година, кога тој дал оставка на претседателската должност во ВМК и станал аѓутант на кнезот. Претседателското место во ВМК го зазел потпретседателот Ј. Ковачев, а како нов член бил кооптиран Ил. Георгов. Набрзо потоа оставка во Комитетот дале: П. Урумов, Љ. Милетич и Т.Карајовов, кој бил назначен за секретар на бугарското трговско агентство во Битола. Така Комитетот се нашол во оставка. Излез од ситуација бил во нов конгрес.
Постојаната беспарица и нарушените односи со ВМК на Д. Николаев, ја ориентирале ТМОРО кон нови форми за извлекување на материјална помош за делото во Македонија од македонската емиграција во Бугарија. Веднаш по пристигнувањето во Софија, Г. Делчев како задграничен претставник, ги зацврстил врските со офицерите „од 1895 година“ кои биле надвор од ВМК. Соработката со нив се продлабочила по пристигањето на вториот задграничен претставник, Ѓ. Петров. Тогаш помеѓу Ѓ. Петров, Делчев, Стојчо Гаруфалов и Антон Бозуков се родила идејата за „Тајните офицерски братства“.
Притоа, Гаруфалов за претседател го предложил Иван Цончев, бидејќи имал углед меѓу офицерите. Задграничните претставници долго се колебале околу Цончев, сметајќи дека има врски со бугарскиот двор. На тоа посебно укажувал А. Бозуков. На крај заклучиле дека Бозуков тоа го прави од лични амбиции и го прифатиле Цончев. Ѓ. Петров широко агитирал во интерес на офицерските братства во Шумен, Варна, Русе и други места. Тие во прво време укажале значајна материјална помош на Организација. Преку Офицерските братства биле врбувани и испраќани првите кадри за потребите на организациските чети во Македонија.
Од име на Офицерските братства, летото 1897 година И. Цончев го посетил Солун, при што имал средба со членовите на ЦК. Тој во книжарницата на И. Х. Николов се сретнал со Татарчев и Груев. Од нив изворно се запознал за состојбите во Македонија. Цончев искажал подготвеност Офицерските братства морално и материјално да ја помагаат ТМОРО. Истовремено, Цончев направил безуспешен обид за помирување помеѓу ЦК и Бугарското тајно револуционерно братство. Цончев од Солун се вратил восхитен од луѓето и положбата. Во врска со оваа посета, Цончев во својот дневник запишал: „при средбата со членовите на ЦК ... Даме Груев, Хр. Татарчев, Ив. Х. Николов и други, најдобар впечаток ми направи Д. Груев со својот ум, позитивност и смелост“.
По враќањето на Цончев од Солун, соработката помеѓу Организацијата и офицерските братства била продлабочена. Поради тоа, Ѓ. Петров со право забележува дека Цончев во прво време многу им помагал. Соработката помеѓу офицерските братства и ТМОРО била забележана од бугарските трговски агентства во Македонија. А. Шопов во извештајот до премиерот К. Стоилов од 14.11.1897 година пишува: „тукашниот комитет (ЦК, б.а.) има свои раководители во Софија. Главен раководител им е офицерскиот комитет, на чие чело стои поранешниот воен министер Рачо Петров и поранешниот македонски учител Ѓорче Петров. Членови на тој комитет се повеќето резервни офицери, сите родум од Македонија, и многу офицери родум од Бугарија... Владата треба да обрне сериозно внимание на организацијата на офицерските комитети, зашто тие може да приготват сериозни изненадувања за Бугарија. Не сметате ли за можно дека еден ден, една погранична дружина, чии офицери се членови на кажаниот комитет, може без знаење на владата, да тргне за Македонија и да ја вовлече Бугарија во војна? Ако не тоа, не допуштате ли дека може да се случи нешто во минијатура, слично на тоа“. До слични сознанија дошол и Димитар Ризов. Во извештајот од 18.03.1898 година, тој пишува: „ ...поранешниот воен министер Рачо Петров, во компанија со еден голем македонски неранимајко наречен Ѓорче Петров ... составиле некаков си таен македонски комитет, во кој сакале да ги ангажираат бугарските офицери... (слично на б.а.) Етники Етерија“. Шопов смета дека Ѓорче имал достап до целокупната кореспонденција во Министерството за надворешни работи на Бугарија што се однесувала за Македонија.
Набрзо потоа бугарскиот министер за војна, полковник Иванов, го повикал Ѓорче на објаснување и му предочил дека прави нешто „како грчката Етерија“. Министерот Иванов го сметал Ѓорче како опасен човек за бугарската држава. За да ја парализира дејноста на ТМОРО, која не сакала да се покори пред бугарската влада, министерот Иванов презел мерки да ја осуети нејзината соработка со офицерските братства. Тој наредил да се следи Ѓ. Петров, Цончев го преместил во Видин, а офицерите почнал да ги заплашува.
Поради оставката на ВМК на Д. Николаев, бил свикан IV конгрес на македоснките друштва. Тој се одржал од 15 до 21 јуни 1897 година во Софија. Од 38 македонски друштва требало да учествуваат најмалку 40 делегати. Меѓутоа, во работата на Конгресот зеле учество 20 друштва со 22 делегати.
На Конгресот било разгледано прашањето за односите меѓу ВМК и ТМОРО, и прашањето за востание. Притоа било констатирано дека ВМК треба да се подготвува за востание, а за тоа да влезе во врска со ТМОРО. Востанието „треба да се подигне само кога тоа ќе биде наполно подготвено и кога политичките услови ќе бидат благопријатни“. Очигледно, IV македонски конгрес манифестирал тенденција на попустливост и приближување на ставовите кон оние на ТМОРО, пред се’ по прашањето на востание. За претседател на ВМК бил избран кукушанецот Христо Станишев. Сосема неочекувано, Конгресот за член на ВМК го избрал Гоце Делчев. Веројатно ВМК сметал дека со вклучувањето на Делчев во соптствените редови ќе ги испегла и надмине недоразбирањата со ТМОРО. Овој чекор на ВМК, Ѓ. Петров го сфатил како обид да се отцепи Делчев од него. Меѓутоа, Делчев писмено го известил претседателот на Конгресот Ј. Ковачев: „Мојата положба во делото не ми допушта да го прифатам изборот“. Неговото место било пополнето со резервниот член Коста Шахов.
Иако Делчев официјално одбил да земе учество во ВМК на Х. Станишев, контактите помеѓу ВМК и ТМОРО продолжиле.
...
Сарафовиот ВМК, чиј ментор бил Ѓорче Петров, во прво време манифестирал значајна соработка со задграничните претставници. Во врска со тоа, Ѓорче истакнува: „Работите ги почнавме на чисто другарска основа со договор дека тие ќе фигурираат во Бугарија, но дека поткрепата и тврдината ќе бидеме ние. Офицерството во почетокот не преземаше ништо без наше знаење и согласност“. Самиот Сарафов истакнувал: „Ние сме фирмата, а Ѓорче е Комитетот“. Ѓорче ги потенцира успесите на Сарафовиот комитет на материјален план. Според него, тоа бил огромен успех за македонското дело. Затоа констатира: „ако емиграцијата не беше ја создала овдешната организација со ВК на чело, ќе ја создадевме ние“. ВМК за време на првиот мандат на Сарафов и’ давал значајна финансиска помош на ТМОРО. VII македонски конгрес за потребите на Организацијата констатирал раходи од 11,900 златни левови и 23,327 левови во сребро.
Независно од силната материјална подршка. Сарафовиот ВМК уште во првиот мандат започнал со заткулисни игри. Летото 1899 година, при една обиколка на Македонија, Делчев отворено се судрил со А. Бозуков, член – советник на ВМК. Постапката на Бозуков во присуство на Делчев да агитира во полза на ВМК, било сериозно нарушување на меѓусебните принципи. Делчев оттогаш се разочарал од „лојалноста на офицерите“. „Не можејќи да се наметне над Делчев, нешто подоцна, во пролетта 1900 година, авантуристички настроениот Антон Бозуков ќе демисионира од ВМК, поради заминување во Трансвал, со цел да се вклучи во Бурската војна“. Уште поперфидна била посредничката мисија на Камбуров во септември 1899 година, при саморастурањето на „Револуционерното братство“ и неговото слевање во ТМОРО. Камбуров отворено ги покажал претензиите на ВМК на Сарафов, кој се поставил во улога на арбитер. Тој им ветил на членовите на Братството дека ВМК има намера да го премавне Задграничното представништво од Софија и да го преземе раководењето со ЦК, преку инфилтрирање на свои луѓе. Имајќи го предвид тоа, Сарафовата изјава „Ние сме фирмата, а Ѓорче е Комитетот“, се чини има демагошки карактер. Изгледа проникливиот Ѓорче тоа го сфатил со задоцнување. Оттука Татарчев со право пишува: „Дијалектиката, тактот и дипломатијата на Ѓ. Петров, на кои ЦК полагаше огромни надежи, не можеа да ја променат офицерската психологија и менталитет дека раководството на така сложен механизам каков што претставуваше ВМРО би можело да се диригира од даскалчиња“. Сериозните разидувања со ВМК на Сарафов допрва претстоеле.

Четничкиот институт

„Пред да се засили Организацијата, господари на денот и ноќта беа Турците. Подоцна, штом наближи ноќта, Турците се прибираа по домовите, а потерите и војската во касарните. Организациските луѓе, имено, тогаш почнуваа да излегуваат на работа и започнуваше комитското царство.“
Г. И. Белев
...

(изв.: Ванчо Ѓорѓиев „СЛОБОДА ИЛИ СМРТ“ Табернакул – Институт за историја-Филозофски факултет Скопје, 2003 г.; стр. 265-269 и 272-273 )


No comments:

Post a Comment