Monday, August 10, 2020

Мигуел Сервантес: ДОН КИХОТ

Глава триесет и четврта

ВО КОЈА СЕ РАСКАЖУВА ЗА НАЧИНОТ ШТО ГО ПРОНАШЛЕ КАКО ДА СЕ СИМНАТ МАЃИИТЕ ОД НЕСПОРЕДЛИВАТА ДУЛСИНЕЈА ОД ТОБОСО, ЕДНА ОД НАЈПРОЧУЕНИТЕ АВАНТУРИ ОПИШАНИ ВО ОВА КНИГА 

 

Разговорите со Дон Кихот и Санчо Панса им правеа големо задоволство на војводата и војвотката, кои решени тврдо да му направат неколку шеги, слични на авантури и да се посмеат, го зедоа како повод од она кое Дон Кихот веќе им го имаше раскажано за пештерата Монтесинос. Ништо не ја чудеше војвотката повеќе отколку простодушноста на Санчо, кој макар и самиот да беше маѓепсникот и пронаоѓачот, беше ја примил как несомнена вистината дека Дулсинеја од Тобсо е маѓепсана. Па така им дадоа налог на своите прислужници за се’ она што треба да го прават; по шест дена го одведоа во лов на крупен дивеч. Во кој учествуваа толку ловци и прогонувачи што и самиот крал не би повел повеќе. На Дон Кихот му дадоа ловечка облека, а на Санчо Панса зелена од најтенка чоја, но Дон Кихот откажа да ја облече велејќи дека сака да му се врати на суровиот воен живот и не може да носи со себе облека и багаж. Санчо ја зеде облеката со намера да ја продаде при првата можност.

Најпосле дојде оичекуваниот ден. Дон кихот се вооружи, Санчо се облече, си го јавна магарето, кое не сакаше да го остави иако му предлагаа коњ, и се нареди меѓу ловците. Војвотката се појави во раскошна облека, а Дон Кихот внимателен и учтив како секогаш, ги зеде уздите од нејзиниот ждребец, иако војвотката не сакаше да го дозволи тоа. Најпосле тие стигнаа до една шума, која се наоѓаше меѓу две високи планини. Откако ги распоредија луѓето по местата, ги наместија во заседи и по патеки, ловот започна со толкава врева, викотници, кучешки лаеж и сигнали од рог, што ловците дури еден со друг не можеа да се разберат и слушнат.

Војвотката слезе од својот коњ и со остро копје во раката застана кај една заседа каде што се знаеше дека минуваат вепри. Дојдоа јаваајќи исто така и војводата и Дон Кихот и зазедоа места до неа, а Санчо се намести зад сите без да слезе од магарето, бидејќи се плашеше да не му се случи некоја несреќа ако го остави само.

Тукушто слегоа од своите коњи и се наредија заедно со многуте свои слуги, кога одеднаш спроти нив налета голем вепар, подгонет од кучињата и следен од гонителите. Штом го виде Дон Кихот, си го зеде својот штит, го извлече мечот и дојде пред него да го начека; истото го направи војводата со своето копје. Само Санчо, кога го здогледа огромниот вепар, си го остави магарето и побегна колку што го држат нозете, па се обиде да се качи на еден висок даб, но не можеше. Кога стигна до средината на дрвото, тој се фати за една гранка и се помачи да се качи на врвот, но за негова несреќа и невоља, гранката се скриши и тој паѓајќи, остана да виси во воздухот, закачувајќи се на една гранка од дабот, не можеше да стигне ниту до земјата; па кога се виде себеси така и дека зелената облека му се расцепува, тој се исплаши свирепото животно да не продолжи накај него и да го стигне, па почна да писка и толку жестоко да моли за помош, што сите што го слушнаа, без да го гледаат каде е, си помислија дека попаднал во шепите на некој див ѕвер.

Најпосле стариот вепар падна прободен од врвовите на многу копја што беа насочени кон него, а Дон Кихот по викотниците разбра дека е Санчо, се сврте и го виде провиснат на дабот надолу со главата и до него Сивчо, кој не го оставаше во неволја. А Сид Амет вели дека ретко го има видено Санчо Панса без Сивчо или Сивчо без Санчо: толу големо беше нивното пријателство и толку силна нивната заемна верност.

Дон Кихот отиде и го откачи Санчо, кој кога се виде слободен и стапнат на земја, погледна на својата расцепена ловечка облека и душата го заболе, зашто си помисли дека тој костум чини колку цел спахилук.

Во тоа време, го натоварија огромниот вепар на една мазга, го покрија со гранчиња од рузмарин и од мирта и го однесоа како трофеј накај големите шатори распнати сред шумата, каде што имаше поставено трпези со толку обилни и раскошни гозби што само по нив можеше да се цени за големината и штедроста на домаќините. Санчо и’ ја покажа на војвотката скинатата облека и рече:

-Ако отидевме на лов по зајаци или птици, навистина на мојата облека немаше да и’ се случи таква несреќа. Не можам да разберам какво задоволство е да чекаш ѕвер кој само ако те дофати со своите заби – готов си. Се сеќавам дека имам чуено како пеат една старинска песна во која се вели:

 

Нека те изедат мечки

Ко Фавил прочуениот

 

-Тоа беше – рече Дон Кихот – еден готски крал кој одел на лов, па го изела една мечка.

-Истото го велам и јас – прифати Санчо – зашто каква потреба има да се изложуваат на слични опасности разни кнезови и кралови за некои задоволства, па задоволство ли е да убиеш животно кое никакво зло не ти направило?

-Се лажете Санчо – забележа војвотката – нема занимање поприкладно и попотребно за краловите и кнезовите отколку ловот на крупен дивеч. Ловот е нешто како војната: тука има лукавства, клопки, заседи за да се победи непријателот, а без да се излага самиот човек на опасност; тука се заборава безделничењето и сонот, се закрепнуваат силите, се раздвижуват сите делови на телото и стануваат еластични, со еден збор, ловот на крупен дивеч е нешто кое никому не му штети, а на многумина им овозможува задоволство. А најубавото во него е што не е достапен за секого, како што се дугите видови лов, со исклучок на ловот со соколи, кој исто така е само за кралови и големци. Затоа Санчо, променете си го своето мислење, па кога ќе станете губернатор, одете на лов и ќе видите од каква голема корист ќе биде за вас.

-Само тоа не – одговори Санчо – добриот губернатор си седи дома, сеедно што му е скршена ногата. На што би личело да се мачат луѓето да доаѓат кај него по некоја итна работа, а тој во тоа време да се забавува некаде низ планините; до каде би се стигнало со такво управување? Чесен збор сењор, ловот и забавите им прилегаат повеќе на безделниците отколку на губернаторите; јас доколку ќе се забавувам, тоа ќе биде малку да играм со карти за Велигден и Божик, а во недела и празник да се бањам, но тие ловови не ми прилегаат мене и сосем не ги разбирам.

-Дај Боже Санчо, да е така, зашто едно е да се зборува, а друго е да се прави!

-Нека биде што ќе биде – рече Санчо – зашто добриот плаќач не се плаши да даде залог, и повеќе успева оној на кој му помага Господ, отколку оној што станува рано, и мевот ги носи нозете, а не нозете мевот. Сакам да кажам, ако ми помага Господ и ако си ја вршам работата, нема сомневање дека ќе управувам подобро од орел, а ако не верувате, ставете ми го својот прст пред уста и ќе видите дали ќе го прекасам или не.

-Е, Господ да те отепа и сите светци, проклет Санчо! – викна Дон Кихот, - кога ќе дојде денот да те слушнам да зборуваш без поговорки, поврзано и смислено, како што сум ти велел толку пати? Ваши височества, оставете го овој ќутук, тој ќе ви ја отруе душата со своите пословици, а тие не се две, туку две илјади, и тоа кажувани толку на место и жнавреме, што Господ да не’ накаже и него и мене кога би се согласил да го слушам.

-Пословиците на Санчо Панса – рече војвотката – ги има повеќе од оние на грчкиот комендатор, заслужуваат не помалку почит, поради збиената мудрост. Што се однесува дои мене, тие ми се допаѓаат повеќе отколку другите, иако се подробро и поумесно употребени.

Вовлечени во тие интересни разговори, тие излегоа од шаторот и навлегоа во шумата за да разгледаат некои заседи и позиции, па така им мина денот и настапи ноќта, не толку ведра и тивка како што би требало да биде през летото, туку доста темна, што наполно се совпаѓаше со планот на војвотката; и така, кога почна да се стемнува и темнината се згусти, одеднаш сите видоа како шумата гори на сите четири страни, а потоа се слушнаа од различни места и од сите страни продолжителни сигнали на рогови и на други воени инструменти, небаре низ шумата минеше многубројна коњица. Блесокот на огновите и воените звуци на трубите речиси ги заслепија и ги заглушија присутните, како и сите што се наоѓаа во шумата. Потоа се слушна неброено „Алах! Алах!“, како што викаат Маврите кога започнуваат битка. Писнаа труби и кларинет, барабаните грмеа, флејтите се разнесуваа, сите одеднаш и тоа толку продолжително и силно што од таа врева човек може да си го загуби умот. Војводата пребледна, војвотката премре, Дон Кихот се вчудовиде, Санчо Панса се растрепери; со еден збор, се исплашија и оние што ја знаеја причината. Од страв сите молкнаа и во тој миг покрај нив мина гласник, облечен како ѓавол, кој дуваше наместо во труба, во некој одвратен рог, од кој излегуваа груби и страшни звуци.

-Еј пријателу гласник – извика војводата – кој сте вие, каде одите и каква е тоа војска што мине низ оваа шума?

А, гласникот одговори со груб и страшен глас:

-Јас сум ѓаволот, одам да го барам Дон Кихот од Ла Манча, а луѓето што минат низ шумата се шест дружини маѓепсници кои на победничка кола ја возат неспоредливата Дулзинеја од Тобосо; таа оди маѓепсана и придружена од храбриот Француз Монтесинос, за да му соопшти на Дон Кихот како може да биде ослободена од маѓијата оваа сењора.

-Да си ти ѓаволот, како што велиш, и како што покажува твојот изглед – забележа војводата – досега ќе го познаваше витезот Дон Кихот од Ла Манча, зашто тој стои пред тебе.

-Се колнам во Господ и во душава – одговори ѓаволот – дека не го забележав, зашто главата ми е полна со толку многу мисли, што заборавив на главната цел заради која дојдов тука.

-Нема сомневање – забележа Санчо – дека овој ѓавол е сигурно чесен човек и добар христијанин, зашто ако не беше таков, немаше да се заколне во Господ и во својата душа; сега гледам дека и во самиот пекол можат да се најдат добри луѓе.

А, ѓаволот не слегувајќи од својот коњ, се обрна кон Дон Кихот и му рече:

-Ме праќа кај тебе, Витезу на лавовите (да не те видам во нивните шепи!), несреќниот но храбар витез Монтесинос, наложувајќи ми да ти кажам од негово име да го чекаш токму таму каде што те сретнав, зашто тој ја води со себе онаа што ја нарекуваат Дулсинеја од Тобосо и сака да те научи како можеш да ја ослободиш од маѓијата; а бидејќи си ја исполнив мисијата, нема зошто повеќе да се задржувам. Ти остани си со ѓаволите како мене, а кај овие сењори нека останат добрите ангели.

Откако го кажа тоа, тој дувна во големиот рог, го сврте грбот и си отиде, без да чека одговор.

Сите се зачудија одново, особено Санчо и Дон Кихот, Санчо зашто гледаше дека наспроти вистината, Дусинеја сепак си е маѓепсана, а Дон Кихот зашто не можеше да се убеди дали е вистина или лага сето тоа што беше му се случувало во пештерата на Монтесинос. Додека уште беше занесен во тие мисли, војводата му рече:

-Сењор Дон Кихот дали смета вашата милост да го чека Монтесинос?

-Зошто да не? – одговори тој. – Ќе го чекам тука храбро и бестрашно, ако сака и целиот пекол да стане против мене.

-Што се однесува на мене – рече Санчо – ако видам друг ѓавол како оној и ако слушнам рог, ќе ме барате не тука, туку во Фландрија.

Во тоа време веќе беше се стемнило сосем и низ шумата заблескува ваму-таму многу светилки, слични на сувите испарувања на земјата, што се креваат во небото и личат на ѕвезди што паѓаат. Во тој миг се слушна ужасен шум, како да чкрипеа тешки тркала на воловска кола, шум грозен и непрестаен кој тера, како што велат, да се плашат и да бегаат волците и мечките, ако ги има таму. А, кон оваа врева се придружи и друга, која уште повеќе ја зголеми, како навистина на сите четири страни на шумата да се водеа едновремено четори битки или боеви, зашто од една страна се разнесуваше артилериски татнеж, а од друга пукотници на безброј ловечки пушки. Сосем наблизу се слушаа викотниците на воините, а понатаму се повторуваше агарјанското „Алах! Алах!“

Со еден збор, малите и големите рогови, сурлите, трубите, кларинетите, барабаните, топовите, пушките и над се’ друго страшното чкрипење на тркалата се слеваа во толкава грозна и ужасна врева, што дури и Дон Кихот требаше да си ги напрегне сите сили за да издржи; но Санчо не издржа и’ падна во несвест во скутот на војвотката, а таа порача да му го испрскаат брзо лицето со вода. Откако го напрскаа, Санчо си дојде на себеси токму кога стаса една кола со чкрипави тркала кај нив.

Ја влечеа четири бавни волови, покриени со црни прекривки; на секој рог имаше врзано и запалено голем восочен факел, а на колата имаше високо седиште врз кое седеше чесен старец со брада побела од снег и толку долга, што му досегаше до појас; тој носеше широка облека од црно зебло. Колата беше осветлена од безброј факли, па не можеше убаво да се види и разликува се’ што имаше во неа. Ја придружуваа двајца грозни ѓаволи облечени во облека од исто зебло, со толку одвратни лица, што кога ги виде Санчо си ги затвори очите за да не ги гледа повеќе. Кога колата се израмни со ловците, чесниот старец стана од своето високо место, се исправи и викна со висок глас:

-Јас сум мудриот Лиргандео!

Колата замина натаму без да каже тој нешто повеќе. По неа се појави друга слична кола, со друг старец седнат на престол. Тој даде знак да застане колата и со глас не помалку сериозен од првиот, рече:

-Јас сум мудриот Алкифе, големиот пријател на Урганда Непознатата!

И си замина.

Потоа по истиот ред се појави друга кола, но на престолот седеше не старец, како во првите две, туку снажно мажиште со одвратно лице. Кога се приближи, тој стана како првите двајца и исписка со уште позарипнат и ѓаволски глас.

-Јас сум маѓепсникот Алкалај, смртен непријател на Амадис од Галија и на целиот негов род!

И си замина натаму.

Откако малку се оддалечија  оттука, трите коли запреа, па престана она неподносливо чкрипење на нивните тркала и веднаш се разнесе нежна и звучна музика. Санчо се израдува и ја зеде за добар знак, па и’ рече на војвотката, од која не се одделуваше ниту миг, ниту чекор.

-Сењора, каде што има музика, таму не може да има лошо.

-Како ниту таму каде што има светлост и видело – одговори војвотката.

А, Санчо на тоа рече:

-Светлоста ја дава огнот, а виделото од кладите што ги гледаме околу нас, па лесно би можеле и да не’ изгорат, додека музиката секога е знак за веселба и празнувања.

-Допрва ќе видиме – рече Дон Кихот, кој го слушаше сето тоа.

Тој беше прав, како што ќе се види од следната глава.

 

Глава шеесет и четврта

ВО КОЈА СЕ РАСКАЖУВА ЗА АВАНТУРАТА ШТО МУ НАПРАВИЛА НАЈМНОГУ НЕПРИЈАТНОСТИ НА ДОН КИХОТ ОД СИТЕ ДРУГИ ШТО МУ СЕ ИМАТ СЛУЧЕНО ДОСЕГА

Жената на Дон Антонио Морено – се раскажува понатаму во историјата – беше особено радосна кога ја виде кај себе Ана Феликс.

...

(MIGUEL DE CERVANTES SAAVEDRA: El Ingenioso Hidalgo Quijote De La Mancha; изд. МАТИЦА МАКЕДОНСКА – Скопје, 2002 год.)

No comments:

Post a Comment