Tuesday, September 19, 2023

Ернест Хемингвеј: ЗА КОГО БИЕ КАМБАНАТА

 

Ниеден човек не е Остров, целина сама по себе; секој човек е дел на Континентот, дел од Планетата; ако Грутка земја ја однесе Морето, тоа е минус за Европа, како да е однесен некој Рт, како да е однесен Посед на твоите пријатели или твој Посед; смртта на било кој човек ме смалува мене, оти јас сум опфатен од Човештвото. И оттаму, никогаш не прашувај за кого бие камбаната, таа ѕвони за тебе.

Џон Дон

X

...

„Со оглед на тоа што бевме на крајот од редот, тука кај што шеталиштето врви до карпата покрај реката, тој го зеде шеширот в раце и го фрли со она движење со кое овчарите џиткаат камен под рака за да го потераат бикот кон стадото. Шеширот заплови далеку во просторот и гледавме како станува се’ помал летајќи доле кон реката со лакираната кожа што сјаеше на бистриот воздух. Погледнав назад кон плоштадот и сите прозорци, како и сите балкони, беа полни народ, а преку трговиштето се спростираше двоен ред луѓе, се’ до вратата на тнр. Ајунтамиенто. Толпата се гроздеше околу прозорите на таа зграда и се слушаше викотница на мнозина кои зборуваа, а тогаш чув извик и некој рече: -Еве го првиот доаѓа! И тоа беше дон Бенито Гарсија, претседателот на општината, и тој излезе гологлав, полека движејќи се од вратата доле низ тремот, ама ништо не се случи; одеше меѓу редовите на лица со мотки, но ништо не се деси. Одеше помеѓу тие колони од луѓе со дигната глава, со своето дебело лице, со поглед насочен нанапред, понекогаш за миг и в страна. И ништо не се случуваше.

„Од една тераса некој довикна: Que pasa, cobardes! Што ви е, кукавици? А дон Бенито се’уште одеше меѓу луѓето и ништо не се збидна. Потоа видов еден човек, четвртиот од мене прудолу, лицето му се грчеше, ги гризеше усните, а рацете на млатилото му беа бели. Видов како гледа накај дон Бенито и го посматра како доаѓа. Тогаш, токму кога дон Бентито беше пред човекот, тој ја крена мотката толку високо што го удри и својот сосед и силно го тупна дон Бенита во глава од страна; и дон Бенито го погледна, а човекот повторно удри и викна: -Еве ти, Каброн! И го мавна дон Бенита в лице, и овој ги дигна рацете кон фацата, а тие го удираа се’ додека не падна; и човекот кој прв го ѕвекна ги повика останатите да помогнат и го повлече дон Бенито за околувратникот на кошулата, а останатите го зграпчија за раце и, валкајќи гу го лицето во прашината на плоштадот, го влечеа по шеталиштето до работ на карпата, и потем го фрлија во реката. И човекот кој прв го тресна , клечеше покрај ивицата на стената гледајќи по него и говорејќи: -Каброн, Каброн! Ох Каброн! Тој му беше кмет на дон Бенито и никогаш арно не се сложуваа. Имаа и некоја расправија за парче земја покрај реката кое што дон Бенито го беше зел од него и му го дал на друг, па овој веќе долго време го мразеше. Тој човек повеќе не влезе во редот, ами седна на карпата и гледаше надоле, каде падна дон Бенито.

„После дон Бенито ниеден не сакаше да излезе. Немаше веќе ѓурултија на плоштадот, бидејќи сите чекаа да видат кој ќе биде следен. Тогаш еден пијаница се раздра: Que salga el toro! Нека искочи бикот!

„Тогаш некој во близина на прозорецот на Ајунтамиенто рикна: „Нејќат да се мрднат! Сите се молат!

Друг пијандура урликна: -Извлечете ги вонка. Ајде да ги измкнеме. Времето за молитва помина!

„Арно ама, никој не излезе, но тогаш видов како еден човек се појавува на врата.

„Тоа беше дон Федерико Гозалес, којшто имаше пилана и дуќан со намирници. И беше фашист од прв ранг. Беше висок и слаб, а косата ја чешлаше преку темето од една на друга страна за да ја покрие ќелавицата. Имаше на себе ноќна кошула која ја беше напикал в панталони. Беше бос, онака како што го земале од куќа и одеше пред Пабло, држејќи ги рацете на глава, а Пабло идеше зад него и го буткаше дон Федерико Гонзалеса со пушчаната цевка во грб, се дури дон Федерико не влезе во редовите. Меѓутоа, кога Пабло го остави и се сврте спрема вратите на Ајунтамиенто, дон Федерико не можеше натаму да оди, и застана, со поглед кон небото и со рацете пружени нагоре, како да сака да ги дофатат Небесата.

-Нема нозе па не може да оди, рече некој.

-Што е со тебе дон Федерико? Не можеш да одиш? Му довикна некој. Ама дон Федерико стоеше со рацете над глава и само усните му се мрдаа.

-Продолжи! повика Пабло од степениците. –Ајде!

„Дон Федерико стоеше и не можеше да се покрене. Некое пијаничиште го збодна отпозади со дршката на остенот и дон Федерико потскокна како што тоа го прави престрашен коњ, ама сепак остана на исто место, со рацете кренати и со поглед вперен в небето.

„Тогаш еден селанец кој седеше покрај мене рече: -Тоа е срамота. Јас немам ништо против него, но ваква глетка мора да се оконча! Така да тој отиде помеѓу редовите и се проби до местото на кое што стоеше Дон Федерико, велејќи: -Со ваше допуштање дон- по што снажно го зачука со палката по глава.

„Потоа дон Федерико ги спушти рацете и ги стави на темето, преку челото, и со наведната глава, покриена со дланките, низ чии прсти му ѕиркаа тенки, долги влакна, кои дотогаш ја прекиваа ќелавицата, протрча брзо низ топлиот зајак додека стаповите му паѓаа врз грбот и рамениците, се’ додека не падна. Батинашите од крајот на редот го дигнаа, го заљуљаа и на три-пола-четири-сат го фрлија преку карпата. Не ни отвори уста откако излезе надвор туркан со Пабловата пушка. Нему единствено му беше тешко да се движи напред. Му беше како да нема контрола врз своите нозе.

После дон Федерико, кога видов дека на крајот кај работ на стената се собрани најтврдите луѓе, појдов до аркадата на Ајунтамиенто, избуткав двајца пијаници и погледнав внатре низ пенџерето. Во големата соба на Ајунтмиенто сите клечеа во полукруг, се молеа, и свештеникот клечеше со нив, такуѓере молејќи се. Пабло и еден човек по име Кватро Дедос (Четири Прста), кондураџија кој во тоа време многу се дружеше со Пабло, и уште други двајца, стоеја сао пушките и Пабло му рече на свештеникот: -Кој иде сега? Кој е подготвен?

„Свештеникот не сакаше да му одговори на Пабло и се однесуваше како тој да не е тука, па видов дека Пабло станува мошне љут.

„Да одиме сите заедно“ – му рече Пабло на дон Рикардо Монталво, којшто беше земјоделец. Подигнувајќи ја главата, тој престана да се моли, за да почне да зборува.

Que va - рече Пабло. -По еден секој пат како кој е спремен!

„Тогаш одам јас“ рече дон Рикардо. „Никогаш нема да бидам поспремен.“ Додека говореше, попот го благословуваше, а го благословуваше и кога стана. не прекинувајќи ја молитвата, та го подигна Распетието за дон Рикардо да го бакне; дон Рикардо го целувна Крстот, му се сврти на Пабло и му рече: -Никогаш така подготвен како сега. Ти, Каброн си лош сој. Да одиме.

„Дон Рикардо беше малечко човече со бела коса и дебел врат, а на себе имаше кошула без крагна. Беше кривоног поради тоа што многу јаваше.

„Збогум“ им рече на сите останати што клечеа. –Немојте да бидете тажни. Да се умре не е ништо. Единствено лошо нешто е што ќе бидам отепан од раката на овој canalla. „Не ме допирај“ му рече тој на Пабло. –Не ме пипкај со таа твоја пушка!

(Ернест Хемингвеј: ЗА КИМ ЗВОНО ЗВОНИ; Матица Српска – Нови Сад, 1979 стр. 148-152)

 

No comments:

Post a Comment