Wednesday, November 29, 2023

ЛАО ЦЕ: Книгата Тао Те


ТАО ТЕ КИНГ – Книга на Патот и Доблеста

 

I.

Тао за кој што може да се говори

не е вечното Тао.

Името кое може да се изрече

не е вечно име

 

Безименото е извор на Небото и Земјата.

Именуваното е мајка на илјадници појави.

 

Кога си ослободен од желба, ја гледаш тајната на животот.

Кога си роб на желбата, гледаш само појави.

 

Тајната и појавата се од исто потекло,

ама се разликуват по името.

Ова потекло е најголемата тајна.

Тајна во тајната.

Капија на сите тајни.

 

II.

Кога секој под небото го гледа убавото како убаво,

се раѓа сознание за грдото.

Кога секој го гледа доброто како добро,

се раѓа сознанието за зло.

 

Зашто битието и небитието растат едно од друго.

Тешкото и лесното меѓусебно се дополнуваат.

Долгото и краткото заемно се обликуваат.

Високото и ниското се одредуваат едно со друго.

Звукот и тонот создаваат созвучје.

Она што е напред и тоа што е позади се следат едно со друго.

 

Затоа светиот човек постапува без дејствување,

подучува без зборови.

 

Десет илјади појави минуваат, тој не ги попречува.

Ништо не присвојува, ништо не очекува.

Кога ќе постигне успех, не бара признание.

Затоа тој секогаш трае.

 

III.

Кога не ги величаш луѓето од вредност

ја спречуваш зависта и препирањето.

Кога не ги цениш нештата од вредност

го спречуваш светот да краде.

Кога не гледаш посакувани предмети

го спречуваш немирот на срцето.

 

Светиот човек владее така што го празни умот на луѓето

а го полни нивното срце;

ги слабее нивните желби

а ја засилува нивната снага.

Им помага да изгубат се’ што знаат

и се што пожелуваат.

 

Кога луѓето се без знаење и желба,

оние кои мислат дека знаат

нема да се обидуваат да се мешаат.

 

Кога спроведуваш недејствување

се’ си доаѓа на свое место.

 

IV.

Тао е празен сад:

Се полни, но никогаш не дозволува да биде наполнет.

Извор без дно на се’ што постои.

 

Целата рапавост е измазнета,

сите јазли разврзани,

целата светлина ускладена,

сета прашина сталожена.

 

Тао е длабок бунар кој никогаш не пресушува.

Дали е тој нечие дете? Не знаеме.

Тој е праотец на боговите.

 

V.

Небото и Земјата се непристрасни.

За нив илјадниците појави се само пцишта од слама.

И светиот човек е непристрасен.

За него сите луѓе се само кучиња од слама.

 

Просторот меѓу Небото и Земјата е како мев,

однатре е празен, а неисцрпно дава.

Колку повеќе се користи, толку повеќе дава.

Колку повеќе за него зборуваш, толку помалку го сфаќаш.

 

Затоа светиот човек се држи на она што е во срцето.

 

VI.

Духот на долината никогаш не умира.

Тој се нарекува големата Мајка.

Неговата капија е извор на Небото и Земјата.

 

Тој е непрестајно во нас.

Ползувајќи го како ти е воља,

никогаш нема да се потроши.

 

VII.

Небото е вечно, Земјата засекогаш ќе трае.

Зошто Небото и Земјата бескрајно траат?

Тие не живеат за себе, затоа се вечни.

 

Светиот човек останува позади, ама секогаш е напред.

Одвоен е од се’, а едно е со севкупноста.

Заборава на себе си, и затоа е потполно остварен.

 

VIII.

Највисокото добро е како вода.

Водата, без никаков труд,

е благослов на илјадници суштества.

Таа тече по ниски места кои луѓето не ги ценат.

и затоа наликува на Тао.

 

Светиот човек престојува близу до тлото.

Неговиот ум е спокоен како длабоката вода.

Срцето му е, како водата, нежно и дарежливо.

Зборовите му се искрени како непрекинат воден тек.

Кога владее, едноставен е, без желби,

во работата способен, во своето делување точен.

Не се натпреварува и затоа е беспрекорен.

 

IX.

Кога ќе го преполниш тањирот

лесно ќе се прелие.

Кога многу го остриш сечилото

брзо ќе се искрза.

Кога ќе ја наполниш куќата со злато

нема да ја сочуваш.

Кога бараш богатство и слава

на патот си на сопствената пропаст.

 

Повлечи се кога задачата е извршена.

Таков е небесниот пат.

 

X.

Можеш ли да ја сочуваш немирната душа од талкања,

целата да ја посветиш на Едното и никогаш да не ја напуштиш?

Можеш ли да достигнеш нежна хармонија

со невиноста на новороденото дете?

Можеш ли да ја прочистиш внатрешната визија на Тајната

додека не видиш само светлина?

Можеш ли да ги сакаш луѓето и да управуваш со земајата

останувајќи по страна?

Можеш ли да ги отвораш и затвораш капиите на Небото

со мирот на мајката која се одмора?

Можеш ли да го согледаш секој агол на светот

без било каков напор, како ништо да не знаеш?

 

Да ее раѓа и храни без присвојувања,

да се делува без очекувања,

да се владее без потчинување,

тоа е најдлабоката Доблест.


(LAO CE-KNJIGA Tao Teknjiga Puta i Vrline, preveo i priredio Flavio Rigonat; LOM Beograd 2019)


No comments:

Post a Comment