По повод научната конференција посветена на ликот и делото на турскиот патеписец од 17. век објавуваме дел од неговата репортажа за Скопје. Извадокот е земен од преводот на „Патеписот“ објавен од издавачката куќа „Веселин Маслеша“ 1973 година во Сараево на српско/хрватски јазик
Во Долна варош се наоѓа џамијата на Јахја-паша; тој бил везир и зет на султанот Бајазид. На сводот над главните врати на таа џамија, со џелии-писмо, напишан е натпис:
Пашата кој е бил лав на боиштето и на кој му е дадено
Името Јахја,
Крева, со среќа, џамија за побожните луѓе и богомолјците.
Штом чув дека во арен час е довршена,
И реков хроностих:
„Овој месџид е подигнат за љубов на Алах“
908 г. (= 1502/503 г.)
Таа џамија има висока купола и восоко минаре, така што личи на минарето на Аја Софија во Истанбул. Неимарот на градбата го покажал своето мајсторство и токму на средината на великиот храм на таа џамија, во сенката на стеблата на чинари и чемпреси, подигнал уметнички шадрван кој е врв на способноста, така што восхитеното око се очарува пред таа уметност.
На спротивната страна на големиот мост преку реката Вардар се наоѓа џамијата на Карли-заде.
Натисот на Коџа-Мустафината џамија која се наоѓа пред тврдината гласи:
890; годината осумсто деведесета.
Има една џамија која што е позната под името „Алаџа џамија“, а ја изградил Гази Исак бег. Мошне убава е и џамијата на исак-беговиот син Иса бег.
Од месџитите, мене ми се познати: Иса-беговиот месџид, Исак-беговото огледало и Кепенекчискиот месџид.
Најпознати медреси се: Султан-Мурадовата ханова, Јахја-пашината, Исак-пашината, Иса-пашината, Мустафа-пашината и Карли–задеовата медреса. Овде има девет школи за изучување на кираетот. Само, тоа не се посебно згради под куполите, него тие се изградени уз џамијата. Во нив се учи само меморирање на Куранот, оти населението инаку не посветува многу внимание на Куранот.
Основни школи (мектеб) има 70; уз секоја џамија подигната е основна школа. Најпознат е Коџа Мустафа-пашиниот мектеб.
Текиња има дваесет. Бидејќи мевлиското теќе е в исто изградено, тоа е во добра состојба. Тоа претходно било пашин двор (хандан). Со наредба на Мелек Ахмед-паша тоа е претворено во мевлиско теќе. Уште познати се: теќето на Локман Хеким и баба-Медаховото теќе. Овде има 110 чешми, а се смета дека има и 200 себил-ханови.
Водата која е разводена по градбите на овој шехир, е земена од реката која тече од град Качаник. Таа е разводена по шехирот со Иса-беговиот водовод. Оваа река се слива од качаничките планина, а под Скопје се влева во Вардар. Тоа е здрава вода, бистра како кристал. Вардар се слива од планините во Албанија, од планинита кај градовите Малиган дигер, Пеќ и Призрен, протекува под Скопје и се спушта надолу, па откако пројде низ Велес (Ќеприли), протечува под еден дрвен мост близу Караферја, та близу Солун се влива во море.
На рекичките што се наоѓаат во околината на овој голем шехир има илјадници воденици.
Скопските амами се мошне пријатни. Близу Јахја-пашината (џамија) се наоѓа женски амам (Кизлар хамами), кои највеќе ги посетуваат жени. Тој амам не се наоѓа на прометна улица, туку на скришно место, зашто во овие краишта голема срамота е жените да влегуваат во хареми што се наоѓаат во улици во кои е жив сообраќајот на луѓе. Во бојаџиската чаршија се наоѓа Шеки-амамот. Во Иса-беговиот амам воздухот е мошне пријатен. Неговите ѕидови и кубиња воопшто не примаат влага, ниту пак од нив паѓаат капки пот. Граѓаните на ова место велат дека, освен овие, има и до 1.060 куќни амами и се гордеат со тоа.
Во Скопје има седум мусафирхани со бесплатна храна и преноќиште. Најпозната е Јахја-пашината мусафирхана.
Од трговските анови познати се Мехмед-агиниот ан близу Иса-беговата џамија. Натписот на тој ан гласи:
Хаџи Мехмед-ага ја презеде изградбата,
Истиот час му се срочи хроностих: „Нов и красен ан“
999 (= 1590/91 г.)
Познати се уште е ановите: Јахја-пашиниот, Иса-беговиот и Исак-беговиот.
Во Скопје има 13 беќарски соби. Во нив становаат занаетчии-беќари.
Чаршијата. – Таа се состои од две илјади стопедесет дуќани. Тука има трговишта и базари кои се градени од тврд материјал и украсени со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршија на базази (трговци кои продаваат памучни ткаенини), чаршија на газази (кои изработуваат и продаваат свилени ткаенини), чадорџии (кои изработуваат чадори), папуџии (хафафа), бојаџии и ткајачи (кои изработуваат капчиња); тоа се големи чаршии направени според план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, ружи, зимски рози (нерсин), босилок, јоргован и замбак (крин) во вазни и саксии. Тие со својот мирис просто им го опиваат мозокот на посетителите и трговците.
На реката Вардар се наоѓа мост со 14 сводови. Четири свода биле срушени, па се пак поправени. Датумот на реставрацијата гласи:
Кога луѓето го видоа обновувањето
На овој беспримерен мост,
Фалејќи го рекоа: „Многу е
поубав отколку што беше порано.“
Поправката е извршена со доброволна работа на народот.
Хилали ми рече хроностих:
„Реставрација на високиот мост“
987 (= 1579 г.)
Овој велик мост, кој што заслужува да се види, го подигна султанот Мехмед Освојувачот. На спротивната страна од тој мост се наоѓа населба со голема варош.
Поети. - Скопјани – поети биле Хаки и Арзи-челеби, современици на Бајазид Светиот.
Интересните споменици. – На прво место се истакнува една саат-кула, која се наоѓа пред Горни град, близу Царевата џамија, а личи на минаре. Отчукувањата на нејзиниот саат се слушаат на далечина од еден ден ‘од, но гласот му е страшен. И торањот на таа саат-кула е мошне интересен.
Во самиот центар на Долна варош има едно турбе по име Баба Локман. Бил тоа некој мудрец. Со помош на науката за талисмани, тој произвел вруток со жива вода. Тоа е така питка вода како да се точи од рајскиот извор Кевсер. Болниот кој ќе пивне капка од таа вода сигурно ќе оздрави и ќе се опорави. Во тој вруток пливаат многу риби. Голем број луѓе тука се враќаат, говорејќи:
- Ако мојата работа среќно ќе се заврши, нека рибите го изедат лебот што сум им го фрлил. А ако мојата работа е безуспешна, и не ќе се заврши среќно, нека тие не го јадат мојот леб.
И за чудо Божје, рибите по налог на живиот и семоќен Бог, го јадат лебот на мноштво луѓе и работата ним им поаѓа од рака; на многумина сепак рибите не им го јадат лебот, па ни нивната работа не ја биѓава.
Црквите. Тука постојат ерменски, бугарски, српски и еврејски богомолји, а нема франачки, унгарски и германски храмови.
No comments:
Post a Comment