Monday, September 28, 2015

Џон Мајнард Кејнз: ОПШТА ТЕОРИЈА НА ВРАБОТЕНОСТА, КАМАТАТА И ПАРИТЕ

Џон М. Кејнз од многумина е сметан за најголем економист на сите времиња. Иако подоцнежните нобеловци, како Милтон Фридман и Кенет Галбрајт често го критикувале, неговото дело „Општа теорија на вработеноста, каматата и парите“ има статус на Библија во економската теоретика. Кејнзијанството, како доктрина на државниот капитализам, последните години, особено по настапувањето на кризата од 2008 г. доживува преродба, иако во доста изменета форма. Се смета дека економските политики на американскиот претседател Барак Обама и британскиот екс-премиер Гордон Браун биле втемелени врз нео-кејнзијанството.
Џон Мајнард Кејнз е роден 1883 г. Татко му бил економски професор на Кембриџ и колега на тогаш веќе прочуениот Алфред Маршал, кој што подоцна ќе стане и Кејнзов учител. За време на студирањето Кејнз покажувал повеќе  занимање за математиката и политиката, а на еден курс по граѓанско образование, по предметот економика, добил најниска оценка. Сепак, набргу го пројавил неговиот исклучителен талент во стопанските прашања и станал финансов советник на британската влада, место кое го држел и за време на I Светска војна и Версајската конференција. Се истакнува неговата прогноза дека репарациите што и‘ биле наметнати на Германија била толкави, што неминовно ќе предизвикаат хиперинфлација и желба за реванш кај најголемиот европски народ, што се покажало како точно. До стартот на Големата криза 1929-33 тој веќе се искажал како мошне оригинален мислител во делото „Трактат за парите“, кога за прв пат ја оспорил важноста на дотогаш неприкосновените тврдења, како на пример тезата за семоќниот пазарен механизам на понуда и побарувачка, тезата дека секое ново производство нужно создава и нов конзум итн. Големата економска криза од триесетите години дошла како шок. Иако и претходно имало циклични фрикции, тоа што се случило во четвртата деценија на минатиот век било нешто дотогаш невидено. Инспириран од големиот предизвик, Кејнз го напишал своето врвно дело „Општа теорија...“ кое го објавил фебруари 1936 г. Делото на Запад било означено како „кејнзијанска револуција“, споредлива со коперниканската и дарвиновата револуционерна пресвртница во физиката и биологијата.
Книгата се состои од 6 поглавја („книги“) и 24 глави. Основата идеја врз која се потпира „Општата теорија“ е дека во сферата на стопанството редот и хармонијата се исклучок, а не правило и дека на пазарот владејат дисторзии. Феномените на бизнисот се тешко предвидливи и неопходна е политичка акција за да се ублажат последиците од негативните појави, како што се невработеноста, рецесијата, хиперинфлацијата итн. Кејнз како еден од најголемите проблеми во капитализмот ја идентификувал невработеноста, која во Големата криза достигнала астрономски димензии. Тој укажал дека потполна вработеност е мошне ретка појава, практично исклучок, и дека појавата на лица без работа е иманентна на либералниот капитализам. Причината тој ја лоцира во штедењето. Имено, Кејз увидел дека тезата дека целокупните заштеди на луѓето се трошат или во лична или во инвестициона потрошувачка не одговара на реалноста. Голем број луѓе, дел од своите примања ги трошат на пазарот, ама еден дел тргаат настрана „за црни денови“. Тоа стерилизирање на дел од платите предизвикува продуктите што се изнесени на маркетот да не можат да се продадат и со тоа му создадаваат проблеми на бизнисменот. Било тој да е производител или трговец. Поради тоа, Кејнз препорачал владата да интервенира на финансискиот пазар во насока на намалување на банкарските камати и дестимулирање на населението да штеди. Доколку обичниот човек нема интерес да штеди, тој парите ги троши на пазарот, изнесените стоки се продаваат, производството се зголемува, а сопствениците на фирми вработуваат нови лица. На тој начин тој сметал дека може да се реши невработеноста.

Инаку, Кејз е еден од втемелувачите на модерниот светски финансиски систем бидејќи учествувал на конференцијата во Бретон-Вуд на која се формирани Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. Овој основач на научната дисциплина Макроекономија, инаку деклариран хомосексуалец (иако бил официјално женет за позната руска балерина), ја играл улогата на главен заговарач за отпочнување на гигантската програма за економска обнова на Европа и особено Германија, позната како Маршалов план.

Sunday, September 20, 2015

Дејвид Рикардо: НАЧЕЛА НА ПОЛИТИЧКАТА ЕКОНОМИЈА

Дејвид Рикардо е еден од основоположниците на англиската класична економија. Неговата книга „Начела на политичката економија и оданочувањето“, заедно со „Богатството на народите“ на Адам Смит и „Расправа за населението“ од Томас Малтус, претставува втемелувачко дело на економската наука. Рикардо се смета за родоначалник за цела една струја во економската теорија, која што коренот на вредноста ја наоѓа во вложениот труд, а не во капиталот или сопственоста. Опусот на Рикардо денес е застарен, меѓутоа неговите расправи се незаобиколно четиво за оние што се интресираат за историјата на науката за стопанството.
Дејвид Рикардо по потекло бил Евреин Сефард, чии предци се доселиле од Шпанија и Холандија. По женидбата за англиска квекерка и преминувањето во протестантски унитаријанизам, тој бил избркан од својата фамилија и лишен од наследство. Меѓутоа, претходно добро го испекол бизнисменскиот занает кај татко му – трговец, па се впуштил во берзантски шпекулации. За кусо време заработил огромно богатство, така што веќе на 43 години можел да го прекине бизнисот и да се префрли во сферата на науката и политиката. Станал член на британскиот парламент и започнал со научни истражувања. Стартувал интензивна преписка со тероетичарот Малтус, во која ги проверувал своите тези со кои спорел со тврдењата на тогаш веќе прочуените Адам Смит и Џереми Бентам. Поттикнат од неговиот пријател Џејмс Мил, татко на економистот и либерален филозоф Џон Стјуард Мил, решил своите тези да ги преточи во конкретно дело. Неговото создавање започнало 1815, а завршило две години подоцна, кога е објавена „Начелата на политичката економија“.
Оваа книга има околу двесте страни и триесетина поглавја. Во првиот дел се разгледуваат централните економски категории – вредноста, рентата, наемнината (или работничката плата) и профитот и тука е елаборирана тезата дека новата вредност во секој производ е создадена со вложување дополнителен труд. Рикардо тврди дека колку повеќе квалитетен труд се вложува, толку еден производ станува повреден и дека профитот и наемнината се, на некој начин, противници т.е. колку повеќе се зголемува профитот на капиталистот толку се намалува наемнината и обратно, колку повеќе се зголемува цената на работната сила, толку опаѓа профитабилноста. Во вториот дел Рикардо анализира неколку вида даноци, како на пример: данок на земјишни производи, на рента, на злато, на згради, на профит и на плати (наемнини), како и давачките од типот на десетарина (црковен данок), земјарина, прирез и сл. Во последниот дел од книгата, Рикардо се задржува различни теми – на трговијата при ненадејно преоѓање од мирнодопска во воена состојба, на прашањето за акумулацијата, за протекционизмот, а тука се поглавјата во кои тој директно ги анализира теориите на Смит и Малтус за рентата.

Рикардова книга во денешно време изгледа безмалку архаично. Бидејќи кога авторот, на пример, ги анализира состојбите во англиското стопанство во неговото време (а тоа е пред два века) за занимава со анализа на пољоделство, текстил, изработка на шешири, па дури и со лов и риболов. Но, то не значи дека нејзиниот прочит е само начин да се запознаеме со приликите што тогаш владееле на тогашниот пазар. Рикардо открил одредени законитости кои долго време по неговата смрт играле улога во економската теорија, првенствено меѓу нејзините левоориентирани експоненти. А, постојат и дефиниции кои ниту денес не може да им се најде маана, како на пример дефиницијата на данокот, како „дел од производот на земјиштето и на трудот во една земја, којшто се става на располагање на државната власт, а којшто секогаш се плаќаат или од капиталот или од доходот на односната земја“. Рикардо е голем поборник за смалување на даноците и штедење на државата бидејќи „ако на страната на народот нема ниту зголемено производство ни смалување на непродуктивните трошоци, даноците нужно ќе го погодат капиталот, т.е. тие ќе го намалат оној фонд којшто е наменет за продуктивна потрошувачка“.

Sunday, September 13, 2015

Лудвиг фон Мизес: ОМНИПОТЕНТНА ВЛАСТ


Лудвиг фон Мизес е една од водечките фигури на историскиот либерализам и антиболшевизам. Мизес е најпознат како економист. Но, во делото „Омнипотентна власт“ напишано 1944 г., иако зафаќа и стопански прашања, тој доминантно се бави со феноменот на нацизмот и со начините на обвнова на светот, која би се случила по очекуваната победа на сојузничките сили. Мизес е роден 1881 г. како син на богато еврејско семејство од Л'вов. Откако татко му се стекнал со благородничка титула фамилијата се преселува во Виена. Таму младиот Лудвиг се стекнува со докторска титула, се вработува како доцент и се запознава со водечките интелектулаци. Набргу паѓа под влијание на тогаш водечкиот претставник на австриската маргиналистичка економска школа Карл Менгер, што пресудно ќе влијае врз неговиот избор економијата да биде централна сфера на неговото научно интересирање. По доаѓањето на нацистите во 1934 г. се сели во Женева, каде што се жени со една унгарска благородничка и ја продолжува професорската кариера. Стравувајќи од можен аншлус и на Швајцарија, Мизес решава да побегне пред налетот на Хитлер и заминува за Њујорк. Се здобива со американско државјанство и со вработување на Њујоршкиот универзитет, каде што и ја објавува „Омнипотентната власт“. По Втората светска војна, станува еден од водечките светски економисти, иако некои од неговите ученици, какако на пример Фридрих Хајек или Милтон Фридман, се жалат на неговиот незгоден карактер. Познато е искажувањето на нобеловецот Фридман, кој сеќавајќи се на една конференција во алпскиот Монт Пелегрин, наведува дека учесниците од страна на Мизес биле наречени „багра социјалисти“. Мизесовата нетрпеливост кон социјализмот била фамозна и тој бил меѓу првите што тврдел дека тој систем е осуден на пропаст. Првенствено поради неговата економска неефикасност и спречувањето на слободното формирање на цените. Со оглед на тоа што Мизес умрел 1973 г. некои од неговите почитувачи, кога се случи падот на Берлинскиот ѕид во 1989 г. рекле: - Испадна дека Фон Мизес сепак бил во право.
Книгата „Омнипотентна власт“ е поделена на четири поглавја: -Колапс на германскиот либерализам; -Национализам; -Германски нацизам; и -Иднината на Западната цивилизација. Во првото поглавје Мизес го разгледува подемот и падот на идејата за слобода и демократија во стожерната германска држава Прусија. Прусија е позната како германски Пиемонт, односно ентитет кој под раководство на канцеларот Бизмарк, го извршил сегерманското обединување. Од крајот на XVIII па се‘ до половината на XIX век, либералните идеи цутеле во Прусија, како под влијание на тамошната интелигенција (Гете, Шилер, Хегел), така и поради импактот од Француската револуција и Наполеоновите војни. Меѓутоа, во втората половина на предминатиот век, во Берлин зацарувал злогласниот пруски милитаризам. Берлин се прославил со серија успешни војни (Данска, Австрија, Франција) но ја уништил слободарската мисла не само во Бранденбург, ами и во други германски земји. Во тоа на Бизмарк, според Мизес, својски му помагал социјалдемократскиот лидер Ласал, кого Мизес исто така го смета за етатист и антилиберал како и Бизмарк.
 Во второто поглавје, Мизес опширно се осрнува токму на појавата на етатизмот, како идеологија која ја потенцира улогата на државата. Етатизмот и неговиот „побратим“ национализмот, како репрезенти на новиот антилиберален менталитет, особено присутен во Германија и Русија, Мизес ги смета за најодговорни за војните во XIX и XX век. За ова, Мизес главната вина ја префрла врз национализмот, кој тежнее да го прошири суверенитетот на дадена држава се‘ додека не го опфати и последниот припадник на својата лингвистичка групација, истовремено репресирајќи ги припадниците на малцинствата. Во последното поглавје со индикативен наслов „Иднината на Западната цивилизација“, фон Мизес нашироко расправа за тоа како треба да изгледа политичкото устројство во светот, по очекуваното завршување на Втората светска војна. Тука тој се залага за најостро казнување на Силите на Оската, посебно на Германија, предлагајќи пропозиции за нејзино трајно демилитаризирање. Мизес расправа и за територијалната реорганизација на поранешните австро-унгарски и отомански провинции, за кои што предлага да влезат во една држава, која во себе би ги опфаќала просторите од Балтикот до Балканот. Очигледно тој не бил свесен дека наредната 1945 г. советската Црвена армија решително ќе настапи на тие простори и ќе ги преобликува според своите геополитички замисли, секако во договор со западните сили.

Monday, September 7, 2015

Вилхелм Рајх: МАСОВНАТА ПСИХОЛОГИЈА НА ФАШИЗМОТ


Вилхелм Рајх е еден од најконтроверзните научници на XX век. Извршил големо влијание врз интелектуалните собитија по Втората светска војна, не само во психо-сексологијата, за чиј основач се смета, туку и врз книжевноста, музиката, филмот, па дури и врз политичките случувања. Заедно со Херберт Маркузе, се смета за инспиратор на студентските демонстрации од 1968-ма, а се вели дека за време на судирите со полицијата, демонстрантите ги гаѓале полицајците со примероци од книгата „Масовната психологија на фашизмот“.
Фројдовиот ученик и критичар, Вилхелм Рајх имал прилично тешка судбина. Како припадник на еврејскиот народ, слично како и Фројд, бил приморан да бега пред нацистичките антисемитистички погроми. Извесно време минал во скандинавските земји, а потоа, со помош на неговиот пријател Бронислав Малиновски, буквално со последниот брод, отпловил од Норвешка за САД, пред норвешките профашистички власти да отпочнат со прогон врз Евреите. За жал, Рајх не нашол спасение ни во САД. Тој таму излегол со хипотеза дека пронашол нов тип енергија која ја нарекол оргон, како некој вид амалгам помеѓу сексуалниот оргазам и космичките сили. Рајх тврдел дека оргонот е одговорен за генерирање на животот, а неговото отсуство за настанување на канцерозните заболување. Се обидел во тоа да го увери дури и физичарот Ајнштајн, ама не успеал. Спротивно, неговите тези во јавноста со кои заговарал промискуитет и промовирал тнр. „Оргон-акумулатор“ им се сториле сомнителни на американски власти. Тие го фрлиле Рајх в затвор, а неговите книги и списанија тешки шест тони ги запалиле. За време на издржувањето на двегодишната казна, Рајх умрел во затворот. Официјално – поради срцев удар. Тоа се случило ноември 1957 година.

Книгата „Масовната психологија на фашизмот“ е една од најраните дела на Рајх. Претходно тој ја имал објавено култната „Функција на оргазмот“  со која на некој начин раскрстил со својот дотогашен гуру Фројд и тргнал по свој пат. „Масовната психологија на фашизмот“ Рајх ја објавува 1933 г. непосредно по доаѓањето на Хитлер на власт во Германија. Поради тоа, освен својата теоретска функција, книгата има и определен документаристички квалитет, бидејќи во неа се анализира што всушност правеле нацистите, по нивното зграпчување на власта во Берлин. Основна теза на Рајх е дека за подемот на Германската национал-социјалистичка партија на работниците  не е заслужна Хилтеровата харизма, туку некаква желност на германските маси за таков тип на политика. Тој најнапред ја обвинува левицата дека создала погодно тло за ‘ртење на национал-социјализмот: „тврдењето дека социјалдемократската политика го качува фашизмот в седло е точна не само политички, туку – што е битно – и масовнопсихолошки“ – вели Рајх. Како втора причина за растот на НСДАП тој ја смета нацистичката пропаганда, при што како доказ цитира мисла од Хитлеровата „Мај кампф“: „Расположението на народот отсекогаш било тоа што озгора ќе му се ‘утуви’ на јавното мислење“. Натаму, Рајх објаснува во кои општествени слоеви нацизмот ги регрутира своите следбеници. Тоа се „средниот сталеж, значи милионите приватни и јавни чиновници, средните трговци и средното и ситно селанство“. Тој сите нив ги подведува под поимот на малограѓанштина. Неа Хитлер ја задобил со лажна реторика против крупниот капитал, додека во исто време цврсто се врзал со нјаголемите индустријалци, како Тисен и Круп. Во исто време, популизмот на Хитлер успева да ги привлече и традиционалните ривали – пролетерите и бирократите. Во таа смисла, Рајх одново посега по цитирање делови од „Мајн капф“ каде буквално стои: „Народот претежно е насочен и склон кон феминост, па неговото мислење и делување повеќе е водено од чувствени поттици, отколку од трезвени размисли“. „Тоа чувство меѓутоа, не е комплицирано, туку едноставно и единствено. Тука нема многу диференцирања, туку само позитивно и негативно, љубов или омраза, правда или неправда, вистина или лага, а никогаш нема пола вака, пола онака, или делумно“. Рајх тврди дека Хитлер на многу места нагласува дека кон масата не сме да и‘ се приоѓа со аргументи, докази и образование, туку само преку чувства и вера.