Sunday, September 20, 2015

Дејвид Рикардо: НАЧЕЛА НА ПОЛИТИЧКАТА ЕКОНОМИЈА

Дејвид Рикардо е еден од основоположниците на англиската класична економија. Неговата книга „Начела на политичката економија и оданочувањето“, заедно со „Богатството на народите“ на Адам Смит и „Расправа за населението“ од Томас Малтус, претставува втемелувачко дело на економската наука. Рикардо се смета за родоначалник за цела една струја во економската теорија, која што коренот на вредноста ја наоѓа во вложениот труд, а не во капиталот или сопственоста. Опусот на Рикардо денес е застарен, меѓутоа неговите расправи се незаобиколно четиво за оние што се интресираат за историјата на науката за стопанството.
Дејвид Рикардо по потекло бил Евреин Сефард, чии предци се доселиле од Шпанија и Холандија. По женидбата за англиска квекерка и преминувањето во протестантски унитаријанизам, тој бил избркан од својата фамилија и лишен од наследство. Меѓутоа, претходно добро го испекол бизнисменскиот занает кај татко му – трговец, па се впуштил во берзантски шпекулации. За кусо време заработил огромно богатство, така што веќе на 43 години можел да го прекине бизнисот и да се префрли во сферата на науката и политиката. Станал член на британскиот парламент и започнал со научни истражувања. Стартувал интензивна преписка со тероетичарот Малтус, во која ги проверувал своите тези со кои спорел со тврдењата на тогаш веќе прочуените Адам Смит и Џереми Бентам. Поттикнат од неговиот пријател Џејмс Мил, татко на економистот и либерален филозоф Џон Стјуард Мил, решил своите тези да ги преточи во конкретно дело. Неговото создавање започнало 1815, а завршило две години подоцна, кога е објавена „Начелата на политичката економија“.
Оваа книга има околу двесте страни и триесетина поглавја. Во првиот дел се разгледуваат централните економски категории – вредноста, рентата, наемнината (или работничката плата) и профитот и тука е елаборирана тезата дека новата вредност во секој производ е создадена со вложување дополнителен труд. Рикардо тврди дека колку повеќе квалитетен труд се вложува, толку еден производ станува повреден и дека профитот и наемнината се, на некој начин, противници т.е. колку повеќе се зголемува профитот на капиталистот толку се намалува наемнината и обратно, колку повеќе се зголемува цената на работната сила, толку опаѓа профитабилноста. Во вториот дел Рикардо анализира неколку вида даноци, како на пример: данок на земјишни производи, на рента, на злато, на згради, на профит и на плати (наемнини), како и давачките од типот на десетарина (црковен данок), земјарина, прирез и сл. Во последниот дел од книгата, Рикардо се задржува различни теми – на трговијата при ненадејно преоѓање од мирнодопска во воена состојба, на прашањето за акумулацијата, за протекционизмот, а тука се поглавјата во кои тој директно ги анализира теориите на Смит и Малтус за рентата.

Рикардова книга во денешно време изгледа безмалку архаично. Бидејќи кога авторот, на пример, ги анализира состојбите во англиското стопанство во неговото време (а тоа е пред два века) за занимава со анализа на пољоделство, текстил, изработка на шешири, па дури и со лов и риболов. Но, то не значи дека нејзиниот прочит е само начин да се запознаеме со приликите што тогаш владееле на тогашниот пазар. Рикардо открил одредени законитости кои долго време по неговата смрт играле улога во економската теорија, првенствено меѓу нејзините левоориентирани експоненти. А, постојат и дефиниции кои ниту денес не може да им се најде маана, како на пример дефиницијата на данокот, како „дел од производот на земјиштето и на трудот во една земја, којшто се става на располагање на државната власт, а којшто секогаш се плаќаат или од капиталот или од доходот на односната земја“. Рикардо е голем поборник за смалување на даноците и штедење на државата бидејќи „ако на страната на народот нема ниту зголемено производство ни смалување на непродуктивните трошоци, даноците нужно ќе го погодат капиталот, т.е. тие ќе го намалат оној фонд којшто е наменет за продуктивна потрошувачка“.

No comments:

Post a Comment