Џон М. Кејнз од
многумина е сметан за најголем економист на сите времиња. Иако подоцнежните
нобеловци, како Милтон Фридман и Кенет Галбрајт често го критикувале, неговото
дело „Општа теорија на вработеноста, каматата и парите“ има статус на Библија
во економската теоретика. Кејнзијанството, како доктрина на државниот
капитализам, последните години, особено по настапувањето на кризата од 2008 г.
доживува преродба, иако во доста изменета форма. Се смета дека економските
политики на американскиот претседател Барак Обама и британскиот екс-премиер
Гордон Браун биле втемелени врз нео-кејнзијанството.
Џон Мајнард Кејнз
е роден 1883 г. Татко му бил економски професор на Кембриџ и колега на тогаш
веќе прочуениот Алфред Маршал, кој што подоцна ќе стане и Кејнзов учител. За
време на студирањето Кејнз покажувал повеќе
занимање за математиката и политиката, а на еден курс по граѓанско
образование, по предметот економика, добил најниска оценка. Сепак, набргу го
пројавил неговиот исклучителен талент во стопанските прашања и станал финансов советник
на британската влада, место кое го држел и за време на I Светска војна и Версајската конференција. Се
истакнува неговата прогноза дека репарациите што и‘ биле наметнати на Германија
била толкави, што неминовно ќе предизвикаат хиперинфлација и желба за реванш
кај најголемиот европски народ, што се покажало како точно. До стартот на Големата
криза 1929-33 тој веќе се искажал како мошне оригинален мислител во делото
„Трактат за парите“, кога за прв пат ја оспорил важноста на дотогаш
неприкосновените тврдења, како на пример тезата за семоќниот пазарен механизам
на понуда и побарувачка, тезата дека секое ново производство нужно создава и
нов конзум итн. Големата економска криза од триесетите години дошла како шок.
Иако и претходно имало циклични фрикции, тоа што се случило во четвртата
деценија на минатиот век било нешто дотогаш невидено. Инспириран од големиот
предизвик, Кејнз го напишал своето врвно дело „Општа теорија...“ кое го објавил
фебруари 1936 г. Делото на Запад било означено како „кејнзијанска револуција“,
споредлива со коперниканската и дарвиновата револуционерна пресвртница во физиката
и биологијата.
Книгата се состои
од 6 поглавја („книги“) и 24 глави. Основата идеја врз која се потпира „Општата
теорија“ е дека во сферата на стопанството редот и хармонијата се исклучок, а
не правило и дека на пазарот владејат дисторзии. Феномените на бизнисот се
тешко предвидливи и неопходна е политичка акција за да се ублажат
последиците од негативните појави, како што се невработеноста, рецесијата,
хиперинфлацијата итн. Кејнз како еден од најголемите проблеми во капитализмот
ја идентификувал невработеноста, која во Големата криза достигнала астрономски
димензии. Тој укажал дека потполна вработеност е мошне ретка појава, практично
исклучок, и дека појавата на лица без работа е иманентна на либералниот
капитализам. Причината тој ја лоцира во штедењето. Имено, Кејз увидел дека
тезата дека целокупните заштеди на луѓето се трошат или во лична или во
инвестициона потрошувачка не одговара на реалноста. Голем број луѓе, дел од
своите примања ги трошат на пазарот, ама еден дел тргаат настрана „за црни
денови“. Тоа стерилизирање на дел од платите предизвикува продуктите што се
изнесени на маркетот да не можат да се продадат и со тоа му создадаваат
проблеми на бизнисменот. Било тој да е производител или трговец. Поради тоа,
Кејнз препорачал владата да интервенира на финансискиот пазар во насока на
намалување на банкарските камати и дестимулирање на населението да штеди.
Доколку обичниот човек нема интерес да штеди, тој парите ги троши на пазарот,
изнесените стоки се продаваат, производството се зголемува, а сопствениците на
фирми вработуваат нови лица. На тој начин тој сметал дека може да се реши
невработеноста.
Инаку, Кејз е
еден од втемелувачите на модерниот светски финансиски систем бидејќи учествувал
на конференцијата во Бретон-Вуд на која се формирани Светската банка и
Меѓународниот монетарен фонд. Овој основач на научната дисциплина
Макроекономија, инаку деклариран хомосексуалец (иако бил официјално женет за
позната руска балерина), ја играл улогата на главен заговарач за отпочнување на
гигантската програма за економска обнова на Европа и особено Германија, позната
како Маршалов план.
No comments:
Post a Comment