Sunday, September 13, 2015

Лудвиг фон Мизес: ОМНИПОТЕНТНА ВЛАСТ


Лудвиг фон Мизес е една од водечките фигури на историскиот либерализам и антиболшевизам. Мизес е најпознат како економист. Но, во делото „Омнипотентна власт“ напишано 1944 г., иако зафаќа и стопански прашања, тој доминантно се бави со феноменот на нацизмот и со начините на обвнова на светот, која би се случила по очекуваната победа на сојузничките сили. Мизес е роден 1881 г. како син на богато еврејско семејство од Л'вов. Откако татко му се стекнал со благородничка титула фамилијата се преселува во Виена. Таму младиот Лудвиг се стекнува со докторска титула, се вработува како доцент и се запознава со водечките интелектулаци. Набргу паѓа под влијание на тогаш водечкиот претставник на австриската маргиналистичка економска школа Карл Менгер, што пресудно ќе влијае врз неговиот избор економијата да биде централна сфера на неговото научно интересирање. По доаѓањето на нацистите во 1934 г. се сели во Женева, каде што се жени со една унгарска благородничка и ја продолжува професорската кариера. Стравувајќи од можен аншлус и на Швајцарија, Мизес решава да побегне пред налетот на Хитлер и заминува за Њујорк. Се здобива со американско државјанство и со вработување на Њујоршкиот универзитет, каде што и ја објавува „Омнипотентната власт“. По Втората светска војна, станува еден од водечките светски економисти, иако некои од неговите ученици, какако на пример Фридрих Хајек или Милтон Фридман, се жалат на неговиот незгоден карактер. Познато е искажувањето на нобеловецот Фридман, кој сеќавајќи се на една конференција во алпскиот Монт Пелегрин, наведува дека учесниците од страна на Мизес биле наречени „багра социјалисти“. Мизесовата нетрпеливост кон социјализмот била фамозна и тој бил меѓу првите што тврдел дека тој систем е осуден на пропаст. Првенствено поради неговата економска неефикасност и спречувањето на слободното формирање на цените. Со оглед на тоа што Мизес умрел 1973 г. некои од неговите почитувачи, кога се случи падот на Берлинскиот ѕид во 1989 г. рекле: - Испадна дека Фон Мизес сепак бил во право.
Книгата „Омнипотентна власт“ е поделена на четири поглавја: -Колапс на германскиот либерализам; -Национализам; -Германски нацизам; и -Иднината на Западната цивилизација. Во првото поглавје Мизес го разгледува подемот и падот на идејата за слобода и демократија во стожерната германска држава Прусија. Прусија е позната како германски Пиемонт, односно ентитет кој под раководство на канцеларот Бизмарк, го извршил сегерманското обединување. Од крајот на XVIII па се‘ до половината на XIX век, либералните идеи цутеле во Прусија, како под влијание на тамошната интелигенција (Гете, Шилер, Хегел), така и поради импактот од Француската револуција и Наполеоновите војни. Меѓутоа, во втората половина на предминатиот век, во Берлин зацарувал злогласниот пруски милитаризам. Берлин се прославил со серија успешни војни (Данска, Австрија, Франција) но ја уништил слободарската мисла не само во Бранденбург, ами и во други германски земји. Во тоа на Бизмарк, според Мизес, својски му помагал социјалдемократскиот лидер Ласал, кого Мизес исто така го смета за етатист и антилиберал како и Бизмарк.
 Во второто поглавје, Мизес опширно се осрнува токму на појавата на етатизмот, како идеологија која ја потенцира улогата на државата. Етатизмот и неговиот „побратим“ национализмот, како репрезенти на новиот антилиберален менталитет, особено присутен во Германија и Русија, Мизес ги смета за најодговорни за војните во XIX и XX век. За ова, Мизес главната вина ја префрла врз национализмот, кој тежнее да го прошири суверенитетот на дадена држава се‘ додека не го опфати и последниот припадник на својата лингвистичка групација, истовремено репресирајќи ги припадниците на малцинствата. Во последното поглавје со индикативен наслов „Иднината на Западната цивилизација“, фон Мизес нашироко расправа за тоа како треба да изгледа политичкото устројство во светот, по очекуваното завршување на Втората светска војна. Тука тој се залага за најостро казнување на Силите на Оската, посебно на Германија, предлагајќи пропозиции за нејзино трајно демилитаризирање. Мизес расправа и за територијалната реорганизација на поранешните австро-унгарски и отомански провинции, за кои што предлага да влезат во една држава, која во себе би ги опфаќала просторите од Балтикот до Балканот. Очигледно тој не бил свесен дека наредната 1945 г. советската Црвена армија решително ќе настапи на тие простори и ќе ги преобликува според своите геополитички замисли, секако во договор со западните сили.

No comments:

Post a Comment