Monday, May 16, 2016

Џин Шарп: ОД ДИКТАТУРА ДО ДЕМОКРАТИЈА

Концептуална рамка за ослободување
Одговорно однесување по успехот
Планерите на главната стратегија треба однапред да размислат за можните и претпочитаните начини на кои е најдобро да заврши успешната борба со цел да се спречи подемот на нова диктатура и да се осигури постепено воспоставување траен демократски систем.
Демократите треба да пресметаат како ќе се раководи со транзицијата од диктатура кон привремена влада на крајот на борбата. Пожелно е тогаш брзо да се создаде нова функционална влада. Како и да е, тоа не треба да биде старата влада со нов персонал. Потребно е да се пресмета кои делови од старата владина структура (како политичката полиција) ќе бидат целосно укинати поради нивниот целосно антидемократски карактер, а кои делови треба да се задржат и подоцна да се подложат на напори за демократизација. Целосното отсуство на влада ќе отвори пат за хаос или за нова диктатура.
Треба однапред да се размисли за тоа каква ќе биде политиката спрема високите функционери на диктатурата откако ќе се урне нејзината моќ. На пример, дали ќе им се суди на диктаторите? Дали ќе им се дозволи трајно да ја напуштат земјата? Кои се другите опции што се конзистентни со политичкиот пркос, потребата од реконструкција на земјата и градењето демократија по победата? Мора да се избегне крвопролевање, кое може да има драстични последици за идниот демократски систем.
Кога диктатурата ќе почне да слабее или кога ќе колабира, плановите за транзиција кон демократија треба веќе да бидат изготвени. Таквите планови ќе помогнат да се спречи можноста друга група да ја преземе власта преку државен удар. Исто така, ќе бидат потребни и планови за поставување демократска уставна власт со целосни политички и лични слободи. Промените до кои се дошло со голема цена не треба да се изгубат поради недостиг од планирање.
Кога ќе се соочат со се’ помоќното население и со растот со независните демократски групи и институции – кои не може да ги контролира диктатурата – диктаторите ќе согледаат дека целиот нивен потфат се распаѓа. Општите прекини на функционирањето на општеството, генералните штрајкови, масовното останување дома, пркосните маршеви или други активности се’ повеќе ќе ја поткопуваат организацијата на самата диктатура и институциите поврзани со неа. Како последица од таквиот пркос и несоработка, изведени мудро и со масовно учество, како што поминува времето, диктаторите ќе ја губат моќта, а бранителите на демократијата, без насилство, ќе триумфираат. Диктатурата ќе се распадне пред пркосното население.
Но, нема да успее секој таков напор, барем не лесно и ретко кога брзо. Треба да се запомни дека колку војни се добиваат, толку и се губат. Сепак, политичкиот пркос нуди реални можности за победа. Како што беше кажано порано, таа можност може да се зголеми преку развој на мудра главна стратегија, внимателно стратегиско планирање, напорна работа и дисциплинирана, бестрашна борба.

10. ТЕМЕЛИТЕ НА ТРАЈНАТА ДЕМОКРАТИЈА
Падот на диктатурата, секако, е причина за голема прослава. Луѓето што долго страдале и се бореле, плаќајќи висока цена за тоа, заслужуваат време за радост, релаксирање и признание. Тие треба да се гордеат со себе и со сите што се бореле со нив за политичка слобода. Нема сите да го доживеат овој ден. Живите и мртвите ќе бидат запомнети како херои што помогнале да се обликува историјата на слободата во нивната земја.
За жал, ова не време за намалена будност. Дури и во случај диктатурата да биде успешно урната со помош на политички пркос, мора да се преземат сите мерки на претпазливост за да се спречи подемот на нов угнетувачки режим во конфузијата што ќе следи по падот на стариот. Лидерите на продемократските сили треба да бидат однапред подготвени за мирна транзиција кон демократија. Диктаторските структури ќе мора да се растурат. Ќе мора да се изградат уставната и правната основа и стандардите на однесување за трајна демократија.
Никој не треба да верува дека веднаш по падот на диктатурата ќе настане идеално општество. Распадот на диктатурата, едноставно, обезбедува почетна позиција, во услови на зголемена слобода, за долгорочни напори за подобрување на општеството и за поадекватно задоволување на човековите потреби. Тешките политички, економски и општествени проблеми ќе продолжат со години, што ќе бара соработка на многу луѓе и групи во напорите за нивно решавање. Новиот политички систем би требало да обезбеди можности за луѓето различни погледи и поволни решенија да продолжат со конструктивната работа и развојот на политики за справување со проблемите во иднина.

Опасност од нова диктатура
Аристотел одамна предупреди дека „...И тиранијата мож да се промени во тиранија...“. Има изобилство историски докази од Франција (јакобинците и Наполеон), Русија (болшевиците), Иран (ајатолахот), Бурма (SLORC) и други места, каде падот на еден угнетувачки режим ќе биде доживеан од некои лица и групи само како можност за нив да стапат како нови господари. Нивните мотиви можат да варираат, но резултатите често се приближно исти. Новата диктатура може да биде дури и посурова и пототална во контролирањето од старата.

Дури и пред колапсот на диктатурата, членовите на стариот режим може да се обидат да ја прекратат пркосната борба за демократија изведувајќи државен удар наменет само да ја испревари победата на масовниот отпор. Тие може да тврдат дека сакаат да ја симнат диктатурата, но, всушност, само бараат начин да наметнат нов, преобликуван режим.

(изд. Фондација Отворено општество Македонија 2013 г., прев. Васко Лазаревски)

No comments:

Post a Comment