ЖИВОТ
Плотин (204-270)
е роден во Ликополис во Египет. Го слушал Амониј Сакас и бил негов најдобар
ученик. Станал славен дури во Рим, каде од Александрија го довел императорот
Галиен за да служи како духовен заштитник на Римска империја. Во Рим Плотин
основал своја школа, во која во тек на четврт столетие, се’ до крајот на
својот живот, имал постојани слушатели од елитата на римското општество.
Негови ученици биле лекари, ретори, сенатори, па дури и еден император и
императорка. Неговата школа била место за средби на најкултурните луѓе од
римското општество. Во неа се читале и толкувале делата на старите грчки
филозофи и се следеле предавањата на самиот Плотин, во кои тој ги изнесуваше и
докажуваше своите неоплатоновски сфаќања, својот неоплатоновски систем. На овие
собири, најотмениот римски свет приредувал култови, служби на старите филозофи,
на начин мошне сличен, дури и идентичен со обредите со кои христијаните се
восхитуваа од Исуса и апостолите. Неоплатонизмот не само што му подаде рака на
христијанството, туку со него сакаше и да се соедини, притоа држејќи се кон
својот Платон и Аристотел, а не примајќи го Христос наместо нив.
Иако мошне доцна
почнал да пишува, дури околу 50-тата година од животот, Плотин сепак оставил 54
трактати, кои ги редактирал и објавил неговиот ученик Порфириј. Нив ги поделил
во 6 групи, во секоја по 9 трактати, а на секоја група и дал наслов Енеади, Деветокнижие.
УЧЕЊЕТО ЗА ЕДНОТО
(БОЖЕСТВОТО)
Основата на
неоплатоновската филозофија е во следново: Се’ настанало извирајќи од чистото божество и се’
тежнее да се врати кон него. Се’ настанува со еманација од божеството. Без овој
извор ништо не би постоело. Секоја одделна ствар претставува стварност доколку
се стреми да се врати во самото божество. (Значи, основната карактеристика на
оваа неоплатоновска филозофија е во тоа што таа – пантеистички – во исто време
го разликува и го обединува самото божество на неговиот извор и во неговите
еманации.)
Со еманациите
настануваат три реда суштества, а од изворот тече една река – самиот свет, кој
не е хомоген туку и неговите делови се разложуваат во една хиерархија од три
реда суштества:
а) Во првиот ред
е она што е најблиску до изворот – до божеството – а тоа се духовите, духовните
суштества;
б) Зад нив е
вториот ред: животинските
суштества;
в) На третото
место се со еманацијата настанатите чисто телесни ствари.
Се’ се стреми да
се врати кон својот првичен извор, воздигнувајќи се преку три степени од
спознанието – а) сетилното спознание, б) умувањето и в) мистичната интуиција –
идентификувајќи се со божеството, кое е чисто, апсолутно, извор на се’.
Најнизок степен
во еманацијата на суштествата е телесниот свет; тоа е оној степен што се дофаќа со сетилното
спознание и преку него треба да го надминеме. Над него стои живиот свет, кој
може да се проѕре со умувањето, со разумот. Над овој степен на постоење стои
духовниот свет, кој е уште почист и којшто се спознава со интуицијата.
Единствено со интуицијата, во екстазата,
непосредно се гледа изворот на се’ – божеството. Во екстазата, со чисто духовна
дејност, мислителот гледа, непосредно го спознава она без што не е можно ништо
да се знае, без што ништо не би постоело, а тоа е самото божество.
За Плотин
божеството е праизвор, праоснова, единство, цело пред деловите, чиста форма.
Но, тоа не е некое суштество со човечка лика. Божеството за Плотин е општ
праизвор на се’, целост на сета стварност, извор на таа стварност. Божеството е
прапринцип, онаа единица која е прва, но и последна во серијата на броевите.
Божеството е праизвор – едно; ова е основа и на Питагорејството.
Наспроти на овој
извор на вака сфатената стварност стои материјата, спротивност на формата.
Божеството и материјата се два пола на една иста стварност, и едно без друго не
може да постојат. Божеството е извор на сета дејност, активност, создавање,
творење, еманација;
материјата е облик којшто ја прима таа еманација. Во неа се отелотворува се’
она што доаѓа од изворот, од она што е целост пред сите делови и што опфаќа
се’.
Како? – Ова
единство, пред се’, се огледа во хармоничноста на светот, тоа е единство на
сета убавина, а тоа самото е надвор од убавината. Убавото доаѓа од таа целост,
а вториот дел на таа целост би бил вистината, правдината. Светот на идејата
постои и настанува од праизворот – апсолутот, ној тој праизвор не е самата
идеја. Божеството – општиот праизвор е надвор од се’. Овој праизвор со ништо не
може да се определи, а со тоа да не му се одземе од самите негови
карактеристики. Затоа божеството, целото пред сите делови, стои над се’. Тоа е
единствената негова можна определба. Тоа не може да се определи со никаков
финалитет.
СПОЗНАНИЕТО
Како, пак,
божеството се спознава? Како се спознава таа општа форма, изворот на сите
форми, кога за него ништо не смее да се тврди?
Тоа се спознава
со целосна апстракција од се’ она што е поединечно, од се’ она што е општо, од
сите можни определби на нештата, од севкупната стварност, дури и од самата
свест за себе самиот. Кога сето тоа ќе го апстрахираме, дури тогаш ќе бидеме
свртени кон самото божество и, дивинизирајќи го, него ќе го контемплираме и
непосредно спознаеме.
За Платон, Бог
стои под Идејата, под општите закони, а над збиднувањата во светот; тој според него, е посредник меѓу светот
и општите закони. За Плотин пак, Бог е над Идеите и извор на самите закони и Идеи.
Според Плотин, затоа, божеството не може да се сфати, да се разбере, да се
објасни, туку тоа може само да се насети и непосредно да се почувствува дури
тогаш кога ќе се апстрахираме од светот на идеите; тоа се постига со интуицијата. Затоа Плотин разликува
три степени на спознанието.
Првиот степен пред спознанието со интуиција, е она спознание
кое се содржи во самиот говор, тоест со самото тоа што ќе научиме да зборуваме,
ние се здобиваме со извесна форма на знаење, односно спознание.
Вториот степен на спознанието е научното или филозофското
спознание, кое од единечното оди кон општото.
Третиот степен на спознанието е теоријата низ која зад себе се
остава спознанието со разумот, научното спознание, значи се отфрлаат скалите
преку кои дојдовме до највишото спознание, до гледањето на целоста на светот,
до видувањето на апсолутот на неговиот извор. „Да се види“ е основата и целта
на животот, често вели Плотин. Непосредно да се види, тоа е она што го движи
рационалното спознание, тоа е крајната цел на спознавањето. На апсолутниот
принцип, на божеството не му е потребно да се види себеси, целото пред сите
делови, како што светлината не може себе си да се види. Божеството е оној
принцип кој не гледа, но кој прави сето друго него да го гледа.
ЕМАНАЦИЈАТА
Како, пак, самата
стварност непестајно струи од него, како тече од тој вруток?
Процесот на
струењето, течењето, еманирањето од апсолутот има три стадиуми.
Првиот стадиум на
еманацијата е интелигенцијата, Умот, она што е пред деловите и што избива
непосредно пред Универзумот. Умот, од една страна, е субјект, а од друга, она
што како разумно е сфатено.
Со какво чудо
настанал тој првиот свет, најблизок на божеството, на апсолутот?
Тоа е мистерија.
Од една страна е светот на апсолутните идеи, светот на објективните дадености,
а од друга, самиот Ум: ние
можеме само да констатираме дека тоа е мистерија. Божеството е пред се’, но
сепак е се’: во својата
конситуција светот не личи на организам во којшто еден дел е надвор од другиот,
туку е единство, едно цело без делови, бидејќи тие делови се наоѓаат едни во
другите. Затоа што се’ е едно во другото, затоа тоа е Се’ – Божество.
Како од тоа Едно
настануваат единечните ствари?
Плотин одговара
дека чудото, мистеријата, не може да се дофати со идеја; тоа може само со интуиција непосредно да се види, кога ќе го апстрахираме сето спознание и скалата преку која дојдовме бо
божеството. Од Целото – т.е. божеството – настанува светот на интелигенцијата,
светот на умноста, најопштиот тип на хармоничност на се’, општата законитост, а
од нив се издвојуваат две спротивности: субјектот и објектот.
Вториот стадиум
на еманацијата го претпоставува она што настанало од интелигенцијата, а тоа е
душата; таа еманира од
интелигенцијата. Од интелигенцијата, од нужната законитост на се’, настанала душата
на светот, а од неа нестанале индивидуалните души.
Третиот стадиум
на еманацијата е телесноста;
телото еманирало од душата.
(Историја на филозофијата - Скопски предавања, изд. Македонска книга 1984)
No comments:
Post a Comment