Monday, May 23, 2016

ХАРАЛАМПИЕ ПОЛЕНАКОВИЌ: Творецот на словенската просвета – Кирил Солунски

9.
... За време на престојот во Венеција – кој можел да трае и подолго време, додека не се најде некоја згодна можност, некој брод кој би пловел за Цариград – на Константин Филозофот му пристигна писмо од римскиот папа Никола I, во кое врховниот владетел на римската црква го кани него – Константина – да дојде во Рим, да му ја изложи својата наука на врховниот моќник и да може своите ученици да ги унапреди во свештенички звања. Оваа покана на Константина добро му дојде, за да може на изворот да го обезбеди правото на употребата на словенскиот јазик во богослужбата. Целата мисија од неколку стотини словенски чеда – ученици, на чело со умните браќа од Солун, се упатија кон „вечниот град“, кон Рим. Во меѓувреме, додека словенските учители, придружувани од словенските ученици, се приближуваа кон градот на апостолот Петар и папата маченик Климент Римски, чии посмртни останки ги носеа со себе Константин и Методија, знаејќи дека со нив ќе можат да постигнат уважение кај сегашниот папа и кај римските моќници – на римскиот престол се одиграа промени. Папата Никола I умре, а бискупите и кардиналите по брза постапка, инаку предвидена во канонските дела, избраа нов папа. Тоа беше Хадријан II. Дознавајќи од своите луѓе за тоа дека кон Рим се ближат словенските учители и мисионерите на цариградскиот патријарх и византискиот василевс, носејќи ги на челото на поворката посмртните останки на папата Климент Римски, папата Хадријан II заедно со кардиналите и граѓанството и со целиот црковен церемонијал, им излегоа во пресрет на гостите од далечниот свет. „И кога дојде во Рим, самиот апостолски намесник Хадријан му излезе во пресрет со сите граѓани носејќи свеќи, зашто беше се дознало оти он ги носи моштите на светиот Климент, маченикот и папата римски“, пишува за свечениот пречек на Константина Филозофот и неговата придружба биографот на Константина, за да продолжи со описот на првата средба на Констатин со Рим. „Папата, откако ги прими словенските книги, ги освети и ги стави во црквата Света Марија, која се наречува Фатне, и пееше над нив света литургија. Потоа папата им нареди на двајца епископи, Формоз и Гондрих, да ги посветат словенските ученици. И при посветувањето пееја литургија во црквата на светиот апостол Петар на словенски јазик. На вториот ден се пееше во црквата на Света Петронила, а на третиот  ден во црквата Св. Андреја, а потоа пак, во црквата на великиот вселенски учител, апостолот Павле, пееле сеноќно бдение, славејќи го Господа на словенски, изутрина, пак литургија над неговиот свет гроб, при што учествуваа епископот Арсениј, еден од седуммината епископи, и Анастасиј библиотекарот“.
Словенските книги што ги носеа со себе мисионерите и словенските ученици, беа осветени во црквата Санта Марија Маџоре – една од највеличествените цркви на христијанскиот свет, можеби црква што денес се гордее дека има најголем број уметнички дела во своите пазуви. Црквата Санта Марија Маџоре се наоѓаше недалеку од местото каде што во една куќа беа отседнале словенските просветители, некаде околу денешниот Институт за источни прашања. Посветувањето на словенските ученици во разни свештенички звања, беше изведено во катедралната црква Св. Петар. Се разбира, не во денешната, најголема црква не само во Рим, туку и во целиот христијански свет, туку во старата црква Св. Петар, околу која се распространуваа гробиштата римски. На вториот и третиот ден на свеченостите приредени во чест на византиските мисионери и нивните словенски ученици, според раскажувањето на биографот на Константина, служби се одржаа во црквите посветени на св. Петронила и на св. Андреја. Денеска овие две историски цркви не постојат. Во годините кога римските папи се зафатија со величествената мисла од стариот Св. Петар да ја изградат денешната грандиозна катедрала со најголемиот плоштад на светот што се наоѓа пред Св. Петар, тогаш мораа да се урнат обете цркви, бидејќи му пречеа на новиот Св. Петар. Во знак на спомен, на постоењето на овие две цркви, во денешниот Св. Петар два олтара се посветени, едниот на Св. Петронила, вториот на Св. Андреја, и тоа, веројатно, некако приближно на местата каде биле тие две цркви. Свечени служби се испеаја на словенски јазик и во величествената црква посветена на апостолот Павле, која денеска се наоѓа „надвор од ѕидиштата“, далеку повеличествена отколку што била во времето кога во неа, и на гробот на апостолот Павле, се пееше на словенски јазик молитва на Господа. Од спомнатите ученици во богослужбата треба да се спомене Анастасиј библиотекарот. Тоа е оној Анастасиј кој се знаеше со Констанина Филозофот преку неговите творби напишани по повод откривањето на моштите на Климента маченикот и папата римски, и за кого се искажа најпофално пред папата.
Ваква служба (на словенски) е одржана на 14 февруари 1969 година во црквата Св. Петар, каде што неколку часови се пееше пофалба на Господа на сите словенски јазици, споменувајќи се на творецот на словенската писменост. И на гробот на Кирил Филозофот, во старата базилика Сан Клементе, недалеку од стариот Колосеум и Нероновите градини, и на други места, се отпеа заупокоена молитва и на македонски јазик, на оној јазик со кој во тогашната негова развојна форма – се создаде словенската писменост и со која се служеше пред 1.100 години по главните римски цркви, објавувајќи му на целиот свет дека се признал како богослужбен јазик и јазикот на „словенското племе“, словенскиот јазик.
Со ва признание, што го доби од римскиот папа, Константин можеше да биде наполно задоволен. Од тој час словенскиот јазик беше признаен и од Цариград и од Рим.
При посетата, во црквата Св. Петар беа произведени во свештенички звања Методија, првоучителот на Словените, и неколку ученици на браќата од Солун, меѓу кои во спомениците посебно се спомнуваат Климент и Наум, идните просветители на македонскиот народ. Во Рим и Константин се здоби со едно повисоко калуѓерско звање. При минувањето во еден построг калуѓерски ред од оној во којшто дотогаш беше, Константин Филозофот го замени и своето име со името Кирил. Од тогаш тој ќе се спомнува главно со името Кирил, Кирил Солунски.
Откако беше извојувана победата, „тогаш го снајдоа многу тегоби и почна да поболува“, пишува биографот на Константина, опишувајќи ги последните денови од животот на големиот учител на Словените. Биографот на Констатнин-Кирил веќе рече дека Филозофот со доста разнишано здравје тргна во Моравската мисија. Со стоичка упорност тој ги одбиваше обидите на телото да потклекне во напорната душевна борба со тријазичниците во Моравија и во Венеција. Меѓутоа, крајот се ближеше со голема брзина. Откако ја одржа последната служба на Божиќ, во 868 година Кирил падна во постела, во која остана педесет дена, за да го заврши својот животен пат на 14 февруари 869 година.
Пред да го заврши својот живот, Кирил се прости со својот брат Методија, ставајќи му на срце да не го напушта започнатото дело на просветувањето на „словенското племе“ и да не се повлече во манастир. Истовремено тој ги благослови учениците, со особено задржување при давањето совети на Климента, Наума и на некои други. Биографот на Кирил Солунски соопштува дека последната молитва на големиот просветител била упатена кон Седржателот, кого го замолил:
„Послушај ја мојата молитва
И запази го твоето верно стадо
За кое ме постави мене,
Невредниот и недостојниот раб твој...“


(Обј. во „Современост“, 8-9, стр. 987 – 1026, Скопје, 1969 г.)

No comments:

Post a Comment