Јас никогаш не би
се согласил да зборувам јавно, пред пошироко собрание од луѓе, кои Делчев
додека беше жив, не ги сакаше којзнае колку. Но, сега поканата ја примив со
голема готовност, затоа што си спомнувам за големата љубов на Делчев кон
студентската младина. Второ, ја прифатив поканата не само затоа што моментот
налага да се истакне фигурата на Делчев пред нашата емиграција, туку и затоа
што таа беше направена точно од македонското студентство. Со еден збор, ја
поздравувам иницијативата на студентската младина за ова скромно собрание.
Делчев сето време додека дејствуваше во Бугарија, имаше особена слабост кон
студентите, поради незаразената младешка душа. Тој работеше, пред се’, меѓу
младите од истата причина. Затоа неговиот дух денеска ќе се радува на оваа наша
слога. На едно собрание од млади кои учат, какво што е ова денешеново, уверен
сум дека неговиот дух живее над нашите глави во овој момент. Виновникот за денешново
собрание – Делчев, не беше само борец за македонското ослободително дело, туку
и човек на бугарската општествена мисла. Тој чувствуваше во себе пориви толку
силни, што можеше за миг да запали револуционерен оган , да ги потпали срцата
на целото население во Македонија. Пројавуваше таква омраза кон расипаноста,
кон оние што беа подложни на корупција, што реагираше секаде каде ќе се
појавеше подлоста, било на одделни лица, било раководители на Бугарија и на
световното општество...
...Гоце не беше
ни војвода ни четник во вистинска смисла на зборот, но врз луѓето оставаше
впечаток дека е најсилниот и најјуначниот човек, бидејќи секогаш беше напред и
прв. Тој беше таков во сите работи што ги вршеше, насекаде и секогаш. Неговата
смрт се должи најмногу на тие особини. Неговите другари преку задната врата и
преку соседите успеале да се измолкнат од селото и да се спасат, додека Гоце се
шегувал со бабата што му варела кафе, кога му јавиле дека селото го заобиколува
аскер и дека некои дури влегле во дворот на куќата. Во својата егзалтација го
отфрлил предлогот на другарите да избегаат, ја зел пушката, ја смирил бабата со
зборовите „сега ќе ги истепам Турците“, излегол пред вратата и прв почнал да
пука со пцости и закани, додека еден куршум не го фрлил мртов на земја.
Тој занес, таа
егзалтација – неговата слаба страна во ајдучките работи што ги преземаше, од
друга страна неговата сила меѓу четниците и работниците, беше заразувачка, ги
потчинуваше и ги повлекуваше со себе сите околу него. Благодарение на таквите особини,
тој можеше да се нарече јунак меѓу јунаците, без да се бараат од него фактички
докази за тоа. Делчев беше буен, егзалтиран и незадржлив во своите пориви. Во
очите на четниците и војводите со кои беше во постојана дружба, како и со
селаните со кои неуморно работеше во уредувањето на Организацијата, беше пример
како треба да се работи. Кон оружјето тој се однесуваше немарно, а за
командување и борење не ни мислеше.
Поголемиот дел од
животот Гоце го помина меѓу четниците и војводите, со кои беше во нераскинлива
врска. Тој покажуваше голема слабост кон бујните идеалисти во Организацијата и
најмногу со нив се дружеше. Беше многу природен на веселби и софри кога седеше
со луѓето. Беше многу убаво да го гледаш кога ќе се фатеше на некое ајдучко оро
или да пие во некоја крчма. Тој беше непоправлив во својата верба кон луѓето и
во својата самоувереност. Неколку години беше во врска со ајдуците, како што
тој ги викаше, со единствена верба дека ќе може да ги придобие за
Организацијата. Со својата дружба со четниците, Гоце беше олицетворение на
идејата, моралот и поимите кои господареа во Организацијата, кои легалните
работници ги ширеа со зборови.
Таквите примери,
покриени со авторитетот на Делчев, беа најдобриот пример, најсилна проповед на
идејата за слобода, на подготвителните и организациските работи кои одиграа
голема улога во четите. Со таквото држење, тој беше најголемиот скротувач на на
најнезадржливите борци во четите...
...Со погорните
забелешки, јас завршувам со прашањето за значењето на Делчев во ослободителното
дело со следното обраќање кон студентската младина: Делчев сега ни лежи во срцата на сите кои
во текот на неговиот живот бевме со него. Денешното поколение,
македонско-бугарското население, израснато во целина во револуционерна
атмосфера, калено во борби и страдања, ќе биде готово до крај да ги следи
неговите завети за татковината. Тоа е достатно за да може неговата душа да
почива во мир и спокојство, при исполнет татковински и човечки долг и за
утешување на неговите блиски по род или идеја. Што се однесува до неговото
посмртно значење за широкото општество во Бугарија, претпоставувам секој си
прави своја оценка. Јас ќе ја завршам беседата со следното обраќање кон
студентската младина, која беше иницијатор на денешново собрание:
Се согласив, ја
прифатив поканата од младите не само поради потребата да се истакне фигурата на
Делчев пред нашата емиграција, но и поради фактот дека таа дојде токму од неа.
Тој влезе во гроб со јад, сметајќи дека малку придонесол за слободата на
Македонија. Гоце ги сакаше студентите како младина, најнадежна да ја исполни
таа празнина и него да го дополни.
Јас го истакнувам
тоа чувство на покојникот со цел да ви напоменам вам, на студентите, дека ќе
може да се остане негов вистински почитувач, само ако со него се споделуваат
неговите душевни определби и доколку за нивна реализација се употребат
знаењето, своето умеење да се служи со перото и зборот за распространување
среде населението на неговите светли мисли и чувства, за негирање на секоја
неправда и подлост која е свртена против Македонија, барем додека во неа
царуваат ропството и бедата.
Македонија
никогаш не била пред пострашна судбина од онаа што и’ се подготвува денеска.
Македонија опустошена, без луѓе, безнадежна, силно притисната од ноктите на
непријателите. Ние како никогаш досега, се чувствуваме беспомошни самите да си
го средиме своето спасување. Таа чека од своите синови-емигранти да ја заменат
во борбата за нејзината слобода, и да ја претставуваат пред светот со нејзиниот
вистински лик, со ореолот на класичните борци за правда и слобода. Кој нејзин
член ќе има смелост да не се одгласи на името на Делчев, ако пред лицето на тој
историски престап, остане глув на повикот на татковината и туѓ на Гоце Делчев?
Македонија ја
загрозува подлабоко ропство – српското и грчкото кое е гарантирано, ако не
засекогаш, тогаш за долго време. Таа денеска претставува една земја без стопан,
предназначена да послужи за грабеж и предмет за награда на победникот и казна
за победениот. Во таква положба, јас не разбирам кога повеќе од денес би имало
смисла за едно ослободително дело во духот на заветите на Гоце? Едно знам, дека
паметењето на народните борци – светци било потребно за поколенијата, за да ги
буди и повикува на работа. Кога другпат, ако не сега, ова ќе најде свој прилог
во животот на македонското население?
Јас ќе ги
направам само следниве забелешки по тоа прашање: шаблонскиот начин на чествување на
паметта на загинатите народни водачи со церемонии, без учество и без чувство –
начин усвоен од бугарското општество и од македонската емиграција, не одговара
на неговите завети, зошто во нив се содржи лицемерност и извештаченост, нешто
кое Гоце го забележа кај бугарското општество поради тоа тој го замрази.
Инаку, Делчев не
е неподдржлив, ниту недостижен, ниту пак човек на минатото, за да се задоволиме
со неговите спомени. Секој може да биде, ако не Делчев, тогаш барем приближно
како него, само ако го презира исто колку тој, своето лично благо во корист на
татковината и да си ја напои душата со неговите човечки и општествени
добродетелства. Затоа, единствено правилен начин на неговото прославување е да
се следи неговиот пример, да се прифатат неговите завети. Особено треба да бидат
внимателни неговите современици и соборци, неговото име да не се употребува за
се’ и сешто. За нас, македонските емигранти, Делчевите завети се уште
позадолжителни, затоа што неговиот идеал, којшто беше општ за сите нас, не е
реализиран!
(Беседа
одржана од Ѓорче Петров по покана од македонска група студенти по повод 16
годишница од неговата смрт – СОФИЈА 1919 год.)
No comments:
Post a Comment