ВТОР ДЕЛ
2.
На советувањето за Генералниот план за реконструкција на Москва, Сталин
дојде кога тоа веќе се ближеше кон својот крај. Тој знаеше што ќе каже
Каганович во својот воведен збор, го беше прочитал и рефератот на Булгањин. Сите
мислења и предлози за реконструкцијата веќе му ги изнесоа, двапати се
разгледуваше на Политбирото, и своето гледиште го беше изградил. Тоа гледиште и
беше фиксирано во Генералниот план за реконструкцијана Москва. Генералниот план
– тоа е неговото гледиште.
Сите станаа кога се појави во Президиумот, одекна силната, вообичаена бура
ракоплескања. Сталин ја крена раката во знак на поздрав и потоа седна,
поканувајќи ги и останатитие да го направат истото.
Оној што стоеше на трибината, го завршуваше излагањето. Правејќи се дека
внимателно го слуша, Сталин на лист хартија ги црташе урнатините од древните
цркви во Атена, малечко село што се наоѓаше на десетина километри од Гори, каде
што живееја муштериите на неговиот татко, чизмарот Џугашвили. Татко му ја
донесуваше својата работа, а понекогаш остануваше и да поработи над чизмите.
Тој често го водеше со себе и малечкиот Јосиф. Тие излегуваа од Гори рано
наутро, одеа по брегот на Тана, должи лозјата, се’ до урнатините на древните
цркви в Атена; тоа мало село ги имаше девет или десет, меѓу нив и црквата на
Сионскиот манастир, овенчана со купола и, според легендата, изградена во
седмиот век. На нејзината фасада беа зачувани скулптурните орнаменти на
историски личности од таа епоха, а внатре во храмот беа насликани фрески на
кои, исто така, беа представувани историски личности од тоа време.
Најзначајните споменици – тоа се архитектонските споменици: тие се
долготрајни според материјалот, стојат на отворено место, достапни се за
поширок видокруг, како во природниот вид, така и во репродукциите и на
фотографиите. Значењето на скулптурите го сфаќаше и Ленин кој имаше потреба од
монументална пропаганда. Сепак, Ленин ја сфаќаше како средство за вкоренување
на сознанието кај масите за новите историски авторитети. Вистинската задача на
монументалната пропаганда е овековечувањето на епохата. Колку останаа од
педесетината споменици, изградени во тоа време? Еден? Два?
Споменик на неговата епоха ќе биде Москва, градот што ТОЈ повторно ќе го
пресоздаде во вечност. Скромната архитектура на дваесетите години беше
погрешна. Споредувањето на револуционерниот аскетизам со надворешниот блесок на
НЕП служеше за прикривање на архитектите-формалисти, кои се откажаа од
класичното наследство. А, класичното наследство треба да се искористи, пред
се’.
Петар го сфаќаше тоа и го создаваше Петербург токму според класичните
обрасци, затоа од архитектурна гледна точка, Ленинград е – град. Но тоа е град
на минатите векови – тој е приземјен. Москва ќе се претстави пред потомците
како град устремен во височина. Високи згради со класични решенија – тоа е
нејзиниот иден стил. Првиот висок објект ќе биде Дворецот на Советите. Неговата
градба ја предложи Киров во 1922 год. на Првиот конгрес на Советите. Кој ќе си
спомне за тоа? Дворецот на Советите ќе го изгради ТОЈ, ќе го изгради како
архитектонски центар на новата Москва, ќе изгради нови магистрали, ќе пробие
метро, ќе изгради современи станбени и административни објекти, мостови и
кејови, ќе изгради хотели, школи, библиотеки, театри, клубови, паркови. Сето
тоа ќе биде величествен споменик на НЕГОВАТА епоха.
Овие мисли беа предизвикани кај Сталин од сеќавањата за урнатините на
старите цркви в Атена.
А тога, во детството, тие полуразурнати храмови го поразуваа со празнината
што зјапаше и со нивната далечна тајна.
И сега, седејќи странично од долгата маса на Президиумот, тој ги црташе на
лист хартија нивните праволиниски контури. Тој не умееше да црта, но
праволиниските фигури му поаѓаа од рака дури без лењир – тој имаше цврста рака.
-Му давам збор на другарот Сталин, - истакна Каганович.
Повторно сите станаа и повторно се огласи вообичаената овација и грмотевица
од ракоплескања.
Сталин се искачи на трибината, со движење на раката го прекина аплаузот и
тивко започна да говори.
-Овде доволно се изнесе за неопходноста од реконструкција на Москва. Нема
зошто да го повторувам тоа и јас. Старата дрвена Москва со нејзините тесни
улици и сокаци, со нејзините хаотично започнати градби, сиромашни живеалишта и
мрачни работнички бараки, со нејзините препотопски сообраќајни средства никако
не може да ги задоволи потребите на работниот народ од Москва.
Тој направи пауза, ја наслушна напнатата тишина – ни мрдање, ни здив.
-Во годините на советска власт – продолжуваше Сталин уште потивко – ние
многу направивме за подобрување на животот на работните луѓе на Москва.
Работниците што беа сместени во визбите, ги преселивме во нормални станови, ги
притеснивме претставниците на бившите експлоататорски класи. Изградивме
многубројни школи за децата на работниците, работнички клубови и дворци на
културата. Нашите достигнувања в оваа област се значајни, тие со право
побудуваат гордост во срцата на советските луѓе. Но, ние сме должни да мислиме
и на иднината. Да се раководи – значи да се предвиди. Ние треба да создадеме
план за децении. Тоа ќе биде Генералниот план за реконструкција на Москва.
Тој слезе од трибината и дојде до предниот дел. Во салата царуваше истата
тишина.
Сталин се врати на трибината и продолжи.
-Реализирајќи го таквиот план, ние треба да се бориме на два фронта: против
тоа Москва да не стане „големо село“, и против излишните форми на урбанизација.
Ние не треба слепо да ги копираме западните обрасци. Москва е социјалистички
град, престолнина на социјалистичка држава, тоа и треба да го одредува
нејзиниот лик. Тоа не е град каде што богатите живеат во дворци, а работниците
во колиби, туку обратно, град каде токму за работниците се создадени најповолни
услови за живеење.
Според тоа, првата задача на планот е – да го направиме градот погоден за
живот. Ние треба да создадеме нови удобни станбени населби, пожелно е да бидат
оградени со паркови. Ние треба да изградиме убави и удобни домови покрај
кејовите на реките Москва и Јауза, тоа ќе ни допушти изградба на уште
педесетина километри убави улици. Ние треба да ги изградиме новите домови на
главните улици на градот, да го урнеме сето она што е старо, да ги прошириме
главните магистрали на околу педесетина до седумдесет метри и со тоа да ги
решиме сообраќајни проблеми на градот, а со тоа и за интересите на работните
луѓе.
Сталин повторно направи пауза. Тој знаеше дека зборува познати работи, но
заедно со тоа, знаеше дека сите оние кои го слушаат ги примаат неговите зборови
како откритие, зашто ги кажува ТОЈ.
-Да минам на втората задача – одново започна Сталин – втората задача е:
престолнината на првата во светот социјалистичка држава треба да биде убав
град. Уште во зората на нашата државност, под раководството на великиот Ленин,
беше изработен план за монументална пропаганда, великиот Ленин сакаше на нашата
епоха да и’ остави споменици на векот – овој завет на Ленин ние треба свето да
го чуваме и развиваме. Сепак, во тие години, ние бевме сиромашни и бевме
принудени да се задоволиме со скромни архитектонски решенија. За жал, тоа и’
отвори широк пат на формалистичката уметност, а формалистичката уметност е
неразбирлива за масите, таа уметност нам ни е туѓа. Сега, ние сме доволно
богати и моќни и ние треба да го искористиме пред се’ класичното наследство. Се
разбира, класичното наследство ние не треба слепо да го копираме, како што тоа
го правеа петербуршките градежници. Во класичните форми, ние треба да внесеме
нова и социјалистичка содржина.
Повторно направи долга пауза, потоа продолжи:
-И, на крајот другари, последното: во каква насока треба да се развива
Москва?
Првиот предлог – да се остави Москва таква каква што е, во својство на,
така да се каже музеј, меморијал, а новата Москва да се гради на ново место.
При сета наша почит кон авторите на овој предлог, ние не можеме да го
прифатиме. Москва е историски центар на Русија. Москва ја обедини и ја создаде
Русија, да се откажеме од неа – ние не можеме, не смееме и нема да смееме.
Вториот предлог е да се остави негибнат сегашниот центар на Москва,
приближно во границите на „Садавое Кољцо“, и да се окружи со осум реони –
сателити, да се создадат осум стабнени конгломерати кои, всушност, треба да
бидат новата Москва. Не е тешко да се увиди дека тоа претставува поблага
варијанта на првиот предлог.
Од што произлегуваа овие два предлога? Тие произлегуваат, пред се’, од
недовербата во нашата способност да ја реконструираме Москва. Се разбира,
полесно е да се изгради нов град. Но ние, Болшевиците, имаме сила и за
најсложената задача: да ја преизградиме нашата Москва, да ја оставиме на
нејзиното место, да ја оставиме центар на нашата земја, центар на светската
револуција. И, затоа решивме да ја развиваме Москва според нејзината историски
структурирана дијаметрично-кружна шема. Нејзин архитектурен центар ќе биде
Дворецот на Советите, со грандиозната фигура на Владимир Илич Ленин. Од Дворецот
на Советите, како зраци, ќе поаѓаат основните магистрали на Москва, широки
модерни, со високи згради, на двете страни. Москва ќе се извишува угоре, во
височините. Насочената во височина Москва, во сооднос со класичните, но
осмислени по социјалистички, решенија – тоа е нејзиниот иден лик. Ликот на
идната Москва.
Во 15 до 10, враќајќи се од советувањето, Сталин намина во својот кабинет.
Поскребишев го извести:
-Шумјацки го донесе филмот, Јосиф Висарионович!
-Добро – рече Сталин. – Шумјацки може да си оди дома. Пренесете му на
Климент Ефремович да дојде да го гледа.
Кино-салата се наоѓаше зад кабинетот на Сталин, ги делеше само просторијата
на стражата.
Салата не беше голема: седум редови и, во секој ред, по осум седишта.
Обично Сталин ги гледаше филмовите со некого од членовите на Политбирото.
Во тој случај, ги ставаше очилата и седнуваше во последниот, седмиот ред од
крајот, за да не му пречи светлоста од кинопроекторот и неговото брмчење над
главата. Понекогаш, иако многу ретко, само во присуство на гости, Сталин
седнуваше во средината на вториот ред и тогаш не ги ставаше очилата. Тој пред
никого не се покажуваше со очила и никогаш не го сликаа со очила.
Денес, по наредба на Сталин, го донесоа „Блесокот на велеградот“ на Чарли
Чаплин, кој го потсетуваше на неговиот татко, единствениот нему драг човек. А,
понекогаш во Чаплинскиот херој, доловуваше сличност со себеси – исто така
осамен в овој свет. Но ја отфрлаше од себе таквата мисла, таа не одговараше на
реалноста. Чаплин го потсетуваше на татко му и само на татко му. Бедниот Чаплин
заминуваше по патот, се обѕирнуваше, незаштитено се насмевнуваше. Сталин се
насолзи, ги избриша очите со шамивче.
Ворошилов се наведна кон него.
-Коба, што ти е?
-Тоа е филм за мене – суво одговори Сталин.
Но, тоа не беше филм за него, туку за неговиот татко, неуспешниот чизмар
Висарион Џугашвили...Кога одеше да заработува, обично во Телав или во некое
друго место, тој исто како и Чаплин, се обѕирнуваше на патот, му мафташе со
рака на Јосиф, и тажно и незаштитено се насмевнуваше.
Тие тогаш живееја во домот на Кулумбегашвили, исто така чизмар. Во куќата
имаше две соби, едната ја зафаќаа Кулумбегашвили, а во другата се сместија тие
– Џугашвили. Во трошната куќичка, во која се ширеше реа на чевли, работеше
Кулумбегашвили, а татко му остануваше ретко, патуваше во Кахетија, скиташе, не
се согласуваа со мајка му. Мајка му беше заповеднички тип на жена, чистокрвна
Грузинка картвели, а татко му како да
беше од јужните Осетинци, кои ја населуваа Гориската област. Неговите предци се
погрузинија и дедото осетинското „ев“ во своето презиме „Џугаев“ го смени во
грузинско „швили“.
Мајка му одеше да чисти и пере кај богатиот вдовец Егнатошвили. В
училиштето му дофрлаа дека тој му е вистинскиот татко, па го сместил во
богословското училиште; ако бил син на чевларот, Џугашвили ќе го обучувал за чевларски занает, а не да
скита низ Грузија.
Сите лажат – не треба никому да му се верува! Малиот Јосиф добро знаеше
дека негов татко е чевларот Висарион Џугашвили, тивкиот и добар човек, иако
мајка му секогаш викаше по него и му зборуваше дека тие се сиромашни поради
него, дека им го запустил животот. Поради ваквите прекорувања, Јосиф не ја
сакаше мајка си.
Неоспорно, мајка му му го сакаше доброто, сакаше тој да стане свештеник, да
му се предаде на Бога. И кај Егнатошвили го водеше за да се најаде подобро и
повкусно. А, тој не сакаше да оди кај нив. Тие се богати, а тој сиромав, му
принесуваа во дворот чинија харчо – овчко со пченка, а самите тие седат во
собите, пијат вино, разговараат. Кога одеа кај Егнатошвили, мајка му се
обидуваше да го преоблече. А зошто? Со облеката едни го подвлекуваат
богатството, другите се обидуваат да ја скријат сиромаштијата. А тој не се
срамуваше од својата сиромаштија. Му се искинале панталоните? Да се закрпат!
Други панталони нема. Чевлите се скинати? Други нема. Во Тифлис во
богословското училиште, тој дури се гордееше со својот испарталавен изглед –
така треба да изгледа вистинскиот маж! Тој и сега се облекува како обичен
војник.
Тој не сакаше да и’ се покори на вољата на мајка му. Татка си го сакаше, но
и неговата воља не се покоруваше од проста причина што татко му немаше воља.
Мајка му имаше воља и сите зборуваа дека тој го наследил нејзиниот карактер, но
вољата и карактерот исчезнааа во нејзината борба за парче леб. А, татко му не
сакаше да го свиткува грбот за копејки, сакаше да пее, да се шегува, да седи на
маса со другарите. И во тие мигови беше вистински маж – симпатичен, шармантен,
весел. А покрај мајка му изгледаше мал, заборавен и молчалив. Слаб човек!
...
...
(изд. „Македонска книга“ Скопје 1988; стр. 268-275)
No comments:
Post a Comment