1.
Sklenice grenadyny
Слушајте внимателно што ќе ви кажам сега.
Одам јас во хотел „Прага“, шефот ме пипа за левото
уво, здраво ми го истегнува, и ми вика: „Ти си тука пиколо, така да запаметиш!
Ништо не си видел, ништо не си чул! Повтори што ти кажав!“ Му возвратив дека
ништо не сум видел и ништо не сум чул. А, тој ми го истегна и десното уво и пак
ми вели: „Исто така, запомни дека се’ треба да гледаш и се’ да слушаш. Повтори
што ти реков!“ И јас избезумен реков дека се’ ќе виѓавам и се’ ќе слушам. Така
започна работата таму. Секое утро во шест бевме на линија, нешто како мала
парада, пристигнуваше господин хотелиер, Од една страна на ќилимот стоеја
оберкелнерот и конобарите, на крајот јас, како најдребен, оти нели бев пиколо,
додека од другата страна стоеја куварите, собариците и
помошник-готвачките, како и домаќинката, а господинот хотелиер минуваше покрај
нас и проверуваше дали ни се чисти прслуците и реверите на фракот – не
дај Боже да имаш флека на фракот или да ти фали некое копче – дали ти се чисти
кондурите, дури ќе се наведнеше да помириса дали сме си ги измиле рацете, после
што ќе речеше: „Добар ден господа, добар ден дами...“. Од тој момент ни се
забрануваше да разговараме со кого и да било, келнерите ни покажуваа како се
виткаат нож и виљушка во салфетка, ги чистев пепељарите, секој ден требаше да
го позамијам плеханиот „кошичек“ за жешките кренвиршли, затоа што јас носев да
продавам на железничката станица топли кренвиршли, на тоа ме беше научил претходниот
пиколо, којшто повеќе не беше пиколо, веќе го имаа пуштено во салонот, ама
Господи, како тој фати да се моли за да му биде дозволено и натаму да продава
виршли на железничка! Тоа ми се стори чудно, ама после сфатив за што станува
збор. Ништо друго не сакав да правам, освен безброј пати на ден, крај возовите,
да разнесувам вруќи кренвиршли; продавав кренвишли за круна и осумдесет,
меѓутоа патниците имаа кој дваесет круни крупно, кој педесет, а јас немав
ситно, макар што всушност имав, и си продавав понатаму, додека патникот се
качуваше во возот, се наведнуваше на прозорецот и протегнуваше рака, а јас
најпрвин ќе му ја тутнев в шака горештата кренвишла, и ќе почнав да роварам по
џебовите за ситнеж, патникот се развикуваше – батали ситнежот – да му ги вратам
банкнотите, а јас пребарував по џеповите без да го гледам, скретничарот во
меѓувреме ќе дувнеше во свирчето, јас бавно ги вадев банкнотите, возот веќе се
придвижуваше, јас ќе потрчав напоредно со него, и кога ќе постигнеше брзина
таквиот-ми-ти воз, ќе ја дигнев раката високо и банкнотите речиси ќе ги
досегнеа прстите на патниковата протегната рака, некои така ќе се надвиснеа над
прозорецот што другите од купето требаа да ги држат за нозе, еден дури се акна
со глава во противпожарниот кран, друг пак во еден од столбовите, после прстите
брзо се оддалечуваа, и јас останував задишан со протегната рака и парите веќе
беа мои, ептен по некој патник ќе се вратеше да ги бара, а јас најпосле си имав
свои паричиња, за месец истерував по неколку стотки, на крајот стасав до
илјадарка, но што со тоа – секое сабалје во шест и секоја вечер шефот ќе
провереше дали сме ги измиле рацете, а во 12 веќе требаше да бидам в постела;
бев почнал да не чујам, макар што слушав се’, бев почнал да не виѓавам, а
гледав се’ што се случуваше наоколу, гледав ред и дисциплина, видов како шефот
е задоволен оти меѓу нас почна да зацарува непријателство, не можеше да стане
збор келнер да отиде на кино со касиерка, моментално ќе беше фрскосана,
веќе знаев кои гости влегуваат во кујната, која е масата на постојаните
посетители, секој ден требаше да им ги мијат чашите, секој си имаше свој број и
амблем, чаша со елен, чаша со „фиалки“, чаша со некое местенце, чаши рабести и
чаши тумбести, кригла со марка ХБ дури од Минхен, така што секоја вечер во
хотелот се збираше едно таканаречено пробрано друштво – нотарот, началникот на
полициската станица и судијата, ветеринарниот лекар и директорот на музичкото
училиште, и фабрикантот Јина; на сите им помагав кога ги соблекуваа и облекуваа
капутите, а кога им го носев пивото, секоја чаша требаше да дојде во рацете на
оној кому што му припаѓаше; и само се чудев како тие богаташи можат цела ноќ да
си прикажуваат, на пример, за тоа дека на крајот од градот некогаш имало
некакво си дрвено мовче и дека тука, крај тоа мовче, пред 30 години имало
топола, и ќе почена да се расправат: еден рика дека таму немало никакво мовче,
туку дека отсекогаш таму била само тополата, друг – дека таму немало никаква
топола и дека не било во прашање никакво мовче, туку само даска со парапет ...
и така тие со часови си ја пиеја бирата, и го дрвеа на таа тема, и се
надвикуваа, се ругаа, но сето тоа беше само привидно, бидејќи додека се
надвикуваа до ненасит едни кон други преку маса, дека таму имало мовче, а не
топола, а оние отспротива дека имало топола, а не мовче, си седеа на местата, и
сето си беше в ред, караницата беше само колку да им се услади пивото; друг пат
се расправаа која е најдобрата бира во Чешка, па кога ќе се почнеше: еден вика
- противинска, друг – водњанска, трети плзенска, четврти – нимбургската, пети
крушевичката, врескаат еден кон друг, а всушност си се сакаа, но се надвикуваа
чисто колку да прават нешто, колку да им помине вечерта.
По едно време, околискиот началник, додека му го
послужував пивото, се наведна и прошепна дека ветеринарот бил виден при
госпожичките од „Кај Рајски“, дека се качил во собата на госпожа Јарушка, а
директорот на гимназијата прошепна дека навистина бил таму, ама не во четрвток,
ами уште в среда, ветеринарот де, и тоа не со Јарушка, туку со Власта, и цела
вечер приказната се врти околу госпожиците од „Кај Рајски“, кој бил таму и кој
не бил, а на мене, додека ги слушав како пљампаат, ми беше сеедно дали имало
топола или мовче, или пак само мовче и никаква топола, или па само топола, те
јали е браницкото пиво поубаво од противинското, не сакав ниту да ги чујам ниту
да ги видам; меѓутоа кога ќе се отвореше дума за господичките од „Кај Рајски“
целиот се претворав в уши. Ги броев и пребројував парите, ги продавав топлите
кренвишли за да соберам доволно парички, за да можам да си дозволам да појдам
„Кај Рајски“, ги доведував до плач на железничката, и каков што си бев таков
ситничок, совршен пиколо, ќе одмавнеа со рака и ми ги оставаа парите, чунки
мислеа дека сум сираче. И така во мене созреваше план, некоја вечер после
единаесет, откога ќе си ги измиев рацете, да се измолкнам од собата преку
прозор, и да отидам „Кај Рајски“.
Тој ден во „Златна Праха“ започна бурно.
Претпаднето дојде една група Цигани, беа добро облечени, изгледаа дека имаат
пари, калајџии, та седнаа и почна да порачуваат од најдоброто што го имавме, и
секој пат, при секоја нова порачка, си ги покажуваа пачките со пари,
директорот на музичкото училиште седеше до прозорецот, и со оглед на тоа дека
Циганите се надјачуваа, се премести на маса во средината на ресторанот, каде
што продолжи да си ја чита книгата; ќе
беше доста интересна таа негова книшка, зато што фати да се преместува
три маси понатака, не престанувајќи да чита, и откако седна и го напипа столот
со рацете и понатаму продолжи да чита, додека јас ги гланцав чашите на
редовната клиентела, ги кревав накај светлината, се’ уште беше претпладне, само
супички и гулашче за неколцината гости, но сите келнери, дури и да немаа
никаква работа, требаше да вршат нешто, затоа и јас така грижливо ги полирав
„склениците“, оберкелнерот ги редеше виљушките во шкафот за прибор, а конобарот
ги местеше приборите на маси; по извесно време, под пенџерето, додека гледајќи ја
низ стаклото на чашите и’ се восхитував на „Златна Праха“, видов како надоаѓаат
Цигани во нашиот „Златен град Прага“, и во хотелскиот коридор вадат ножеви,
кога се случи нешто грозно; тие им се втурнаа на калајџиите, а пак овие, како
да ги очекува, рипнаа и ги растурија масите, ги поставува пред себе за да не ги
стигнат противничките ножеви, но наспроти тоа, двајца од нив веќе лежеа на
подот и од грбот на секој од нив штрчеше нож, па оние со ножевите замавнуваа и ‘ргаа
по рацете, така што масите веќе беа целите во крв; но господинот директор на
музичкото училиште си продолжуваше да си ја чита книшката, си се смешкаше, а
онаа ми ти циганска „вихрушка“ профуче не покрај директорот, а направо кон
него, му ја испрскаа со крв и книгата и главата, на два пати збрцаа нож во
неговата маса, ама директорот продолжуваше да си читка; јас самиот бев под
маса, и на четири крака доползев до кујната, додека Циганите испуштаа крици, а
ножевите светкаа, нивните одблесоци сновеа низ воздухот како златни муви;
Циганите без да платат, се измолкнуваа крадешкум низ задната врата на
ресторанот, еден по еден, и на сите маси имаше крвје, двајца лежеа на подот, а
на еден астал имаше отсечено цели два прста и едно уво, отфикарени со еден
замав, а богами и парче месо, те кога дојде господинот доктор и ги погледа повредените
и разните деланки месо, во едно парче месо распозна одрежан мускул од рака под
рамото, додека единствениот преостанат гостин – директорот – ја фати со рацете
главата, си ги потпре лактите на маса, и си продолжи да си чита; сите останати
маси беа натрупани на влезот, така го беа спречувале отстапувањето на
калајџиите, така да на господинот шеф не му остана ништо друго освен да си ја
здипли белата кецеља, посеана со отпечатени пчелички, да излезе надвор и со
дигнати раце да им кажува на пристигнувачките гости дека, за жал, се случи
инцидент и дека ќе отвориме утре.
А на мене ми ги врачија окрвавени покривки, целите
со отпечатоци од дланки и прсти, требаше да ги однесам во дворот и да го
загреам големиот котел од пералницата, домаќинката - креденецката и
помошник-готвачката – фицка, требаше сето да го преперат и после да го
превријат, а јас требаше да ги пружирам чаршафите, но прибидејќи бев нискичок,
не можев да го докачам јажето и со тоа се зафати фицката, јас и’ ги
подавав мокрите исцедени прекривки, но и стигав баш до градите, а таа се смееше
и си правеше мајтап со мене, ми ги притискаше дојките на моето лице, ѓоа
случајно, те едната прса, те другата, расположени обете врз моите очи,
го затемнуваше светот пред мене, и сето толку некако воњаше, а кога
сетне ќе се наведнеше над кошарата да земе нови влажни чаршафи, јас ѕиркав во
деколтето во кое се брануваа дојките, за кога ќе се исправеше, боските да и’
преминат од висење во штрчење, а креденецката и „фицката“ – пусти женишта
– се газеа од смеење и викаа: синко колку години имаш, наврши четиринаесет?
Кога?
Потем стана квечерина и завеа ветрец, а пружените
прекривачи изгледаа како преградни стени/паравани, така правиме кога во
ресторанот имаме свадба или приватна забава, и се’ пак си беше на свое место, и
сето светеше од чистота, насекаде каранфили – според сезоната се доставуваше
цела корпа цвеќиња; јас отидов да спијам, а после кога се стивна, во дворот
само виореја чаршафите, чиниш си разговараа меѓусебе, дворот беше исполнет со
слаткоумие од муслин; го отворив џамот и се искрадов надвор, меѓу прекривачите
и крај прозорците стигнав до портата, се прекачив преку ограда и кинисав по
уличката – фенер по фенер.
Исчекував секој пат во темнината да се разминам со
ноќни минувачи, од далеку го видов натписот „Кај Рајски“, стоев така и чекав,
од утробата на зградата се разлеваше дрнкање на оркестар, собрав храброст и
влегов, таму во коридорот имаше нешто како окно, а окното беше толку високо што
требаше да се дигнам на прсти, таму седеше Пани Рајска, и ми вели: „Што
би сакале младо момче?“, а јас и одговорив дека би сакал малце да се
позабавувам, и таа ми отвори те јас влегов; тамо седеше црнокоса госпоѓица,
таква една натокмена, со перика, и ме прашува што точно би пожелал? А јас реков
дека би пожелал да вечерам, а таа – овде да ви сервираме или во локалот? по што
се зацрвенев и кажав дека нејќам да вечерам во шамбр-сепаре, а таа значајно ме
изгледа, подсвирна двосмислено и ме опита – иако точно го знаеше одговорот –а
со кого?
Посочив кон неа и реков – со вас, а таа, без да
запре да врти со главата, ми подаде рака, и така – рака под рака – ме поведе по
еден темен коридор, со придушени црвени ламби, сетне отвори некаква врата и
таму имаше канапе, маса и два стола тапацирани со плиш, а светлината струеше
насекаде испод корнизата на завесата, која што закачена на таванот, се спушташе
надолу како гранка на жална врба; јас седнав и си ги напипав парите, добив
кураж и реков – ќе вечерате ли со мене? А што ќе се напиете? А таа вели – шампањец,
климнав со глава, таа плесна со шаките и се појави келнер со ботилка кој почна
да го отвора шишето, па го однесе во малото собче одзади, донесе чаши и ги
нали, па јас пиев шампањско и меурчињата ми се качуваа в носот, и јас толку
голтнав што кивнав, а господичната љуштеше чаша по чаша, веќе беше успеала и да
ми се претстави; по едно време ми рече дека огладнела, и јас – да, да –
донесете го најдоброто што го имате, и таа кажа дека сакала устриди, тие
биле најтазе, и така јадевме „устриди“, порачавме уште една флаша шампањец,
па уште една, и таа фати да ми ја милува косата и да ме распрашува од каде сум,
а јас и’ одговорив дека сум од едно толку мало селце, што јаглен првпат видов
лани, тоа ја развесели, се изнасмеа и ми вика да се раскомотам, а мене и ми беше
вруќина па си го соблеков сакото, по што и таа каже дека и’ било топло и дека
сакала да се разсоблече, и јас и’ помагам и и’ ги диплев алиштата на столицата,
за најпосле таа да ми го раскопча шлицот и јас да сфатам дека „Кај Рајски“ ќе
биде не убаво, дури не ни красно или раскошно, туку баш рајски, ми ја фати
главата со две раце и ми ја притисна на градите, а тие толку фино мирисаа, што
ги затворив очите та речиси заспав; а тек нивната форма, а тек таа нежна кожа;
а таа ми ја см’кнуваше главата се’ подолу и подолу, и веќе ја чувстував аромата
на стомакот, и таа дишеше се’ позабрзано, и тоа беше она забранетото прекрасно,
што јас нејќев ништо друго, само тоа, еј само тоа и ништо друго – да заштедам
од моите кренвиршли што испаруваа, по осум стотки секоја седмица, па и повечко,
зашто сега си имав прекрасна и возвишена цел, така ме беше учел татко ми,
секогаш да имам цел во животот, само во тој случај ќе си обезбедам спасение,
затоа што ќе сум имал за што да живеам. А, уште бевме некаде кон средината,
Јарушка полека ми ги соблече панталоните, потоа долните гаќи, и фати да ми ги
опсипува со бакнежи слабините, а јас одеднаш се растреперив од помислите какви
се’ нешта се случуваат „Кај Рајски“, толку се растреперив што се свиткав на
клупичката и викнав „аман Јарушко, co to delate?”
…
(BOHUMIL HRABAL: Obsluhoval jsem anglickeho krale, 1971; Mestetska knihovna v Praze – e-kniha, Praga 2020)
No comments:
Post a Comment