ПРИЛОГ број 1
Целосниот текст од српско – грчкиот договор од 19
мај 1913 година
Неговото Величество
Кралот на Србија и Неговото Величество Кралот на Хелените, наоѓајќи дека нивен
долг е да бдејат над сигурноста на своите народи и за спокојството на нивните
кралства;
-освен тоа, при
нивна изрична желба да го сочуваат трајниот мир на Балканскиот полуостров, а
сметајќи дека најефикасно средство за постигање на таа цел е сврзувањето на
двете држави во траен одбранбен сојуз,
-решија да
склучат еден сојуз за мир, пријателство и заемна заштита, при што ветуваат
никогаш да не му даваат агресивен карактер на чисто одбранбениот договор, та
како свои ополномоштеници ги назначија:
-Неговото
Величество кралот на Србија – полномошниот министер во Атина г. Матијас Бошковић, награден со кралскиот орден „Св. Сава“ и
командирскиот крст на кралскиот орден на „Спасителот“,
-Неговото
Величество кралот на Хелените – полномошниот министер во Белград г. Жан
Александропулос, награден со командирски крст на кралскиот орден на
„Спасителот“ и кралскиот орден „Таково“.
Денеска тие,
откако ги разменија полномоштвата, го востановија следното:
-1.Двете
договорни страни изрично го востановуваат заемното гарантирање на своите
владенија и прифаќаат ангажман во случај ако, спротивно на очекувањата, едно од
двете кралства, без никаква провокација од своја страна, биде нападнато, заемно
да си дават помош со сите вооружени сили, а отпосле да не склучуваат мир, освен
заедно и при взаемна усогласеност.
-2.При распределението
на териториите на Европска Турција, кои за по завршувањето на сегашнава војна,
ќе им бидат отстапени на балканските држави во мировниот договор со Отоманската
империја, договорните страни се задолжуваат да не влегуваат в никакво одделно
споразумение со Бугарија, да си укажуваат постојана поткрепа и да работат во
меѓусебна согласност, кога заемно ќе ги поддржуваат територијални аспирации во
долупосочените гранични линии.
-3.Двете
договорни страни, имајќи предвид оти од животен интерес за двете кралства е
никаква друга држава да не се вм‘кне меѓу респективните им владенија западно од
реката Вардар, изјавуваат дека взаемно ќе си укажуват помош, заради потребата
Србија и Грција да имаат заедничка граница. Таа граница, востановена врз база
на моменталната окупација, ќе започнува од високиот врв на планинската верига
Кама, со којшто се одделува басенот на пунктот Шкумбија, ќе го заобиколи
Охридското езеро, ќе стигне до западниот брег на Преспанското езеро кај селото
Конско и источниот брег на езерото кај Долно Дупени, ќе мине преку Рахманли, ќе
врви по вододелницата меѓу реките Црна и Мегленица, и ќе стаса до реката
Вардар, на околу 3 километри јужно од Гевгелија, согласно подробно посочената
граница во Анексот бр. 1 од овој договор.
-4.Двете
договорни страни признаваат дека српско-бугарската и грчко-бугарската гранична
линија ќе бидат воспоставени врз принципот на актуелната окупација и врз база
на рамновесието меѓу трите држави и тоа:
-Источната српска
граница ќе почнува од Гевгелија, ќе врви по течението на Вардар до притоката
Бојимија-дере, ќе продолжи по таа река и, минувајќи преку котите 120, 350, 754,
895 и 577, како и реките Крива Лакавица, Брегалница и Злетовска, ќе се усмери
кон еден пункт на старата турско-бугарска граница на Осоговската планина,
котата 2225, согласно деталната гранична линија посочена во Анексог бр. 2 од
овој договор.
-Грчката граница
кон Бугарија ќе и’ ги остави на Грција, на левиот брег на Вардар, териториите
окупирани од српските и грчките војски спроти Гевгелија и Давидово, се’ до
Беласица и Дојранското езеро, а потоа заобиколувајќи јужно од Кукуш, таа ќе
минува преку реката Струма, северно од мостот при Орлак и ќе врви преку езерото
Тахинос и реката Ангиста кон Морето до еден пункт, источно од Елефтерискиот
залив, согласно деталната гранична линија посочена во Анексот бр. 3 од овој
договор.
-5.Ако се случи
разногласие со Бугарија спрема горепосочените граници, двете договорни страни оставаат
резерва, во согласност со Бугарија, да предложат спорот да биде даден на
медијација и арбитража кај државните главатари на Тројниот сојуз и главатари на други држави. Во случај Бугарија да откаже да го прифати овој начин на мировно
уредување на прашањето и да се сврти кон застрашително поведение против едно од
двете кралства, или ако се обиде да ги наложи своите претензии по пат на сила,
двете договорни страни торжествено се задолжуваат да си укажат заемна помош со
сите вооружени сили и отпосле да не склучуваат мир, освен при взаемно согласие.
-6.За да се
подготват и да ги осигураат средствата за воена одбрана, ќе биде склучена воена
конвенција во најкус можен рок, след потпишувањето на овој договор.
-7.Неговото
Величество кралот на Хелените се задолжува на владата да и’ ги даде сите
олеснувања и да гарантира за период од 50 години полна слобода на српската
увозно-извозна трговија преку Солунското пристаниште и железничките пруги од
Солун кон Скопје и Битола. Таа слобода ќе биде колку што е можно поширока,
онолку колку што овозможува потполното и целосното упразнување на грчкиот
суверенитет. Една специјална конвенција ќе биде склучена помеѓу двете договорни
страни во рок од 1 година, сметајќи од денес, за да се уредат поединостите од
овој член на договорот.
-8.Двете страни
се согласуваат дека веднаш по дефинитивното уредување на сите прашања, коишто
произлегуваат од сегашнава војна, генерал-штабовите на обете армии ќе се
спогодат за паралелно увеличување на воените сили на секоја држава.
-9.Двете
договорни страни дека по ликвидирањето на сегашната војна, ќе пристапат, по
заедничка согласност, кон проучување на еден проект за царинска унија, со цел да
се зацврстат трговските и економските односи на обете страни.
-10.Овој договор
ќе влезе во сила веднаш за период од 10 години. Ако една од траните има намера
да се ослободи од своите задолженија, треба тоа да и’ го соопшти 6 месеци
порано на другата страна. Во спротивно, договорот ќе биде обврзувачки за период
од 1 година за двете страни, сметано од денот на денунцирање на договорот.
-11.Овој договор
ќе биде чуван во апсолутна тајност. Тој не ќе смее да и’ биде соопштен на трета
сила, било целосно било делумно, освен во согласност со двете страни.
-Договорот ќе
биде ратифициран колку што е можно побрзо. Ратификациите ќе бидат разменети во
Атина. Како уверение на горното, респективните ополномоштеници го потпишаа
договорот и ставија печат испод него.
Склучен во
Солун во два примерока на 19 мај 1913 година.
Жан Александропулос М. Бошковић
No comments:
Post a Comment