Thursday, June 2, 2016

Александар Тишма: УПОТРЕБА НА ЧОВЕКОТ

КАКО И ПОЧЕТОКОТ, и крајот на војната, долго очекуван, а сепак ненадеен, се огласи со пукотници: од радост, свртувајќи ги цевките кон небо, војниците ги оптегнаа орозите на своите пушки и машинки. Средое огнометот го доживеа во Копривница, и кога истрча на улица, на мајското небо и ги здогледа трагите од светлечки куршуми, го сфати нивното значење и возбудено заклучи дека му е подарена иднината. Ја кладе радио-станицата во реквирираната селанска кола, се натовари со тројцата помагачи во т.н. „шараги“ и во постојана трка, шибајќи ги коњите и пеејќи цела ноќ и ден, го мина патот до Цеље, новото одредиште. Тука се слеаја реки војници и заробенициод кои прскаа по улиците, омекнати како млеко од сонцето и полудени од ликување. Градот беше негов. Ја смести радио-станицата во касарната и појде да бара конак. Го најде во првата куќа на чија што капија тропна: во градот отрпнат од реквизициите на Германците никој не би одбил да прими партизан-ослободител. А, набргу тоа беше партизан со ширити: ублажувањето на мерилата во нагло нараснатата војска му поклони воднички чин и членство во Сојузот на комунистичката младина. Предности и оптоварувања за него, во ист замав. Признанието го исполнуваше со гордост, ама само спрема другите, како доказ дека не заостанува зад нив; тоа не награди никаква внатрешна определба, ами токму тогаш, оваа непостоечка определба, почна од него да ја изискува. Мораше да глуми оданост која не ја чувствуваше, па дури и да ја наметнува врз другите, што не умееше да го прави без нестрпливи испади. Поради тоа на обука и на состаноци во касарната одеше со стегнат стомак, а се враќаше оттаму како да бил во длабока вода во која бил загњурен и држен така до крајна исцрпеност. Збивташе за опуштање. Го наоѓаше таму каде што вољата без напор се празнеше и каде што за нејзиното празнење постоеше побарувачка: во спарување. Сето Цеље беше за војниците едно големо парилиште, оти нагонот за одржување се впрегнуваше да ги надокнади воените губитоци, а кому би се раскрилиле неговите сили, ако не на оној што за чудо преживеал?
Девојките и жените тие денови одеа по улиците како кучки, пуштајќи го зад себе мирисот на своето жудение, требаше само да се запрат и да се одведат таму кај што треба. Чиновничките на враќање од работа, селанките на пропатување, сопругите во исчекување на дамна завојуваните мажи кои уште не се враќаат, девојките и распуштениците кои долго се одрекуваа од љубов од бојазност за својата чест и мир, сега без двоумење го пречекоруваат прагот на Средоевата соба во станот на младиот механичар со четири деца, и му се предаваа збивтајќи од недеж дека во него ќе најдат мушкарец за живот којшто одново почнуваше. Природно, тој ги изневеруваше нивните надежи, ги менуваше жените на штедејќи ги. Умееше во три часот, по ручекот во менза, да наговори некоја случајна минувачка која му западнала за око, да го посети, па откога со неа се задоволи и ја отпушти, повторно да слезе во предвечерниот град, да посматра и бара се' дотогаш додека не наиде на друга која би можела неговата наполу исцрпена желба да ја воскресне. Уморен, после денот прозбивтан и препотен во кревет, најпосле ќе се одвлечеше во паркчето пред железничката станица и ќе се спуштеше на клупа: овде секогаш имаше минувачи, па и женски; некои од нив со торби седнуваа на соседната клупа, и тој уште тука веќе почнуваше да рие, душкаше, се запознаваше, се бусаше в гради со страдањата и раните, за да би ги оставил последните капки сперма зад некоја грмушка, не можејќи да поднесе да ги однесе во својата пуста соба која целата на нејзе мирисаше. Конечно, сосема се пресели во тој парк, голем се’ на се’ сто на сто чекори, како во сопствено, малечко ама сигурно ловиште. Копнееше, а нагонот му буеше. Умееше да ги распознава различните видови на жени кои таму проаѓаа или се задржуваа, безмалку со сигурност  предвидуваше како која ќе го дочека неговиот налет, колку долго ќе му одолева, исто како таа сцена претходно да ја беа вежбале. Тоа и го лутеше. Сфаќаше колку и самиот учествува во нешто однапред спремено во жлездите на тие жени, колку е и тој нивно, а не само тие негово орадие. Ги земаше со бес и „ниподаштување“, нанесувајќи им бол и увреди, но тие сеедно си стануваа од неговата постела и со насмевка на разбирање за претрпеното понижување, можеби наоѓајќи во него посебна драж, за набргу да појдат со некој друг, и тие според својот нагон. Му омрзна да ги наговорува и особено, кога веќе ќе се согласеа да појдат со него, да го изминува со нив патот до станот, молчешкум и нестрпливо, оти веќе немаше што да се говори и да се кажува во сопствен прилог. Се сврте, демек, кон барање нов стан, во непосредна близина на паркот, и го најде, повторно без тешкотии, кај еден пензиониран сметководител, во улицата која што избиваше пред станицата. Тука боравеше пет недели.


(изд. Нолит – Белград 1977, второ издание)

No comments:

Post a Comment