VIII
Пречки и опасности
...Наскоро после
основањето на револуционерната организацијасе јавија луѓе кои беа нејзини
принципиелни противници поради своите великобугарски политички сфаќања или поради
лични и материјални побуди. Тоа беа т.н.р. еволуционисти на чие чело стоеја
директорот на гимназијата во Солун и некои учители, родум од Бугарија и
Македонија, кои пројавија обиди да ја присвојат организацијата и да и’ дадат
насока според нивните разбирања. Истата цел ја следеа и раководните лица при
Егзархијата.
За таа цел в
Солун се случија две-три собранија на иницијатива на опозиционерите. Но и тука
тие не успеаја, зашто мнозинството од збраните граѓани на тие собранија беа
луѓе посветени во револуционерното дело и не го оставија во нивни раце
управувањето на читалиштето, преку кое опозиционерите проектираа да преземат
контраакција против револуционерната организација.
Наспроти јавните
неуспеси, опозиционерите не очајуваа и ја продолжија борбата на тој начин што
основаа револуционерно братство.
Со доаѓањето во Солун на А. Шопов (1896 г.), а по неговиот неуспешен обид да ме привлече и стави
под свое влијание, по негова иницијатива, се направи четврт обид за борба со
револуционерната организација, та се основаше револуционерното братство со
председател Ив. Гарванов. Револуционерното братство се оформи како такво март
1897 г. Јуни 1898 г. тоа испрати до своите приврзеници во провинцијата окружно
писмо. Истовремено, дојде кај мене д-р Хр. Татарчев и ме запраша дали и ние
треба да испратиме окружно со напатствија како треба да се однесуваат нашите
приврзеници кон окружното на револуционерното братство. Тогаш во Централниот
комитет бевме останати само ние двајцата: Хр. Матов и Пере Тошев не беа во градот. Прашањето го опсудивме опширно –
дека тој нов комитет ќе внесе пакосен раздор меѓу учителството и граѓанството.
Се запревме со идејата и ние да испратиме окружно, а наместо тоа се усмеривме
кон следење на реакциите на нашите истомисленици, па ако учителството и граѓанството
бидат со нас, братството ќе капитулира. При лични средби со наши луѓе, ние
објаснивме дека основањето нова револуционерна организација ќе е пакосно за
ослободителното движење во Македонија: неминовно ќе се јават борби среде учителството и граѓанството. После
извесно време, дојдоа и другите членови на Централниот комитет, кои се
согласија со нашите решенија. Имавме сознанија дека одговорите од провинцијата
на окружното на револуционерното братство беа неблагопријатни. Воопшто, револуционерното
братство имаше малкумина приврзаници, и тоа само во Прилеп, Кавадарци и Серез.
През октовмри истата година, управата на револуционерното братство испрати ново
окружно со кое им се препорачуваше на нивните истомисленици, во сопствените
градови, да отвораат пансиони во кои ќе ги прибираат децата на влијателни
граѓани и селани. Идејата и иницијативата убави, но главно таргетирајќи да
привлечат на своја страна влијателни граѓани и селани, за после тие да бидат
поставени во функција на врагови спрема револуционерната организација.
Во управата на
револуционерното братство влегоа: Ив. Гарванов, Хр. Ганов, А. П. Стоилов, А. Наумов, К. Г. Самарџиерв и др.
– севкупно 14 души. Сите фактички беа приврзаници на нашата револуционерна организација,
но изјавуваа дека целта на нивното револуционерно братство е да ги привлече кон
себе повоздржаните елементи, коишто ќе работат на ослободувањето на Македонија
по легален пат. Арно ама, вистинските мотиви за основањето на револуционерното
братство беа: 1) членовите на
братството, прикриени зад маската на легална дејност, да не се изложуваат на
ризици и лични жртви и 2) организираната маса да биде потчинета под наредбите
на Егзархијата и респективно на Врховниот македонски комитет в Солун. Управата
на револуционерното братство ја беше насочила борбата лично против д-р Хр.
Татарчев и мене, не би ли не’ мавнале од Централниот комитет, по што ќе можат да
ја присвојат револуционерната организација. Тие расудуваат вака: штом Татарчев и Хаџиниколов, како лица со
т.н.р. слободни професии, бидат иставени од Централниот комитет и бидат
заменети со двајца нивни, останатите членови на Централниот комитет, како
чиновници, да бидат придобиени и така целата револуционерна организација да биде
присвоена. Макар што ни беа познати нивните намери, Татарчев и јас немавме
ништо против во ЦК да има двајца нивни чиновници, но како претходен услов
изискувавме тие да дадат заклетва за верност кон статутите на револуционерната
организација, каква што тие долго време откажуваа да дадат. Тоа беше главната
причина поради која што толку долго не можевме да се помириме. Но, откога се
согласија да положат клетва, помирението се постигна.
Кога нивното
последно окружно беше получено во
Скопје, Хр. Матов ни пиша, прашувајќи зошто сме пречеле на тие луѓе да влезат во
редовите на револуционерната организација. Му објаснивме се’ и го повикавме да
дојде в Солун, да се сретне со нив и да го уреди прашањето за нивното влегување
во организацијата. Матов дојде, се сретна со нив, но си замина разочаран. Во
неговиот разговор со К. Г. Самарџиев, последниов му кажал: „Отстранете ги од ЦеКа Хр. Татарчев и Ив.
Хаџиниколов; со тебе и П.
Тошев лесно ќе се разбереме“. Имајќи го предвид нивното настроение лично
против нас, јас на двапати си давав оставка од членството во ЦК, која што другарите
не ми ги прифаќаа.
До постигнување
на помирување, раководителите на револуционерното братство во борбата против
членовите на ЦК прибегнуваа кон семожни неубави и осудителни дејанија. Тие беа
пишале неколку пати во Софија до Врховниот комитет, опишувајќи не’ како многу
опасни лица за националното дело во Македонија, по што бевме приморани да
даваме писмени објасненија при нашето одење в Софија. За илустрација на
нивните потфати ќе посочам два-три примера.
През август 1899
г. управата на револуционерното братство, сите „легални и мирни луѓе“, решиле
да ме убијат. Истиот месец, една вечер седам во градината на Бошнак-хан и чекам
од влезната врата да ми пријдат патници од провинцијата, за да примам писма.
Едно време, дојде при мене Ив. Велков, стар мој пријател, кој имаше прејдено на
страната на револуционерното братство, те ми кажа: „Во име на старото ни пријателство, ќе станам
кривоклетник, за да ти го спасам животот. Сношти управата на револуционерното
братство те осуди на смрт. След половина час, ќе дојде убиецот да ја изврши
одлуката. Преземи мерки!“ Без да мрдам од местото, спокојно го запрашав:
-Кој е убиецот и
каков е тој?
-Еден наш
тиквешанец – одврати овој.
-На која возраст?
-Околу 35 години,
полничок, острижен.
-Како е облечен?
-Со нов костум.
-Ме познава ли?
-Не!
Потем Ив. Велков
си отиде. Јас останав на место и понеже
немав револвер, чекав да дојде некое од нашите момчиња, а дотоагаш ќе се
ослонував на својот здрав бастун. По едно време пристигна Ив. Гарванов, влезе
во гостилницата да вечера и седна до источната врата, наспроти мене. Јас ги
набљудував минувачите откај улицата. По извесно време, забележав едно лице со
црти какви што Велко ми ги опиша. Тој се наведна кон прозорецот за да го види Гарванов.
Во тоа време јас станав, минав позади неговиот грб и се префрлив на спротивниот
тротоар на улицата, посматрајќи ги обајцава. Гарванов му говореше и
гестикулираше со раце, ама без да ме види, му посочи на убиeцот да оди кон
„Коломбо“.
...
No comments:
Post a Comment