Thursday, June 23, 2016

Душан Пухало: ИСТОРИЈА НА АНГЛИСКАТА КНИЖЕВНОСТ НА XVIII ВЕК И РОМАНТИЗМОТ (1700- 1832)

II. ОД КЛАСИЦИЗМОТ КОН РОМАНТИЗМОТ
3. Самјуел Џонсон. Општа проза и драма

Б) Општа проза: Гибон
Во ова време, научната проза е веќе главно одвоена од книжевната, но историографијата останала блиска на книжевноста според стилот, а донекаде и по методот; затоа најголемиот англиски историчар Едвард Гибон (1737-94) секако заслужува место во прегледот на книжевноста. Гибон потекнувал од богата финансиерска фамилија, студирал на Оксфорд и таму бил така јако предизикан на бунт против владејачките верски и научни идеи, што од протест прешол во римокатоличка вера. Затоа татко му го пратил кај роднини во Лозана, за во тамошната калвинистичка атмосфера, да се врати кон правата вера. Младиот Гибон стварно се излечил од католицизмот, ама воедно безмалку и од секоја религија воопшто: доспеал под влијание на Волтер и останал скептик, а интимно можеби и атеист. По враќањето во Англија, служел околу 4 години во „милицијата“ (доброволна војска, збрана заради евентуално учество во седумгодишната војна); тука стекнал војно знаење, кое добро му послужило како историчар. Годината 1764 ја  пропатувал Италија; престојувајќи во Рим, октомври таа година, добил идеја да напише историја на пропаѓањето на Римската империја. За тој миг, подоцна оставил и убав запис. Неколку години подоцна, откако најпрвин безуспешно се обидувал да направи политичка кариера, почнал работа на своето велико дело, која му одземала 12 години. „Опаѓањето и пропаста на Римското царство“ е огромно дело во 6 големи томови, објавено е сукцесивно во годините 1776 (I том), 1781 (II и III) и 1788 (IV, V и VI). Гибон ја сфатил својата тема мошне широко: следејќи го Римското царство до пропаста, па потем Византија, како негов продолжеток, тој всушност обработил повеќе од 13 векови политички живот на добар дел од Европа, од Трајан (I век н.е.) до падот на Цариград (1453). Овде не е место да се говори за неговиот научен метод; доволно е да се каже дека тој го засновал своето дело на сите тогаш достапни извори, критички проверувајќи го сиот материјал и дека историчарите и ден-денес го признаваат квалитетот на неговото дело, иако многу што е превозмогнато со подоцнежните истражувања. За нас е важно дека „Опаѓањето и пропаста на Римското царство“ може да се посматра и како уметничко дело. Гибон успешно ја разработил својата опширна материја така да таа поседува композициски склад, не само формален, туку и содржински. Што е уште поважно, неговиот поглед на историјата, иако од денешно научно становиште во многушто дефектен, му дава прилика да ги развие своите уметнички можности: тој ја преценува улогата на поединечниот човек и затоа ниже портрети на цареви, војсководци, државници, државници, кои според длабочината и впечатливоста често можат да се споредуваат со успешните ликови на англискиот реалистичен роман. Неговото дело е извонредна панорама на човековата природа и поради ова, тоа е потрајно од чисто научните истории. Природно, не се сите негови портрети на иста висина: многу од нив се само новинарски или есеистички скици, ама оние неколку најуспешни дават доволна подлога Decline and Fall да се нарече значајно уметничко дело. Мошне снажни и сликовити се некои од Гибоновите описи на историски сцени, кои делуваат скоро како опис на очевидец; тие сведочат за неговата креативна мечта и силата на соживувањето.
Гибоновиот стил ја продолжува рационалистичката традиција и стои негде на средина помеѓу Адисон и Свифт: тој пишува едноставно, а воедно елегантно, одржувајќи привид на ладна научна објективност, но со силна примеса на скепса и иронија. Повеќе од обајцата споменати писатели, тој се служи со говорни фигури, што му дава на неговиот стил донекаде свечен и достоинствен вид. Гибон е само навидум објективен: всушност, кон некои историски појави и личности тој има истакнато позитивен или остро негативен став, којшто се открива повеќе во начинот на постапување, отколку во директните изјави. Над се’, тој наоѓал многу вредности во паганството на касното Римско царство (негов најомилен цар бил Јулијан Апостат, кој се обидел да го укине христијанството и во царството да го врати паганството) и многу негативности во христијанството, во кое – со доста историска оправданост – гледал еден од гробарите на Римското царство. Неговиот опис на раното христијанство во 15. и 16. глава на I книга зајадливо е ироничен: историчарот овде се претворил во сатиричар. Тој став не можел да остане без одек во англиската религиозно настроена јавност: по излегувањето на неговото дело, следела низа напади врз Гибоновата „безбожност“, посебно на тие две глави, кои до денес останале трн во очите на побожните критичари и коментатори. Во подоцнежните скратени изданија на Гибон, тие често се исфрлани. Меѓутоа, токму тој дел од неговата историја до денес не е е надминат на ниво на фактографија.
И покрај сета застареност во подробностите (денешните историчари, на пример, велат дека има многу неточности во Гибоновата неповолна слика на Византија, во неговиот приказ на словенските држави на Балканот итн.) Гибоновото дело останува величествен споменик на еден вонреден истражувачки труд и енергија, на остар критички ум, архитектонска способност и уметнички талент.
Иако идеолошки слободоумен, Гибон политички бил конзервативен, а спрема Француската револуција од почетокот се однесувал негативно; тоа била нужна последица на неговата класна припадност.

В) Општа проза: политички писатели.
Општественото вирење покренато со американската и француската револуција (а со подлога во порано споменатите економски промени во Англија) меѓу другото, се одразил и во пораст на бројката на политички дела, од кои некои од нив имаат делумна книжевна вредност или извршиле значително влијание на литературата. Тука ќе спомнеме тројца најистакнати автори од таа врста, кои според едниот или другиот критериум, имаат некое место во прегледот на книжевноста.
Виден член на Џонсоновиот книжевен клуб бил Едмунд Берк (1729-97) блескав говорник и козер, пратеник на град Бристол и истакнат виговски политичар. Берк бил родум од Ирска, од мешовито протестантско-католичко семејство; затоа подоцна ватрено се залагал за проширување на граѓанските права на ирските римокатолици. Свршил универзитет во Даблин и право во Лондон и бил мошне образован. Во младоста ја напишал естетичката расправа позната под скратениот наслов Sublime and Beautiful (Возвишено и убаво) која е значајна како наговестување на новите, сентиментални и романтички поими за уметничката вредност. Тој го стеснува поимот Убаво отприлика на она што Англичаните го нарекуваат „nice“, додека за возвишено го смета она што може да нанесе болка, што го загрозува човека, но истовремено му пружа и уживање.
После тоа, Берк се бавел исклучиво со политика. Во првиот дел на својата кариера, до Француската револуција, тој застапувал напредни либерални начела, и во повеќе смели и ефектни истапувања се залагал за широкоградна политика кон американките колонии, наспроти владејачката група; се истакнува говорот On American Taxation (За оданочувањето на Америка, 1774) каде што се изјаснил против несреќниот данок на чај. Меѓутоа, по Француската револуција, во Берк проговорил класниот инстинкт и тој се вброил помеѓу реакционерите. Својот став спрема Револуцијата опширно го изложил во книгата Reflection on the French Revolution (1790) напишана како одговор на про-револуционерниот говор на некој свештеник Прајс. До ден-денес, таа книга ужива незаслужена слава во Англија, како големо дело на говорничката уметност, мудроста и хуманоста. Всушност, таа има само формална реторичка вредност: добра композиција, допадлива речитост, вешто апелирање на хуманитарни и патриотски чувства, ефикасна употреба на фигури. Како за едно говорничко дело, недостасува она главното: вистинитост и убедливост. Оти Берк ја „побива“ теоријата и праксата на францускара револуција со соема ненаучно повикување на „светоста“ на англиската уставна традиција и на апстрактната „хуманост“, што во дадениот историски момент напросто било лага и хипокризија (без обѕир колку самиот Берк бил за тоа свесен). Секому кој што било што знае за законите на историскиот развиток и за стварниот тек на подоцнежната историја, Берковите „аргументи“ можат да му изгледаат само како жалосни и смешни. Англичаните пак, наоѓаат вредност во Берковата книга пред се’ затоа што во нивните политички идеологии, до денес, остакал јак елементот на истиот плиток и лажен апстрактен либерализам, чијшто прв застапник е токму Берк.

На Берковата книга, убедлив и силен одговор наскоро ќе даде човекот кој многу подобро ја разбирал историјата и поарно умеел да се служи со оружјето на речта – Томас Пејн.

No comments:

Post a Comment