Monday, July 11, 2016

Клод Леви-Строс: ДИВАТА МИСЛА

III
СИСТЕМИ НА ТРАНСФОРМАЦИИ

Забраните и прописите во врска со исхраната се покажуваат како теориски еквивалентни средства за да се означи значењето во еден логички систем во кој видовите што можат да се јадат, целосно или делумно, преставуваат елементи. Но и самите системи можат да бидат од различни типови, што не’ наведува на еден друг заклучок. Ништо не укажува на постоење тотемизам кај Бушманите од Јужна Африка, коишто сепак се придржуваат на строги и сложени забрани во исхраната. Системот кај нив функционира на друг план.
Дивечот што е убиен со стрела е забранет за јадење, КСОХА, се‘ додека поглавицата не изеде едно парче од него. Забраната не важи за црниот дроб, што ловците го јадат на лице место, но тој во сите околности за жената останува КСОХА. Освен општите правила, за некои функционални и општествени категории постојат трајни КСОХА. Така на пример, жената на ловецот може да јаде само месо или површинско сало од задните бутови на животното, утробата или шепите. Тие парчиња се оставаат за жената и децата. Младичите имаат право на дијафрагмата, бубрезите, половите органи и цицките, а ловецот на плешките и ребрата од една половина од животното. Делот на поглавицата се состои од добро парче од секој бут и од секоја печеница и по една кременадла од секоја страна на градите (Фури).
На прв поглед, не може да се замисли систем што помалку би личел на системот на тотемски забрани. Сепак, една многу едноставна трансформација овозможува преминување од еден во друг систем: доволно е етнозоологијата да се замени со етноанатомија. Тотемизмот поаѓа од логичката еквиваленција на зедницата на природните видови со светот на општествените групи; Бушманите тргнуваат од истата формална еквиваленција, но меѓу составните делови на еден индивидуален организам и функционалните класи на едно општество, односно општество кое самото се смета за организам. И во едниот и во дргугиот случај, природната поделба и општествената поделба се хомологни, а изборот на една поделба во еден ред подразбира усвојување на соодветна поделба во друг ред, барем како привилегирани форми.
Следната глава целосно ќе ја посветиме на толкувањето на односите што може емпириски да се проучат меѓу ендогамијата и егзогамијата, како резултат на трансформацијата во рамките на една група. Овде ќе се задоволиме со тоа што ќе воспоставиме врска меѓу тој проблем и проблемот што го разгледавме предмалку.
Меѓу правилата за склучување брак и забраната во исхраната фактичките постои врска. Како кај домородците Тикопиа од Океанија, така и кај Нуерите од Африка, мажот не ги јаде животните и растенијата што се забранети за неговата жена, од причина што внесената храна придонесува за создавање на спермата: кога мажот би постапил поинаку, во моментот на коитус, тој би внесол во телото на својата жена од забранетата храна. Во светлина на претходните проучувања, интересно е да напоменеме дека кај Фангите, една од многуте причини кои ја поткрепуваат забраната да се јаде сржта од кљовите на слонот е тоа што пенисот би можел да стане мек како и непцата на овој дебелокожец (коишто изгледа се посебно меки). Од обѕири према својот маж, жената исто така ја почитува забраната, инаку би можела да го истошти за време на односот.
Овие споредби само илустрираат, во одредени случаи, дека човечката мисла насекаде во светот, воспоставува длабока аналогија меѓу чинот на половото општење и чинот на земање храна, така што во голем број јазици тие чинови се изразуваат со ист збор. На јазикот јоруба, „да јадеш“ и „да се ожениш“ се изразува со ист глагол чиешто општо значење е „да добиеш, да стекнеш“; симетрична употреба имаме и во францускиот јазик во кој зборот „consommer“ (конзумира, троши) се однесува и на бракот и на јадењето. На јазикот на домородците Коко Јао од полуостровот Јорк, зборот kuta kuta има значење и на родосквернавење и на канибализам, а тоа се всушност хиперболични форми на сексуалниот чин на сексуалниот чин и на јадењето; од истата причина, хранењето со тотем и родосквернавењето се означуваат со ист збор на Понапе; а кај домородците Машона и Матабел од Африка, зборот тотем има значење и на „вулва на сестрата на сопругата“, што претставува индиректна потврда на еквиваленцијата меѓу сексуалното општење и јадењето.
Ако јадењето на тотемот е форма на канибализам, тогаш е разбирливо што реалниот или симболичниот канибализам може да претставува казна наменета за тие кои, намерно или не, ја прекршуваат забраната: таква казна е симболичното печење во печка на виновникот на островот Самоа. Но, таа еквиваленција пак се потврдува со обичајот кај домородците Вотјобалук од Австралија, кои во својата тотемска група навистина го јадат човекот што направил злосторство кога грабнал жена со која, според егзогамниот закон, не смее да се жени. Не  барајќи примери толку далеку и не повикувајќи се на други егзотични обреди, ќе го цитираме Тертулијан: „Лакомоста води кон разврат“, и свети Јован Хризостом: „Постењето е почеток на невиноста“.
Може бескрајно да наведуваме вакви сличности; тие што ги дадовмекако пример покажуваат колку е залудно да бараме приоритетен однос меѓу забраните во исхраната и егзогамните правила. Врската меѓу нив не е причинска туку метафорична. Дури и денес, сексуалната врска и врската во исхраната ги замислуваме како слични; за да се  увериме во тоа, доволно е да се потсетиме на изразите од француското арго „faire  frire“ и „passer a la casserole“ со основно значење „готви“ но и „силува жена“. Но, која е причината за таа појава и за нејзината универзалност? И овде логичкото ниво го достигаме со семантичкото осиромашување: „најголемиот“ заеднички именител за сексуалниот чин и за чинот на тој што јаде и тоа што е изедено е што и едното и другото доведуваат до конјункција преку комплементарност:
            „Тоа што не може да се движи е храна на суштествата што се движат, животните без пипки служат као храна на животните со пипки, тие што немаат шепи се храна на тие што имаат шепи, а плашливото станува оброк на смелото.“ (Законите на Ману).

Ако според еквиваленцијата која, без сомневање, ни е најпозната и најраспространета во светот, мажјакот е тој којшто јаде, а женката е таа што е изедена, не треба да заборавиме дека обратната формула често е дадена на митски план во темата vagina dentate која на јасен начина е  „кодирана“ со термини на исхрана, односно со директен стил (така се потврдува оној закон на митската мисла според кој трансформацијата на метафората завршува со метонимија). Впрочем, можно е дека темата vagina dentatа одговара не на обратната, туку на директната перспектива на сексуалната филозофија од Далечниот Исток, каде што, како што покажуваат делата на Ван Гулик, уметноста на мажот во креветот се состои, пред се’, во тоа да не и’ дозволи на жената да ја исцрпи неговата витална сила, и таквата опасност да ја сврти во своја корист.

No comments:

Post a Comment