XI
...А војводата,
одејќи по лешевите на толпата, стаса на чистинката спроти Запорошците и јуришна
кон нив, а тие кон него. И се удрија како два спротивни бранови кои при сударот
прават пенливо слеме. Се пропнаа коњите со коњите, коњаниците како бедем, а
сабјите над бедемот – како пена. И позна војводата дека веќе не се бие со
„руља“, туку со прекалена и искусна запорошка војска. Двете линии се потиснуваа
заемно, се кршеа меѓусебно, неможејќи едната да ја сломи другата. Гинеше
силесијата, оти овде јунакот удираше на јунак, мечот го дочекуваше меч. Самиот
војвода, обесувајќи го боздоганот на појас, а земајќи го од пажот својот гадар,
работеше со испотено лице, шиштејќи како ковачки мев. Покрај него двајцата
браќа Сјењути, пановите Кјердеи, Бохуславски, Еловицки и Полубињски се виеја
како во вител. Од козаците најголеми јадови им задаваше Иван Бардабут,
потполковник на калничкото ополчение, козак со џиновска снага и раст, дотолку
пострашен што имаше коњ кој се бореше заедно со него. Затоа, не еден властелин
не го сврти коњот и отстапи, за да не се сретне со оној кентавр, кој ширеше
смрт и пустош. Скокнаа на него браќата Сјењути, ама коњот Бардабутов го заграби
помладиот Анджеј со заби за лице и в час му го распрши, на што постариот Рафал
го тресна животното над очите. Го рани, но не го уби, оти сабјата го погоди
месиганото копче на челото. А нему пак Бардабут во тој замав, му го збрца мечот
под брада и го лиши од живот. Така браќата ги снајде гибел, пановите Сјењути и
лежеа во позлатените оклопи во прашината, под копитата на бојните коњи; а Бардабут јурна ко пламен во
подалечните редови и веднаш се докопа до кнезот Полубињски, 16-годишен дечко, и
му го отсече десното рамо, заедно сосе раката. Гледајќи го тоа, пан Урбањски
сакајќи да ја одмазди смртта на својот роднина, му кресна пиштол на Бардабут во самото лице, ама промаши, та
само му го откина увото и го облеа со крв. Страшен беше тогаш Бардабут и
неговиот коњ, обајцата црни како ноќ, обајцата со крв облеани, беснејќи како
луња. Не и побегна на смртта ни пан Урбањски, кому му ја отсече главата, како
џелат – со еден удар, како ни 18-годишниот пан Житињски, ниту двата Њикчемна –
а останатите фатија да се повлекуваат, пренеразени, нарочито што зад Бардабут
блескаа уште сто запорошки сабји и сто копја, веќе мацнати во крв.
Најпосле, го
забележа дивиот ваташка полскиот војвода, па страотно подвикнувајќи од радост,
кидна кон него, обрнувајќи попат коњи и коњаници – а војводата не се мрдаше.
Потпирајќи се на необичната му сила, шикна како ранет див вепар, замавна со
гадарот, го збодна коњот и полета кон Бардабут. И ќе му беше чукнал задниот
час, веројатно Парка со своите ножици на смртта веќе ја беше зафатила нишката
на војводиниот живот (којшто подоцна и го сецна во Окшеј), да не беше Сиљњицки,
слуга властелинче, кој како молња јурна на козачкиот ваташка и го опфати околу
појасот, пред овој со сабја да го прибие војводата. Додека Бардабут се
занимаваше со него, кликнаа пановите Кјердеи за помош на војводата. Вчас
скокнаа 12 јунаци кои го раздвоија од ваташката и настана упорна борба. Но,
уморениот војводин полк почна да се витка под запорошката надмоќност, фати да
се повлекува и помешува, кога оп – долета пан Кшиштоф – подсудијата брацлавски
и пан Аксак, со својте одморени стегови. Додуша, и запорошките нови ополченија
појдоа во тој миг в бој, ама беше останал уште кнезот со драгоните на
Барановски и хусарите на пан Скшетуски, кои се’ уште не земаа учество во битката.
Демек, отпочна
наново крвава сеча, а веќе беше се замрачувало. Пожарот ги зафати првите
градски куќи. Светлина го осветли боиштето, та двете линии – полската и
козачката – мошне добро се гледаа, како и боите на барјачињата на копјата, па
дури и лицата на ратниците. Тогаш веќе и Вјершуљ, Поњатовски и Кушељ беа в оган
и труд, оти сотирајќи ја толпата, беа стигнале на крилата козачки, која што под
нивната навала, зеде да се повлекува узбрдо. Друга боречка линија ги свитка
краевите кон градот, зашто додека полските крила напредуваа, средината обратно
– постиснувана од надмоќната сила козачка, отстапуваше према кнезот. Полетеа
три нови козачки ополченија да ја раскинат, но во тој замав кнезот ја пушти
драгонијата на Барановски и таа ја закрепи снагата на борците.
Со кнезот остана
саде хусаријата – оддалеку некој би рекол црна шума која тука израснала, грозна
буица на железни луѓе, коњи и копја. Вечерното ветре над нив ги виореше
бајрачињата, а тие стоеја мирно, не помрднувајќи се без заповед за бој –
стрпливи, бидејќи беа прекалени и во толку битки испробани, та знаеја дека
крвавото учество нема да ги заобиколи. Меѓу нив, кнезот во сребрена опрема, со
златна булава в рака, ги вперил очите во битката – од левата страна стоеше
Скшетуски, малу в страна. Ракавот, како поручник, го завратил па држи во
снажната, до калт гола рака, наместо боздоган – гадар и мирно чека команда.
А кнезот левата
рака ја наднел над очите поради пожарот и ја посматра битката. Средината на
полската полумесечина леко се витка кон него, совладувана од поголема сила,
зашто не долго ја поткрепуваше Барановски, оној истиот што го уништи Њемирово.
Демек, ја гледаше како на дланка кнезот тешката работа војничка. Долгата
секавица од сабји час се креваше над црната линија од глави, час исчезнуваше
при ударите. Коњи без јавачи излетуваа из оваа лава од борци и р‘жејќи, трчаа
по рамницата, а гривата им се виореше при светлоста од пожарот, налик на
пеколно сениште. Понекогаш, црвен барјак, кој се вееше над гужвата, нагло ќе
паднеше во масата, за повеќе да не се дигне. Меѓутоа, кнезовиот поглед идеше и
преку боречката линија, дури до горе, кон градот, каде што на чело на две
одбрани ополченија, стоеше младиот Кшивонос, чекајќи згоден момент да јурне во
средината и да ги сломи начнатите полски редови.
И скокна конечно,
летајќи со стравична вика, право на драгоните на Барановски, ама баш тој миг го
чекаше и кнезот.
-Води! – викна
Скшетускому.
Скшетуски го
подигна во вис гадарот и железната буица потече напред.
Не трчаа долго,
бидејќи бојната линија значително им се имаше приближено. Драгоните на
Барановски се раздвоија со секавична брзина десно и лево, за да и’ отворат пат
до козаците на хусаријата, додека таа низ вратницата бувна со сета своја
тежина на веќе победничките Кшивоносови сатнии.
-Еремија!
Еремија! – повикаа хусарите.
Еремија! –
повтори целата војска.
При страшното
име, козачките срце затреперија. Тек сега видеа дека противниците не ги
предводи киевскиот војвода, туку самиот кнез лично. Впрочем, тие ионака не
можеа да им пружат отпор на хусарите, кои со својата тежина ги гмечеа, како што
ѕидот што се руши ги гмечи под себе луѓето врз кои паѓа. Единствен спас им беше
да се раздвојата на две страни, да ја пропуштат хусаријата крај себе и да ја
удрат од бок. Арно ама, боковите веќе беа бранети од страна на драгоните, со
леките стегови на Вјершул, Кушељ и Поњатовски, кои што крилата козачки ги
потиснаа и ги нагнаа према среде. Сега изгледите за исходот се промени, бидејќи
овие леки стегови создадоа нешто како улица, по чија што средина со вртоглава
брзина летеа хусари, смачкувајќи, кршејќи, потиснувајќи и соборувајќи коњи и
коњаници, а пред нив со урлање бегаа козаците узбрдо, кон градот. Да можеше
крилото на Вјершул да се состави со Поњатовски, ќе беа опколени и исечени сите
до еден. Сепак, ни Вјершул ни Поњатовски не можеа тоа да го извршат поради
големата навала на бегалци, та само ги сечеа од боковите, толку што рацете им
отрпнаа од удари.
Младиот Кшивонос,
иако храбар и див, кога виде дека неговото неискуство нема да може да се мери
со кнежевото, сосема ја загуби главата и зеде со останатите да бега кон градот.
No comments:
Post a Comment